ИНФЛАЦИЈАТА ЗАБРЗУВА, без мерки ни се закануваат социјални немири, ценовните притисоци ќе продолжат и следниве месеци, велат економистите
Објавено во: Економија 08 Јули, 2022
Инфлацијата забрзува, а ако продолжи темпото на раст и на забрзување на поскапувањата ни се заканува дополнителна економска криза, но и можни социјални немири. Ова го посочува економистот Здравко Савески, кој за Фактор потенцира дека неизбежни се мерки кои ќе го сузбијат растот на цените на производите.
Според професорот Марјан Петрески, од втората половина на година може да се очекува стабилизацијата на ценовните притисоци, а позначајно смирување на ценовните притисоци веќе од следната година.
Какви се реалните можности за сузбивање на ценовните притисоци и какви очекувања треба да имаат граѓаните за стабилизација на цените анализираат нашите соговорници.
- Последните бројки покажуваат дека инфлацијата збарзува. Пред два месеци на месечно ниво таа изнесуваше два отсто, потоа се зголеми на 2,2 проценти, а минатиот месец, или последниот месец за кој ДЗС објавува податоци достигнува 2,8 проценти на месечно ниво. Пред тоа трошоците на живот на месечно ниво растеa за 1,2 или 1,6 отсто... Ова упатува на заклучок оти инфлацијата забрзува. Сега веќе не е проблемот само фактот дека инфлацијата е висока, туку и фактот дека таа забрзува. Ова е спротивно на проекциите на Народна банка дека инфлацијата овој период ќе се намали. Напротив бројките покажуваат раст, и раст кој забрзува, па доколку власта не преземе мерки за да ја спречи инфлацијата, таа ќе продолжи да расте - вели Савески и посочува оти укинувањето на мерките за намалување на цените на основните прехрамбени продукти било во многу погрешен момент.
Дополнува дека дека носењето на дополнителни мерки ќе биде нужно, со цел да се спречи уште поголемо осиромашување на населението.
- Ако Владата не презема мерки инфлацијата ќе прерасне во економска криза, а може да се претвори и во социјални протести од лица кои ќе бидат отпуштени и осиромашени. Сведоци сме на една од најголемите стапки на инфлација последниве години, која дури сметам дека е уште поголема од официјлните бројки. Доколку во пресметката се зголеми учеството на горивата инфлациајта ќе биде уште поголема. Сега за бензините ДЗС даваат само 3 проценти пондерирање, а цените на бензините изминатиов период се зголемија за дури 60 проценти. Несфатливо е да имаат горивата толку мал уддел во потрошувачката на домаќинствата. Поради малото учество ударот не е толку голем, и затоа и инфлацијата не е екстра голема. Дека е само три отсто лично не верувам, што значи можно е инфлацијата да е уште поголема - посочува Савески.
Универзитетскиот професор, Марјан Петрески, појаснува од зголемувањето на инфлацијата во јуни не е поволен показател, што граѓаните го чувствуваат овој период, посебно во поглед на цените на основните продукти и храната, и цените на енергентите односно цените на нафтата, бензините и електричната енергија. - Јунските движења кај цените се сосема очекувани и можеа да се предвидат, од две главни причини. Првата е развојот на глобалните случувања, опстојувањето на конфликтот во Украина, понатамошните санкции кон Русија, но и одговорот на Русија првенствено во однос на снабдувањето на европскиот континент со гас. Втората причина е што во домашната економија нагло престанаа да важат сите даночни и други мерки кои имаа за цел да го олеснат ценовниот притисок за граѓаните. Позитивно е што Владата го прифати повикот на домашната експертска заедница за свртување кон таргетирани наместо кон линеарни мерки за ублажување на ефектите од ценовните движења, но линеарните мерки престанаа одеднаш, и скоро без можност да се процени и продискутира дали можеби пристап на т.н. „phase-out“ ќе беше подобар, а од друга страна таргетираните мерки се' уште не сме ги виделе ниту на хартија, да не зборувам за нивната имплементација, која еве денес 8 јули се' уште ја нема - посочува професорот Петрески.
Според него, иако е тешко да се каже како ќе се одвива состојбата во следниот период, сепак, може да се очекува стабилизација на цените.
- Во однос на тоа како ситуацијата ќе се развива понатаму, генерално тешко е да се прогнозира во услови на нагласена неизвесност сврзана со геополитичките очекувања. Со информациите што ги имаме сега, очекувам дека бројката за растот на цените и во јули ќе остане релативно висока, вклучително и како резултат на порастот на цената на струјата за домаќинствата, а од август натаму очекувам овие притисоци благо да попуштат, меѓу другото и поради повисоката споредбена основа од лани. На месечно ниво очекувам дека ќе настане одредено намалување/стабилизирање на ценовниот пораст. Да потсетам дека и Народната банка во неколку наврати реагираше со инструментите на монетарната политика, што влијае стабилизирачки во оваа ситуација. Што ќе се случува во текот на зимата на пазарите на енергенти е тешко да се предвиди, но добро е што постои свесност за предизвиците во тој поглед и дека навреме ќе се преземат чекори за ублажување на ситуацијата. Со информациите кои се сега на располагање, позначајно смирување на порастот на цените би требало да се очекува следната година - потенцира Петрески.
П.О.