ИНДИЈА БАРА ПОГОЛЕМА ФЛЕКСИБИЛНОСТ ВО САНКЦИИТЕ ПРОТИВ РУСИЈА: Се однесува на забраната за увоз на дијаманти
Објавено во: Свет 07 Декември, 2023
Претседавачот на индискиот совет за промоција на извозот на накит (GJEPC), Випул Шах, денеска изјави дека земјите од Групата седум (Г7) треба да имаат поголема флексибилност во спроведувањето на забраната за индиректен увоз на руски скапоцени камења.
Во средата, Г7 објави директна забрана за увоз на руски дијаманти почнувајќи од 1 јануари, по што ќе следи постепено воведување ограничувања за индиректниот увоз на руски скапоцени камења од 1 март.
Спроведувањето на таа одлука во голема мера ќе зависи од Индија, каде што се одвива 90 отсто од светското производство на сечење и полирање на ретки скапоцени камења, објави Ројтерс.
Шах посочи дека Индија не е задоволна од најавениот рок за спроведување на тие ограничувања и оцени дека треба да има поголема флексибилност во однос на тие рокови.
GJEPC рече дека ќе работи со Светскиот совет за дијаманти (WDC) и други засегнати страни за да се минимизираат потенцијалните нарушувања во индустријата за дијаманти, која вработува милиони луѓе.
Индиската индустрија веќе се соочува со пад од 29 отсто на извозот на исечени дијаманти од пред една година.
Индиските фабрики за дијаманти одамна престанаа да купуваат руски дијаманти и веројатно нема да се соочат со предизвици во усогласувањето со одлуката на Г7, изјави директорот на Кама накит, Колин Шах.
Фото: Притнскрин/Твитер