28 Ноември, 2024
0.0308

Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

ИНТЕРВЈУ БИЛАЛ СУЏУБАШИ: Новата докапитализација е потврда за стабилноста и сигурноста на Халкбанк и за посветеноста кон нејзиниот раст на македонскиот финансиски пазар

Објавено во: Економија 14 Август, 2023

Добивај вести на Viber

Новата докапитализација од 30 милиони е дваесетта по ред. Ние ваква поддршка од нашата матична банка од Турција добиваме откако дојдовме во Северна Македонија и таа беше неопходна за да можеме да ја оствариме целта – да станеме една од најголемите банки во државата. Денес Халкбанк е силен бренд, дел од големата банкарска петорка и една од системски значајните банки во државата. Од моментот на доаѓање на пазарот, денес станавме банка со актива од речиси 1,4 милиони евра, вели Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје. Со него зборуваме и за резултатите од работењето, влијанието на Граѓанската обврзница врз депозитите, растот на каматите, општествената одговорност и друго.

Првото полугодие од годинава, според достапните информации, од банките кои котираат на Берзата, по сѐ изгледа беше одлична за банкарскиот сектор и покрај фактот дека ефектите од кризата сѐ уште се тука. Како работеше Халкбанк во првите шест месеци од годинава?

Суџубаши: Првото полугодие од годинава за Халкбанк помина добро бидејќи имаме пораст во сите сегменти од работењето. Имаме зголемување на активата, на кредитирањето, на депозитната база, а со тоа и на профитот. На крајот на јуни, нашата актива изнесуваше 1.397 милиони евра, што претставува зголемување за 181 милион евра во однос на истиот период лани. Кредитирањето ни е во пораст и изнесува 965 милиони евра, што е за 94 милиони евра повеќе од истиот период лани, додека депозитната база ни се зголеми за 142 милиони евра и сега изнесува 1.077 милиони евра. Во овој период остваривме профит од 7,6 милиони евра, додека во истиот период лани тој беше 3,4 милиони евра.

Овие бројки најдобро покажуваат дека работевме добро. Како и секогаш се трудевме да испорачаме производи во согласност со потребите на нашите клиенти, било да се работи за корпоративниот сектор, било за секторот население.

Народна банка од почетокот на годината пет пати ја зголеми основната каматна стапка, со цел намалување на инфлацијата. Односно, од почетокот на кризата спроведува затегната монетарна политика, која би требала да влијае и на намалување на кредитирањето. Сепак, последните податоци на НБ покажуваат само мало намалување на обемот на кредитирање. Каква е состојбата во Халк, кои се вашите најголеми клиенти во сегментот кредитирање?

Суџубаши: Наш најголем клиент во поглед на кредитно портфолио се компаниите. Кредитирањето на корпоративниот сектор споредено со истиот период лани е зголемено за речиси 100 милиони евра. Минатата година заклучно со јуни 2022 банката имаше одобрено кредити во висина од 459 милиони евра, кои во вториот квартал од 2023 достигнаа износ од 554 милиони евра... Тоа значи дека на компаниите им требаа средства за нови инвестиции или за обртни средства.  

Најмногу кредити, во висина од 303 милиони евра, се одобрени кон големите фирми. Следат малите компании кои имаат земено кредити во висина од 124 милиони евра, средните – 75 милиони евра и микро компаниите – 52 милиони евра. За нас, секако, сите клиенти се важни, но познато е дека им посветуваме посебно внимание на микро, малите и средни претпријатија и тоа е така откако дојдовме на македонскиот финансиски пазар, бидејќи тоа е и политика на нашата матична банка. И тоа мислам дека се препознава, а го потврдуваат и бројките околу кредитирањето на овој сектор. Веројатно и токму затоа последниве години постојано сме прв избор на новоформираните компании бидејќи кога избираат банка како нивен депонент, веројатно размислуваат дека во Халкбанк ќе можат да добијат поддршка за својот бизнис.

