ИМАМЕ СНЕЖНА И ПОСТУДЕНА ЗИМА: Како таа ќе влијае на хибернацијата на дивите животни?
Објавено во: Македонија 30 Декември, 2024
Во Македонија сега имаме снежна зима, со малку постудено време за разлика од претходно и тоа ќе влијае на хибернацијата на дивите животни.
Александар Павлов од Македонското еколошко друштво(МЕД) вели дека пониските температури, па и обилниот снег, се нормална појава на која е навикнат овдешниот животински свет. При ниски температури многу животни (помалите особено) влегуваат во т.н. хибернација, своевиден длабок сон, во кој го забавуваат својот метаболизам и со тоа „штедат“ во потрошувачката на енергија. Ниските температури како што вели Павлов, поттикнуваат хибернација.
„Од друга страна, мека зима не поттикнува хибернација, а тоа значи дека поголемите животни (на пр., мечките) може да се активираат и порано, во услови кога храна наоколу нема. Ова донекаде е поврзано и со т.н. фенолошки циклус кај растенијата, кој зависи од сезонските температурни промени. Така, при задоцнета зима или нагло опаѓање на температурите напролет, може да дојде до уништување на пупките, а со тоа да се наруши плодоносењето кај растенијата. Ова влијае на достапноста на храна во природата, поради што дивите животни бараат алтернатива – најчесто во човечките населби. Оттука, не може да се утврди директна поврзаност на еден фактор со дадена појава, туку се работи за сплет на фактори и околности. Но, кога станува збор за конфликтот на човекот со дивите животни, мора да се нагласи и нашата лична и општествена одговорност – какви практики користиме за управување со отпадот, како ги штитиме пчеларниците и стадата, и, општо, како се однесуваме во природа. Диви животни имало отсекогаш, а навидум зачестените средби можеби упатуваат на вознемиреност и раздвиженост, а не на зголемен број. Ова не е лесно да се утврди, а бара редовен мониторинг и внимателно обмислени мерки за заштита и управување“, додава Павлов.
Зимава во некои места имаше и над 60 сантиметри снежна покривка. Во 2023 година, мечките влеваа страв кај жителите во западниот дел на државата. Мештаните на дебарските села често ги гледаа мечките како се шетаат во потрага по храна. Во 2024 година имаше голема раздвиженост на змии, а имаше и неколку каснати граѓани. После зимскиот сон, змиите излегуваат да бараат храна и да се размножуваат. Во летото, во деновите со температури над 35 степени имаше поголема фреквенција на влекачи.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/EyeEm