Хотел Молика за прв пат со позитивен резултат, проект за изградба на спа центар
Објавено во: Економија 14 Април, 2024
ЕСМ објави дека хотелот Молика на Пелистер за прв пат во последните 30 години оствари позитивен финансиски резултат на годишно ниво и започна постапката за изградба на Спа центар во рамки на туристичкиот објект.
- Управниот одбор на Државните електрани даде зелено светло за предлог - финансиската конструкција за изградба на Спа центар во Хотел Молика, меѓудругото, и заради одлично завршените реконструктивни зафати во Хотелот Молика кои беа изведени за првпат после 30 години откако објектот е изграден, а кои наидоа на исклучително позитивни реакции во битолската и македонската јавност. Исто така, за првпат откако постои, Хотел Молика минатата година ја заврши со позитивен финансиски резултат, што внесува дополнителна доверба во АД ЕСМ дека и изградбата на Спа центарот во Хотелот Молика ќе биде реализирана според планот кој друштвото го зацрта, објави ЕСМ.
Од таму додаваат дека санирана е целокупната застарена водоводна инсталација и инфраструктура од зафатот во Ротинска река до резервоарите за вода и системот за дозирање со резидуален хлор, како и базенот во кој се влива оваа вода, во непосредна близина на хотелот. Тоа е предуслов за изградба на Спа центарот кој значително ќе го зголеми квалитетот на понудата на Хотел Молика.
- Паралелно со овие зафати, ЕСМ Молика работи на обезбедување на потребната документација од надлежните државни институции и од Општина Битола за почеток на градежните работи. Покрај Спа центар во кој гостите ќе се рекреираат и ќе уживаат, предвидена е изградба и на фитнес сала со поглед на моликовата шума, додадено е во информацијата.