И во новонастанатата ситуација се потрудивме да испорачаме производи во согласност со потребите на пазарот и на клиентите. Имаме повеќе, би рекол специфични кредитни производи за различни потреби и цели. Еве на пример, нашиот последен таков производ, кој го нарековме Пакет за жени, е наменет за микро, мали и средни претпријатија каде доминантни основачи или сопственици се жени и претставува наша поддршка за вклучување на жените во бизнисот. Ова го сметаме за важно бидејќи не само овде, туку насекаде во светот, постои голем јаз меѓу правата на мажите и жените во сите сфери, а тоа особено е изразено во економијата. На глобално ниво се преземаат акции за помош и поддршка за поголема вклученост на жените во бизнисот. Затоа и ние во Халкбанк сметавме дека е соодветно да им дадеме поддршка, да ги охрабриме, поттикнеме да започнат и да ги реализираат своите идеи...

Кога сме кај домаќинствата, се забележува благо намалување во однос на кредитирањето во износ од околу 3 милиони евра. Односно, од 413 милиони евра лани, кредитирањето на секторот население се намали на 410 милиони евра. Ова секако беше очекувано бидејќи со растот на каматите на кредитите и во услови на висока инфлација граѓаните, да речам, два пати размислуваат пред да пресечат. Сепак, имаме побарувачка на сите видови кредити. Најбаран, стандардно ни е  потрошувачкиот кредит, бидејќи е ненаменски и тука кредитирањето ни е во висина од 225 милиони евра, а веднаш потоа станбениот со околу 149 милиони евра.

Минатиот месец беше распишана аукција на Граѓанската обврзница. Државата на овој начин собра 23,5 милиони евра. Дали ова се одрази на банкарскиот сектор во поглед на намалување на депозитната база? Дали Халкбанк, како една од петте најголеми банки во државата, почувствува намалување на заштедите?

Суџубаши: Не, речиси воопшто не се почувствува. Видете, сумата која ја собра државата е голема, но сепак е мала во однос на депозитната база на банките која изнесува 5,4 милијарди евра. Ние, на пример, во однос на јуни 2022 година имаме зголемување на депозитите за 142 милиони евра и шестмесечјето го завршивме со депозитна база од над милијарда евра. Од овие средства 488 милиони евра се заштеди на граѓаните, а 430 милиони евра се на компаниите.

Имаме најразлични депозитни производи кои се креирани според барањата и потребите на клиентите. И секако имаме атрактивни каматни стапки, кои, слободно можам да кажам, се највисоки на пазарот. На пример, нашиот Промо летен депозит моментално е со каматна стапка од 3,8%.

Мислам дека идејата на државата беше со Граѓанската обврзница, на некој начин да се канализираат парите што се чуваат „под перница“, и со тоа да се намали и сивата економија. И се покажа дека даде ефект бидејќи е собрана сума речиси два и пол пати поголема од проектираната.


Долго живеевме во време на ниски каматни стапки. Европа се бореше со дефлација, камати на депозити речиси и да не постоеја, па дури во некои банки во ЕУ се наплаќаше негативна камата, за чување на средствата. Сега речиси секој месец каматите растат. Народната банка од почетокот на годината пет пати ја зголеми основната каматна стапка. Едно ваше гледање на состојбите.

Суџубаши: Глобалната криза која започна со руско-украинскиот конфликт доведе до рекордно зголемување на инфлацијата која во многу земји во светот стана двоцифрена и е инфлација каква што немало од 90тите наваму. За одржување на среднорочната ценовна стабилност, централните банки настојуваат да ги стабилизираат инфлациските очекувања преку затегнувањето на монетарната политика, односно со покачување на основната камата, со што делуваат врз притисоците од страната на побарувачката.

Со последната корекција од страна на Европската централна банка, основната каматна стапка, по која комерцијалните банки можат да добијат свежи пари од ЕЦБ, сега се искачи на 4,25 проценти. На крајот на ланската година таа беше 2,50 проценти. Клучната каматна стапка на ЕЦБ последен пат беше толку висока на почетокот на глобалната финансиска криза, во октомври 2008 година.И кај Банката на федерални резерви на САД исто така референтната каматна стапка е на највисоко ниво во последните 22 години.

Дали ќе има ново зголемување на каматите, според најавите, ќе се види во септември и секако ќе зависи од тоа колку се успеало во намалување на инфлацијата. Среднорочната цел е таа во Еврозоната да се врати на ниво од 2%. Во јули беше 5,3%.

