05 Мај, 2024
0.0242

Никола Џамбазовски, Главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје

ИНТЕРВЈУ ЏАМБАЗОВСКИ: Клиентите на Комерцијална банка имаат верен партнер за сите нивни финансиски потреби

Објавено во: Финансии, Интервјуа 13 Ноември, 2023

Добивај вести на Viber

Со гордост можам да кажам дека Комерцијална банка е првата и засега единствена банка која во нашата земја им овозможи на клиентите целосно дигитално ажурирање на личните податоци, активирање електронска банка и отворање платежна сметка од далечина. Со користење на дигиталниот идентитет, како и на електронскиот потпис за еднократна употреба, секој процес кој досега бараше лична посета на шалтер, сега може да се направи далечински, од која било точка на земјината топка. Преку сите овие услуги, функционалности и современи канали на комуникација, заедно со нашите клиенти успешно ги надминуваме времето и просторот како предизвици на современото живеење, вели во интервју за Фактор Никола Џамбазовски, главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка. Во разговорот за нашата редакција тој најавува дека оваа банка за брзо време ќе понуди целосно редизајнирани мБанка и Интернет банка, кои на клиентите ќе им ја обезбедат веќе докажаната функционалност и едноставност во управувањето со личните финансии, но ќе им понудат и многу повеќе. За ова навистина ќе имаме што да кажеме наскоро, потенцира Џамбазовски во интервјуто за Фактор

Господине Џамбазовски, според последните податоци на Народната банка на Македонија, граѓаните во земјава чуваат во домашните банки дури 5,44 милијарди евра, сума која постојано расте. Во време кога постојат и многу други опции за вложување на слободните пари, ова покажува дека нашиот човек, сепак, ја преферира банката. Дали ова значи дека после сите кризи и искушенија во минатото, нашиот банкарски сектор ужива целосна доверба кај граѓаните? Или, пак, можеби е поттикнат од повисоките камати на депозитите, кои претходно беа доста ниски и помалку атрактивни?

Џамбазовски: Во генерална смисла, работењето на банките се базира на довербата на клиентите и на пошироката општествена заедница, и затоа стабилноста секогаш е најважна карактеристика на банкарството. Особено во динамично опкружување со голем број промени, нови финансиски инструменти и иновации мора да го задржите елементот на едноставен и разбирлив пристап кон клиентите, кој се базира на сигурноста на нивните средства.

Се разбира дека и висината на каматните стапки има големо влијание на целокупната депозитна база и токму затоа Комерцијална банка имаше неколку зголемувања на каматните стапки, пред сѐ на долгорочните депозити. Во овој момент, комбинацијата на двата елементи, сигурноста на влогот и висината на каматната стапка, ни дава за право да веруваме дека имаме конкурентен производ кој ги задоволува потребите на клиентите. 

Како член на врвниот менаџмент на најголемата македонска банка, може ли да ни кажете што е тоа што банките ги прави толку атрактивни за штедачите во услови кога имаат можност да инвестираат и во недвижности, во акции на Берзата, во купување државни хартии од вредност, можеби во криптовалути?

Џамбазовски: Со задоволство може да констатирам дека во земјата постои култура на штедење и висока на доверба на граѓаните во банкарскиот систем. Оваа доверба е тестирана и во неповолни економски движења и во кризи од различен вид. Сите заедно, но пред сѐ ние кои сме директно одговорни за заштедите на граѓаните треба да ја негуваме оваа доверба како исклучително важен елемент за вкупниот економски и општествен развој. 

Комерцијална банка години наназад ја има водечката позиција на пазарот во однос на довербата на штедачите и на тоа сме особено горди. Банката учествува со 28 отсто во вкупните депозити на физичките лица и само за првите девет месеци од годината имаме раст на долгорочните депозити од 60 милиони евра. Очекувам овој тренд да продолжи.

Во однос на останатите алтернативи на инвестирање, сметам дека поголем дел од населението е свесно за различното ниво на ризик и очекуван принос. И секој ги носи одлуките врз база на личниот апетит и спремност за прифаќање на тој ризик. Имајќи предвид дека таа лепеза на потенцијални производи е доста широка (од недвижен имот до криптовалути) секогаш го повторувам истиот совет кон клиентите, инвестирајте во финансиски инструменти за кои имате доволно познавања за да го процените ризикот од истите. 

