Индија со предупредување: внимавајте кога правите зделки со фирмите на Субрата Рој!
Објавено во: Економија 24 Февруари, 2013
Индиското регулаторно тело СЕБИ и официјално ги предупреди партнерите и потенцијалните соработници со компаниите на милијардерот Субрата Рој. Медиумите во Индија јавуваат дека регулаторот ги предупредува инвеститорите и јавноста да бидат внимателни во бизнис зделките со оваа групација.
"Сите плаќања со Sahara India Real Estate Corp Ltd, Sahara Housing Investment Corp Ltd како и со тројцата директори -Vandana Bhargava, Ashok Roy Choudhary и Ravi Shankar Dubey, да се прават на сопствен ризик “, посочува регулаторот на пазарот во Индија, СЕБИ.
Контроверзниот бизнисмен и натаму ја бранува јавноста и во Индија, но, и во Македонија со оглед на најавените грандиозни проекти.
Тим на Рој е присутен во Македонија Според информации на Фактор, тим на Субрата Рој деновиве престојува во Македонија и на средби со претставници од македонските институции ги прецизира деталите околу најавените инвестиции. И покрај сите контроверзи што се појавија околу овој милијардер кој во сопствената земја е посочен дека измамил 2 милиони граѓани поради што судовите му наложија да плати околу 5 милијарди долари отштета, сепак македонските власти, уверуваат дека најавените инвестиции во земјава ќе се реализираат и дека нема да се случи ништо слично на она за што е обвинет во Индија. Дополнително како аргумент штио власта го посчоува за бизнисите на Субрата Рој е неговите средби со Дејвид Камерон во Велика Британија, како и инвестициите што тој таму ги има.Од компанијата на милијардерот пред неколку дена во соопштение посочија дека се неправедно обвинети и дека вистината ќе излезе на виделина.
“Сите овие случувања се непродуктивни, апсолутно непотребни и залудни. Исто така, за жалење е што без каква било вина на Сахара, компанијата непотребно се соочува со директни и индиректни штети по угледот и во материјална смисла. Сите овие случувања произлегуваат поради одмазда која може да влијае и врз еден милион работници на Сахара Индија Паривар која има максимално придонесено за оживување на стопанството по индиската железница. Ниту еднаш не задоцнила со плаќања во изминатите 34 години, секогаш 25 проценти од профитот го наменувала за социјални цели, 40 проценти од профитот го трошела за работниците, а 35 проценти од профитот останувал во компанијата, покажала квалитетен раст и е предмет на истражување на јапонскиот универзитет и на американските најдобри институции, никогаш не била посочена за погрешна работа од кое било министерство или институции на власта, не заработила ниту една рупија по пат на нелегален бизнис, компанија која е најголем промотор на спортот во земјата и секогаш си ги исполнувала обврските согласно и во духот на законот како основни етички вредности“, стои во соопштението.
Сахара груп ги уверува нивните бизнис партнери и соработници дека се работи на нивните проекти, домашни и меѓународни, и оти продолжуваат без какви било последици. Компанијата тврди дека е неправедно обвинета првпат во изминатите 34 години од своето работење и очекува дефинитивно вистината да излезе на виделина.
Сепак, индиското регулаторно тело СЕБИ, со одлука на Врховниот суд нареди компаниите на милијардерот Субрата Рој, да вратат околу 5 милијарди долари на измамените 2 милиони граѓани, а бидејќи парите не се враќале согласно предвидената динамика од државата, сметките на компнииите на Рој, како и на директорите беа замрзнати.