И кај нас, од април, кога основната каматна стапка беше 1,25%, па наваму, Централната банка, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност, направи неколку нејзини корекции и истата моментално е на ниво од 6,15%. Добро е што имаме забавување на инфлацијата и таа, според последните податоци, е 8,4% што е драстичен пад од јануарските 17,1 отсто.

Понатамошните движења на основната камата, а со тоа и каматите на банките, секако ќе зависат од растот на економијата во земјите од ЕУ и од глобалните случувања врзани за конфликтите кои ја предизвикаа кризата. Ова е многу важно и за нас бидејќи ЕУ, особено Германија, е наш најголем трговски партнер. Стравување постои особено околу цената на енергијата, бидејќи летото изминува и доаѓа период кога има зголемување на потребите за енергија.

Што се однесува до нас, следејќи ги сигналите кои доаѓаат од Народната банка, Халкбанк АД Скопје во неколку наврати направи нагорни корекции во каматните стапки и на кредитите и на депозитите. И овие сигнали ќе ги следиме во наредниот период и според нив, но и според движењата на пазарот и во економијата, ќе ја креираме нашата деловна политика.

Неодамна направивте нова докапитализација, дваесетта откако како банка сте на македонскиот финансиски пазар. Нови 30 милиони евра дојдоа од вашата матична банка, Халкбанк АШ Турција која е ваш единствен акционер. Зошто ви беше потребна нова докапитализација?

Суџубаши: Халкбанк АД Скопје деновиве изврши зголемување на капиталот за нови 30 милиони евра, што претставува поддршка од нашиот главниот акционер – Халкбанк АШ Турција. Ние ваква поддршка од Турција добиваме откако дојдовме во Северна Македонија и таа беше неопходна за да можеме да ја оствариме целта – да станеме една од најголемите банки во државата.

Токму со таква поддршка, и во поглед на воведувањето нови услуги и следење на светски трендови во банкарството, ние успеавме за само 12 години да бидеме дел од големата банкарска петорка и една од системски значајните банки во државата. Од загуба која ја наследивме кога ја презедовме ИК банка, станавме банка со актива од речиси 1,4 милиони евра.

За да го постигнеме ова, секако ни беше потребен дополнителен капитал. Бидејќи доколку имаме соодветно ниво на капитал, истиот може да се искористи за кредитирање на компаниите и населението, да се воведат нови услуги и технологии и со тоа да се обезбеди раст на банката. Банката континуирано добива поддршка во поглед на капиталот од својот главен акционер. И тоа не престанува. Истовремено, секоја година го зголемуваме капиталот со реинвестирање на добивката која ја остаруваме во Северна Македонија, а се со цел да се обезбеди одржлив и здрав раст.

Новата докапитализација е потврда за стабилноста и сигурноста на Халкбанк и посветеноста кон нејзиниот раст на македонскиот финансиски пазар.

Дел сте од Стопанската комора на Македонија - Турција (МАТТО) која неодамна објави дека донирала средства во висина од еден милион евра за изградба на средно училиште во турскиот град Малатја, во регионот кој беше погоден со катастрофалниот земјотрес, што е убав гест. Зошто се одлучивте токму за изградба на школо?

Суџубаши: На почетокот на февруари катастрофални земјотреси го погодија централното подрачје на Кахранманмараш-Пазарџик во Турција и однесоа речиси 50 000 животи, уништија градови и населени места, оставија стотици илјади луѓе без покрив над главата и предизвикаа огромни материјални штети. Северна Македонијакако земјакоја и самата има искусено катастрофален земјотрес, веднаш се вклучи во помош на Турција и турскиот народ. Покрај Владата, општините, во обезбедување помош се вклучија и многу организации и волонтери, се организираа многу акции за собирање на најнеопходното, но и донаторски акции во кои граѓаните и компаниите донираа средства за подрачјата погодени со катастрофалните земјотреси.

Во рамките на ваквите акции се вклучи и МАТТО во чие име во нашата банка беше отворена донаторска сметка. Многу компании, членки на комората, но и надвор од неа, несебично донираа средства. Тука сакам да споменам дека во Комората не членуваат само компании со турски капитал. Наши членки се и Алкалоид, ЕВН, ИГМ, Пуцко Петрол, Макстил, Витаминка и многу други.