Банките, следејќи ги сигналите од НБМ и зголемувањето на основната камата, ги зголемија каматните стапки на штедните влогови. Дали чувствувате зголемен интерес кај граѓаните за вложување предизвикан токму од повисоките камати, особено ако имаме предвид дека претходно тие беа доста ниски и помалку атрактивни?

Џамбазовски: Како што веќе истакнав, висината на каматната стапка е еден од факторите кои имаат силно влијание врз одлуката за вложување на личните средства во штеден производ. Ова особено е видливо кај долгорочните штедни влогови, кај кои се нудат и највисоки каматни стапки. Се обидуваме преку стимулативни каматни стапки да влијаеме позитивно и на постојните штедачи кои имаат можност да ги зголемат своите штедни влогови.

Пазарните услови се менуваат, каматните стапки некогаш одат нагоре, а некогаш надолу. Затоа градиме цврсти и долгорочни релации со нашите клиенти, секогаш кога сме во можност нудиме повисоки стапки, но уште поважно нудиме сигурност на нивните заштеди. 

И покрај повисоките каматни стапки, штедењето во денари никако да ги надмине износите на влоговите во странска валута и покрај тоа што се повисоки каматните стапки. Зошто е тоа така и како може да се поттикне денарското штедење?

Џамбазовски: Штедењето во денари не го надминува штедењето во евра, но оваа година евидентен е трендот на константно зголемување на ороченото штедење во денари. Иако не забележуваме значајна конверзија на орочени девизни депозити во денарските депозити, сепак забележуваме поголем пораст во апсолутен износ на денарски орочени депозити во однос на девизните. Тоа значи дека голем дел од новите штедачи се одлучуваат да штедат во денари наместо во девизи.  

Сметам дека врз овој константен тренд, односно врз враќање на довербата кон денарот, покрај зголемените каматни стапки кај денарските депозити влијаат и довербата во банкарскиот систем, како и стабилниот девизен курс.

Растот на каматите на депозитите најмногу е последица на зголемувањето на каматните стапки на кредитите. Како зголемувањето на овие каматни стапки влијае на интересот на граѓаните за подигнување кредити?

Џамбазовски: Тоа влијание на активните и пасивните каматни стапки насоки е двонасочно. Точна е констатацијата дека има зголемување на каматните стапки на кредитите, но секогаш внимаваме тоа зголемување да е умерено и во прифатливи рамки за клиентите. Тоа особено се забележува кај кредитите за физички лица, каде банките ги зголемија каматните стапки, но со помал пораст во однос на реалните пазарни услови.

На пример, станбените кредити во Комерцијална банка се со каматни стапки кои почнуваат од 3,3 отсто на годишно ниво, што во овие услови е доста прифатливо, а би рекол и исплатливо за клиентите. Убеден сум дека ова е правилен пристап бидејќи за нас е значаен и самиот квалитет на кредитното портфолио. Преголемо оптоварување на клиентите може да доведе до зголемен кредитен ризик и проблеми во наплатата на побарувањата.

Забележливо е дека во изминатата година Комерцијална банка понуди станбени и потрошувачки кредити со различни промотивни услови. Исто така, доста е атрактивна и можноста за кредит со вклучено животно осигурување или осигурување од неможност за отплата, кои се своевиден новитет на пазарот во земјава. Колку тоа придонесува за поголем интерес кај граѓаните за подигнување кредит и кои се бенефитите од овие опции за кредитокорисниците?

Џамбазовски: Во понудата на кредитни производи нудиме можност за станбен и потрошувачки кредит со вклучено животно осигурување преку Триглав Осигурување Живот АД Скопје, како и можност за потрошувачки кредит со вклучено осигурување од неможност за отплата преку Триглав Осигурување АД Скопје. Овие производи имаат атрактивни каматни стапки, но главната придобивка е сепак можноста клиентите да се обезбедат од непредвидливи настани и грижи.

