И МАКЕДОНЦИТЕ ПРАКТИКУВААТ ДА БИДАТ СОЛО ПАТНИЦИ: Сепак, има еден фактор што малку ги поматува нивните планови
Објавено во: Македонија 11 Ноември, 2024
Дел од македонските граѓани кои се љубители на патувањата, немаат проблем сами да заминат во странство. Од туристичките агенции велат дека има луѓе кои сами заминуваат на одмор. Сепак, oние кои сакаат да патуваат сами, ќе треба да платат поскапо за сместувањето. Од агенциите додаваат дека има млади, но и повозрасни луѓе кои сами тргнуваат на патување. Ако решиле да патуваат, а немаат со кого, или пак не сакаат да зависат од друг, одат и сами.
„Нема граница, лани имавме тројца млади на возраст од 25 до 30 години, сите посебно патуваа. Има и повозрасни госпоѓи што патуваат сами. Повозрасните се самци, ако брачниот партнер е починат, а младите веројатно сакаат да патуваат сами. Зборувам за патувања во Грција, а има и луѓе што одат сами и за авионските патувања. Секогаш е поскапо за самец, со тоа што се трудиме да им направиме отстапка, инаку да, за жал се плаќа за еден и зависи, во хотел или во апартман, се покрива 50-60-80 отсто од сумата за другиот патник, кој го нема во конкретниот случај и мораат да покријат самите. Тоа е дискутабилно. Се трудиме да компензираме, колку - толку да биде избалансирано“, вели Александар Чоневски од туристичката агенција „Игуана Травел“ од Скопје.
Странците немаат проблем да патуваат сами и да истражуваат нови земји и култури. Тој тренд го практикуваат и дел од нашите граѓани.
„Има патници кои патуваат сами, но тоа не се случува често во градов. Сега младите се поопуштени, не им е проблем да патуваат сами, но проблем се финансиите, затоа што ќе им излезе поскапо. Ако се пријави некоја жена сама, бара да ја поврземе со некоја друга клиентка за патувањето. Парите се пресудни. И да има некој желба, можеби би тргнал сам, но еднокреветната соба им се фаќа поскапо. Странците патуваат сами, затоа што финансиски можат тоа да си го дозволат“, додаваат од битолска туристичка агенција.
Анкетиравме граѓани за тоа дали имаат искуство како соло патници. Некои луѓе категорично велат дека никако не би тргнале сами на пат, посебно ако се работи за шетање. Сепак, помладите позитивнo одговорија на прашањето.
„Сум била сама на патување, во Хрватска. Не се двоумев дали да тргнам“, вели Јована Ристовска, млада девојка.
Друга малку повозрасна жени објаснува дека посетила повеќе дестинации патувајќи сама.
„Бев во Турција, во Истанбул, а летово сама заминав во Дојран и планирам наскоро да одам во Нови Сад. Не можам да зависам од други. Моите пријателки работат во приватен сектор и не секогаш се слободни. Кога ќе тргнеш на пат, не си сам, ниту во автобус, ниту во хотел, никаде не си сам. Сум била сама и во Франција. Жал ми е што нема поголем избор преку агенциите за кратки екскурзии“, вели кумановка.
Друга жена вели дека би заминала сама, но досега тоа не го искусила.
„Зошто да не? Би одела. Знам блиски што одат сами на патувања“, додава Катерина Стојановска, граѓанка.
Податоците oбјавени во странските медиуми покажуваат дека по пандемијата на коронавирусот, бројот на патници кои сакаат да патуваат сами е речиси двојно зголемен од 14 отсто во 2019 година на 23 отсто во 2021 година.
Во светот досега имало многу рангирања на земји кои се најдобри за соло патници. На овие листи се најдоа и балкански дестинации како Родос во Грција, Сплит во Хрватска, а како безбедна за соло патници беше истакната и Словенија. Исланд, Финска, Австрија, Швајцарија и други европски држави ги рангираат како места кои се безбедни за соло патници.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.