Ние како банка во тој период донесовме одлука да донираме 500.000 евра за настраданите. Во овие 12 години колку што постои како бренд и се развива во Македонија, Халкбанк секоја година целокупниот профит сразмерно го распределува за реинвестирање, за грижа за вработените и за инвестирање во проекти од општествена одговорност во земјата. Овој пат решивме да ја покажеме нашата хуманост и кон Република Турција, каде што делува нашата матична банка, и кон народот на Турција кој се соочи со неизмерно тешка ситуација.

За училиште се одлучивме бидејќи тоа претставува трајна вредност и секогаш ќе потсетува на пријателството меѓу македонскиот и турскиот народ и позитивно ќе влијание врз животите на безброј млади и ќе обезбеди посветла иднина за жителите на Малатија.

Впрочем, во Скопје и денес 60 години по катастрофалниот земјотрес, сѐ уште постојат училиштата Јохан Хајнрих Песталоци или Јан Амос Коменски, кои се изградија како донација од Швајцарија, односно Чешка.

Изградбата на училиштето го реализиравме заедно со сите членки на Комората и со поддршка на Министерството за образование и Црвениот Крст на Република Северна Македонија, како и на Сојузот на турски невладини организации во земјава (МАТУСИТЕБ) и Здружението ЕСНАФ.

Училиштето ќе го носи името „Северна Македонија“ кое нема да може да се менува сѐ додека постои училишната зграда. Исто така, на училниците и одредени области на училиштето ќе им бидат дадени имињата на градови во Северна Македонија (Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Штип, Куманово, итн.). На овој начин, не само што ќе се почитува богатото наследство на Северна Македонија, туку и ќе се инспирираат учениците да негуваат меѓународно разбирање.

Како банка сте многу активни на полето на општествената одговорност и сте убав пример на компанија која вложува во општеството и во заедницата. Кои се основните цели на овие ваши активности?

Суџубаши: Деловен императив на Халкбанк АД Скопје е висока свест за корпоративната општествена одговорност. Впрочем, основна филозофија на нашата матична банка е преку корпоративна одговорност да се поддржува заедницата во која делуваме. И ние оваа филозофија максимално се трудиме да ја реализираме во Северна Македонија и се трудиме да помогнеме за зголемување на општото добро  за луѓето, природата, средината, културата и спортот.

Во изминативе години сме поддржале многу спортски, културни, образовни и еколошки настани и организации. Годинава наша поддршка добија трката Скопје трча 10 километри, охридскиот Бич филм фестивал, Галичник филм фестивал, продолживме со поддршката на Литера, на студиото Булфрогс, Зоолошката градина во Скопје и други. Исто така, во рамките на нашиот ангажман за поддршка на жените, дониравме за жените жртви на насилство, ја поддржавме и организацијата Women in Tech која го промовира зајакнувањето на  улогата и вклученоста на жените во општеството, со фокус на четири главни столбови образование, бизнис, дигитална вклученост и застапување.

Всушност, нашите глобални планови за општествена одговорност се одвиваат во рамките на платформите – ХалкЕко која претставува наша зелена агенда, потоа Халки која е насочена кон поддршка за најмладите во делот на образованието и едукацијата, платформата - Чуварите на мудроста во чиј фокус е постарата генерација, онаа од која можеме да научиме многу и новата Вистински Слободна – платформа за поддршка на жените претприемачки и за зголемување на финансиската слобода на жените.

Морам да кажам дек сме навистина особено среќни што Халкбанк на македонскиот пазар е препознаена како ЕКО ориентирана банка. Нашите активности кои започнаа со апликацијата ХалкЕко, многу брзо се проширија така што апликацијата прерасна во платформа преку која даваме поддршка на активности кои се во насока на поттикнување здрави животни навики и заштита на животната средина. Особено сме горди на акциите за пошумување во рамките на кои досега се засадени над 33 000 садници.

Освен што сме поддржувачи  на низа спортски активности, низа трки и натпревари, а исто така, како банка сме организатори и на хронометар велосипедската трка ХалкВелоГрин.