Со вклученото животно осигурување се обезбедува отплата на кредитот од страна на осигурителната компанија во случај на немил настан за кредитобарателот како последица на несреќен случај (незгода) или болест. На тој начин семејството не е дополнително оптоварено со преземање на долгот и на кредитните обврски на кредитокорисникот, што е особено важно за клиентите кои често се главни носители на најголемиот приход во семејството. Вклученото осигурување при неможност за отплата на кредитот има низа бенефити за клиентите и покрива ризици како: престанок на работен однос, привремена спреченост за работа (боледување), инвалидитет како последица на несреќен случај, како и немил настан поради незгода.

Сите овие неизвесности се дел од секојдневието и влијаат врз сите аспекти од животот, а особено доаѓаат до израз кога треба да се донесе некоја позначајна финансиска одлука. Клиентите сѐ повеќе ги препознаваат придобивките од овие можности и ги перципираат како инвестиција во својата иднина и сигурност на нивното семејство.

За што најмногу се задолжуваат македонските граѓани и преку каков вид продукти: кредити, картички, минуси на сметки...?

Џамбазовски: Кредитното портфолио за население долги години наназад има структура во која потрошувачките и станбените кредити се најзастапени кредитни производи. Поседувањето станбен простор за живеење е еден од главните мотиви за наменско кредитно задолжување на македонските граѓани. Кај нас сѐ уште е присутна културата на купување, а не на рентање станбен простор, што сметам дека е позитивна карактеристика која ќе опстои и во наредниот период.

Потрошувачките кредити, пак, се користат за задоволување различни потреби и желби на граѓаните, како што се купување трајни потрошни добра, патувања, школувања и слично. Кредитните картички и дозволените пречекорувања, и покрај помалата застапеност во кредитниот колач, сепак се значајни за дневното менаџирање на финансиите на граѓаните и особено за брз и едноставен пристап до средства без разлика каде се наоѓате во моментот.

Може да забележиме дека имате и кампања „Префрли плата во Комерцијална банка“ со бонуси за новите клиенти. Што значи оваа понуда за потенцијалните клиенти?

Џамбазовски: Комерцијална банка е најголемиот поддржувач на реалниот сектор во земјата и тоа нѐ прави особено горди. Планираме таа улога да ја задржиме и во иднина затоа што овој наш придонес значи севкупен економски развој и подобар животен стандард на населението.

Но, граѓаните се исто така нашиот значаен фокус и за нив имаме голема и атрактивна понуда на производи и услуги. Банката промовираше нова поволност наменета за примателите на плата „Префли плата во КБ и добиј бонус за добредојде“. Оваа поволност за потенцијалните клиенти значи дека секој корисник кој ќе почне да прима плата на платежна сметка во Банката, добива 1.000 денари промотивен бонус за добредојде, а по примени три плати на сметката, ќе добие и дополнителен бонус од 1.000 денари. Ако во промотивниот период корисникот отвори и нова кредитна картичка, добива уште 1.000 денари бонус, односно вкупно 3.000 денари. Овие средства се префрлаат директно на платежните сметки на корисниците и се достапни за користење.

Покрај финансискиот бенефит на кампањата кој е евидентен, овие корисници имаат можност да користат и други производи и услуги кои ги нуди Банката: современи дигитални канали кои овозможуваат 24/7 пристап до средствата, платежни картички - инструмент кој овозможува лесно и безбедно плаќање и подигнување готовина каде било во светот, 24/7 пристап до широката мрежа на банкомати и современите дигитализирани експозитури. Како новите, така и постојните корисници исто така имаат можност да направат и избор од понудата на пакет услуги за физички лица, каде се вклучени бројни дополнителни поволности за личните финансии.

Оваа понуда е еден гест на добредојде, како прв чекор за долготрајна соработка, во која клиентот добива верен партнер за сите негови финансиски потреби.

Дигитализацијата после Covid-периодот се наметна како императив не само во банкарската, туку и во сите други индустрии. Може да се забележи дека Комерцијална банка оваа година беше доста активна со понуда на бројни дигитални услуги?Што значат овие новитети за клиентите?

