Партијата на Македонците од Албанија бара во Пустец да се постави биста на Борис Малески
Објавено во: Македонија 01 Ноември, 2024
Партијата на Македонците од Албанија, Македонска алијансата за европска интеграција, МАЕИ, поведе иницијатива да се постави биста на првиот учител од Преспа, Борис Малески, во дворот на училиштето „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиевски“ во село Пустец во Албанија.
„Иницијативата ја презедовме по повод 80-годишнината од изучувањето на мајчиниот македонскиот јазик во Преспа и како напор да се оддаде и овековечи споменот за Борис Малевски, првиот учител по македонски јазик од ова наше сакано подрачје. Тоа во чест на неговиот особен придонес, бидејќи ќе послужи не само како почит на учителот Малевски, туку и како извор на инспирација за сегашните и идните генерации, овековечувајќи ги вредностите што тој ги застапувал“, информираше за МИА, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
„На сите познат како учителот Боре, тој даде извонреден придонес во образованието на преспанските села, борбата против неписменоста и развивањето на образованието на македонски јазик. Со отворањето на седумгодишното училиште во Пустец, тој беше назначен за прв директор, служејќи не само како учител, туку и како инспирација на заедницата, со убедување дека ‘учењето и учените луѓе се иднината на Преспа’. За неговите заслуги во образованието, на предлог на писателот Стерјо Спасе, Малески беше одликуван од власта за неговите достигнувања во образованието“, додава Стерјовски.
За исполнување на оваа цел, посочува тој, доставено е барање до локалната власт на општина Пустец за поддршка во преземањето на сите неопходни законски мерки и во одобрувањето на одлуката за поставување на бистата на одредената локација.
Стерјовски верува дека Советот на општина Пустец ќе даде поддршка за оваа иницијатива, која ќе „означи важен чекор во зачувувањето на македонската историја и култура во Преспа“.
фото Википедија/Decius