Кои се следни активности во сегментот на општествената одговорност?

Суџубаши: Прва на ред ни е нашата хронометар велосипедска трка ХалкВело грин која по четврти пат ќе ја организираме на 8ми Септември во Маврово. Ја започнавме во време на пандемијата и големиот одзив ни даде мотив да продолжиме и затоа таа веќе е традиционална трка. Интересот за оваа трка која има за цел подигање на свеста за потребата од спортување и грижа за природата од година во година расте, а учесниците освен што се натпреваруваат, се забавуваат и се дружат.

Се натпреваруваат жени, мажи и деца, од сите возрасти, а за најдобрите обезбедуваме секоја година и награди. Но всушност, најдобрата награда е да се помине еден убав ден во прекрасното Маврово, да се спортува, да се дружиме и забавуваме. И сите заедно да придонесеме кон негување здрави животни навики и подигање на свеста од потребата за поголема грижа за природата.

Потоа следи Манаки филм фестивал каде годинава ќе бидеме спонзори. Поддршка ќе дадеме и на Европското првенство во ракомет за жени. Ќе донираме изградба на Еко детско игралиште во новиот парк „Радост“ во Аеродром што треба наскоро да почне да се гради, како и изградба на нови ХалкЕко корнери, какви што веќе изградивме во општина Карпош и во Гостивар. Можеби ќе има и други проекти бидејќи за Халкбанк – наше мото е „Важни се луѓето“, што значи општото добро на луѓето и на заедницата се секогаш од посебно значење. 

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ВОРЕН БАФЕТ ГО ПРОМЕНИ ТЕСТАМЕНТОТ: „Не сакам да создадам династија“

ВОРЕН БАФЕТ ГО ПРОМЕНИ ТЕСТАМЕНТОТ: „Не сакам да создадам династија“

ГЕРМАНИЈА НАЈАВИ КРЕДИТ ОД 24 МИЛИЈАРДИ ЕВРА: Ќе гради транспортна мрежа за водород

ГЕРМАНИЈА НАЈАВИ КРЕДИТ ОД 24 МИЛИЈАРДИ ЕВРА: Ќе гради транспортна мрежа за водород

ЈАПОНСКИОТ АВТОМОБИСКИ БРЕНД ИТНО БАРА ИНВЕСТИТОР, РЕНО ГО НАПУШТА: Мерките за спас е многу болни

ЈАПОНСКИОТ АВТОМОБИСКИ БРЕНД ИТНО БАРА ИНВЕСТИТОР, РЕНО ГО НАПУШТА: Мерките за спас е многу болни

РУСКАТА ЦЕНТРАЛНА БАНКА ГО УТВРДИ КУРСОТ: Колку рубљи се потребни за купување еден долар?

РУСКАТА ЦЕНТРАЛНА БАНКА ГО УТВРДИ КУРСОТ: Колку рубљи се потребни за купување еден долар?

5,2 милиони евра за енергетски реформи – започна имплементацијата на ИПА 3, ЕУ-фондови за одржлива енергија

5,2 милиони евра за енергетски реформи – започна имплементацијата на ИПА 3, ЕУ-фондови за одржлива енергија

Подгответе се за Black Friday во Рамстор Мол и во сите Рамсторе Маркети - Големи попусти и многу забава

Подгответе се за Black Friday во Рамстор Мол и во сите Рамсторе Маркети - Големи попусти и многу забава

МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 450 ЕВРА МЕСЕЧНО - Дурмиши вели дека за тоа се потребни законски измени, ќе се одлучува во декември

МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 450 ЕВРА МЕСЕЧНО - Дурмиши вели дека за тоа се потребни законски измени, ќе се одлучува во декември

ИНТЕРВЈУ СО ДИРЕКТОРКАТА НА ЗАВОДОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА СЛОВЕНИЈА: Наша цел е кандидатите да се вработат кај добри работодавци

ИНТЕРВЈУ СО ДИРЕКТОРКАТА НА ЗАВОДОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА СЛОВЕНИЈА: Наша цел е кандидатите да се вработат кај добри работодавци

ЕСМ бара изведувач за две фотонапонски централи

ЕСМ бара изведувач за две фотонапонски централи