Џамбазовски: Дигитализацијата започна со појавата на персоналните компјутери и Интернетот, а дополнително се забрза со масовната употреба на паметните телефони. Во целост се согласувам со Вас дека по Covid-периодот сите ги почувствувавме промените кои ги придвижија и насочија не само развојот на индустриите, туку и потребите и навиките на потрошувачите. Во овој период, наместо дигитална еволуција, светот доби дигитална револуција. Затоа Комерцијална банка интензивно инвестира во јакнењето на своите капацитети, особено во делот на иновации и технолошки развој.

Со гордост можам да кажам дека Комерцијална банка е првата и засега единствена банка која во нашата земја им овозможи на клиентите целосно дигитално ажурирање на личните податоци, активирање електронска банка и отворање платежна сметка од далечина или т.н. Дигитален оnboarding на клиенти. Со користење на дигиталниот идентитет, како и на електронскиот потпис за еднократна употреба, секој процес кој досега бараше лична посета на шалтер, сега може да се направи далечински, од која било точка на земјината топка.

Иако Комерцијална банка беше пионер и за прв пат во нашата земја со својата апликација KomPay го воведе концептот за дигитализација на платежни картички во смартфон, задоволни сме што од средината на 2023 година во земјава беше овозможено и плаќање преку Google Pay, а тука е и можноста за плаќање со Garmin часовниците. За овие нови сервиси имаме одличен одзив и навистина беа поздравени како новитет, особено од страна на помладата популација, чие живеење некако се пренасочува кон мобилните телефони и уреди. Со нетрпение очекуваме и Apple Pay да стане достапен во нашата земја во наредниот период.

Комерцијална банка ги нуди своите дигитални услуги во дигитализираните зони во експозитурите, кои работат 24/7,но секако еден од најважните  делови се дигиталните канали, односно Интернет банката и мобилната апликација мБанка, кои се навистина едноставни и лесни за користење. Поради бројните функционалности, како постојан увид во сметките, вршење на сите видови трансакции, можност за аплицирање за кредит или кредитна картичка, ажурирање лични податоци, промени на лимити за картички, брзи плаќања, како „Подели сметка“ или „Плати на пријател“ преку телефонски број и слично, тие претставуваат вистинска замена на традиционалното банкарство и обезбедуваат 24/7 пристап до средствата на клиентите. Во изминатите неколку месеци во мБанка оозможивме две нови функционалности “Плати на пријател” и “Подели сметка”, преку кои клиентот на интуитивен и брз начин, без да пополнува стандарден платен налог, може да префрли средства на друго лице, односно да се подели некој заеднички трошок помеѓу неколку пријатели.

Задоволство ми е да најавам и дека за брзо време ќе понудиме целосно редизајнирани мБанка и Интернет банка, кои на клиентите ќе им ја обезбедат веќе докажаната функционалност и едноставност во управувањето со личните финансии, но ќе им понудат и многу повеќе. За ова навистина ќе имаме што да кажеме наскоро.

Преку сите овие услуги, функционалности и современи канали на комуникација, заедно со нашите клиенти успешно ги надминуваме времето и просторот како предизвици на современото живеење.

Дали и колку клиентите на банките се подготвени да се откажат од шалтерите и да се префрлат на дигитално банкарство?

Џамбазовски: Во изминатите неколку децении, а особено во последните неколку години банкарството поминува низ брзи и динамични промени. Доколку во минатото клучен беше директниот контакт во експозитурите денес мора да сте подготвени да ги задоволите барањата на клиентите преку форма и начин кој за нив е посакуван. Сите бараме услугите да ни се достапни во кое било време на едноставен и ефикасен начин.

Затоа го истакнав дигиталниот идентитет како значајна новина. Од почетокот на оваа година досега, повеќе од 2.000 наши клиенти го користат дигиталниот идентитет, а во првите три месеци, неколку стотина лица ја искористиле услугата Дигитален оnboarding и станале клиенти на Банката без посета на експозитура. Наскоро Банката на своите клиенти ќе им овозможи и склучување договори за дозволено пречекорување и за потрошувачки кредит преку Интерент банка и мБанка, со нивно потпишување преку електронска идентификација.

Крајна цел ни е да бидеме прва целосно дигитална банка, што подразбира достапност на сите услуги преку електронска идентификација. И ова не е статичка цел, туку процес кој постојано ќе се надоградува со најновите технички стандарди и корисничко искуство.

Имајќи предвид дека дигитализацијата станува сѐ поприсутна, дали може да очекуваме згаснување на шалтерите во банките?

Џамбазовски: Во целиот овој процес на иновации и дигитализација мора да сме свесни дека не сите имаме идентични афинитети и желба за промени. Сосема е нормално клиентите да имаат различни барања и мораме да биде во можност прво да ги разбереме, а потоа и да одговориме на истите.

Комерцијална банка има голема мрежа на филијали и експозитури и таа форма на интеракција со нашите клиенти ќе остане сѐ додека постои интерес за тоа. Но, во исто време, и во рамките на самите експозитури отвараме целосно автоматизирани зони кои работат 24/7, 365 дена во годината. Преку нив секој наш клиент може да изврши уплата и исплата на готовина од својата сметка, да замени девизи во денари и да ги плати сите основни сметки. Овие зони заедно со електронското банкарство нудат модерно и ефикасно корисничко искуство и очекувам сѐ поголем број наши клиенти да ги користат.

Господине Џамбазовски, за периодот од првите девет месеци од годинава Комерцијална банка буквално одржа лекција по тоа како се прави профит, прикажувајќи чиста добивка од дури 50 милиони евра, досега незабележано во македонската историја. Кој е рецептот?

Џамбазовски: Успешниот финансиски резултат можеме да го гледаме низ призмата на добрите деловни одлуки во тековната година, но мислам дека тој пред сѐ се должи на долгогодишно градење доверба кај нашите клиенти. Тоа што Комерцијална банка има убедливо најголема депозитна база ни овозможи во услови на повисоки каматни стапки да ги пласираме тие средства на домашниот и на меѓународниот пазар, а во исто време да ја зголемиме и поддршката на домашните компании и на граѓаните.

Затоа резултатот на Комерцијална банка е одраз на долгорочната одржливата стратегија и успешен бизнис модел, кој ги следи највисоките деловни стандарди, а не само на поединечни добри и профитабилни одлуки. Тоа ни дава силно уверувањедека доколку продолжиме и понатаму со јасен фокус на стабилноста, внимателен пристап кон кредитниот ризик, иновации и грижа за нашите клиенти, резултатите ќе бидат долгорочни.

Особено би сакал да го истакнам придонесот на сите вработени кои се нашиот главен ресурс. Комерцијална банка е единствена од големите банки на пазарот која не е дел од меѓународна групација и развојот на нашите производи, иновации и воопшто процесот на деловни одлуки е заслуга на интерните тимови во банката од различни области. 

Централните банки ширум светот паузираат со зголемувањето на основните камати, но се покажува дека цените и инфлацијата тешко се доведуваат до посакуваните нивоа. Какви се Вашите прогнози за наредниот период?

Џамбазовски: Инфлацијата се намалува, но сѐ уште е далеку над таргетот од 2 отсто на годишно ниво. После неколкукратни зголемувања на основните каматни стапки, ЕЦБ и ФЕД решија во моментот да ги задржат постојните стапки, но со јасна дистинкција дека оваа одлука може да се менува врз база на реалните пазарни индикатори. Искуството нѐ учи дека економските проекции на долг рок се поблиску до категоријата претпоставки и убедувања отколку реален индикатор. Затоа би се фокусирал на краток и среден рок. Може да очекуваме пролонгиран период на задржување на постојното ниво или благо зголемување на каматните стапки, но во секој случај премногу е рано да се размислува за нивно намалување.

Стабилизирањето на каматните стапки и инфлацијата секако имаат позитивен ефект од аспект што економските субјекти полесно можат да ги вградат овие параметри во цените на нивните производи и услуги. Предвидливоста на економските текови треба да даде подобра база за зголемување на вкупните инвестиции како основа за економскиот развој.

На крај, треба да имаме предвид дека инфлацијата не е врзана само со монетарните параметри, туку таа зависи од глобалната економска и политичка стабилност, која пак ги детерминира очекувањата и однесувањата на економските субјекти. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ОВИЕ РАСТЕНИЈА МОЖАТ ДА ДОНЕСАТ ВИСТИНСКО БОГАТСТВО: Годишно може да се заработат 40.000 евра, само еден грам зачин чини 40 евра

ОВИЕ РАСТЕНИЈА МОЖАТ ДА ДОНЕСАТ ВИСТИНСКО БОГАТСТВО: Годишно може да се заработат 40.000 евра, само еден грам зачин чини 40 евра

„МИНАТА ГОДИНА БЕШЕ 15, А СЕГА 350 ЕВРА, ОВА Е СРАМ ЗА ХРВАТСКА“ Превирања во популарното туристичко место поради огромниот скок на цените

„МИНАТА ГОДИНА БЕШЕ 15, А СЕГА 350 ЕВРА, ОВА Е СРАМ ЗА ХРВАТСКА“ Превирања во популарното туристичко место поради огромниот скок на цените

АКО ЛЕТОВО ОДИТЕ ВО ЦРНА ГОРА, БИДЕТЕ ВНИМАТЕЛНИ, ЌЕ ЛЕТААТ КАЗНИ ДО ИЛЈАДА ЕВРА: Еве зошто властите одлучија да ги казнуваат туристите

АКО ЛЕТОВО ОДИТЕ ВО ЦРНА ГОРА, БИДЕТЕ ВНИМАТЕЛНИ, ЌЕ ЛЕТААТ КАЗНИ ДО ИЛЈАДА ЕВРА: Еве зошто властите одлучија да ги казнуваат туристите

АКО ВО СРБИЈА ВИ СЕ ОТВОРИ ШАНСА ДА РАБОТИТЕ НА ОВИЕ МЕСТА, ЌЕ ДОБИЕТЕ „МРСНА“ ПЛАТА: Некои професии се плаќаат и 300 илјади денари

АКО ВО СРБИЈА ВИ СЕ ОТВОРИ ШАНСА ДА РАБОТИТЕ НА ОВИЕ МЕСТА, ЌЕ ДОБИЕТЕ „МРСНА“ ПЛАТА: Некои професии се плаќаат и 300 илјади денари

КАКО Е ДА СЕ БИДЕ РАБОТНИК ВО ШПАНИЈА: Се грижат за менталното здравје, а еве ги нивните плати

КАКО Е ДА СЕ БИДЕ РАБОТНИК ВО ШПАНИЈА: Се грижат за менталното здравје, а еве ги нивните плати

ПАРКИНГ ПРОСТОР НА ПРОДАЖБА ЗА „САМО“ 500 ИЛЈАДИ ЕВРА: Има само 18 метри квадратни, а се наоѓа на зелен простор! Еве каде е овој луксуз

ПАРКИНГ ПРОСТОР НА ПРОДАЖБА ЗА „САМО“ 500 ИЛЈАДИ ЕВРА: Има само 18 метри квадратни, а се наоѓа на зелен простор! Еве каде е овој луксуз

КОЛКУ ЗАРАБОТИЈА РУСКИТЕ ОЛИГАРСИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИНВАЗИЈАТА ВО УКРАИНА: сега има многу повеќе милјардери!

КОЛКУ ЗАРАБОТИЈА РУСКИТЕ ОЛИГАРСИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИНВАЗИЈАТА ВО УКРАИНА: сега има многу повеќе милјардери!

ЦЕНАТА НА ЗЛАТОТО ПАДНА, НАФТАТА ПОД 84 ДОЛАРИ - Европските и американските берзи бележат раст

ЦЕНАТА НА ЗЛАТОТО ПАДНА, НАФТАТА ПОД 84 ДОЛАРИ - Европските и американските берзи бележат раст

СТРАВ ОД ОДМАЗДА - веќе не се зборува за конфискација на руски имот

СТРАВ ОД ОДМАЗДА - веќе не се зборува за конфискација на руски имот