Интервју Герасимовски: Немаат проекти, имаат „фотељашки“ амбиции“, јас нудам решенија за сите генерации и сите делови од Центар
Објавено во: Македонија 10 Октомври, 2025 08:10
Нудиме решенија за сите граѓани, за сите генерации, за сите делови на Центар и за сите области, вели во интервју за Фактор градоначалникот на Општина Центар и кандидат за нов мандат, Горан Герасимовски.
Добар градоначалник, според него е добар домаќин, кој знае со јавните ресурси да врати на сите. Ветува дека доколку биде повторно избран, ќе има еколошки нископеден автобус за потребите на ПОЦ, кој бесплатно ќе ги носи жителите до излетничките места во Скопје како Водно, Матка, Катланово, но и во пазарните денови до центарските пазари.
„За 4 години, реализиравме 13 милиони евра капитални инвестиции. Не се задолживме, и го намаливме наследениот долг за скоро 1 милион евра“, вели Герасимовски.
Смета дека противкандидатот од ЗНАМ, но и другите кои се кандидираа за градоначалник на Центар немаат Програма, немаат поддршка, немаат желба и енергија.
„Тоа ги прави нервозни и затоа се што прават се лаги, манипулации и негативна кампања. Но, пак ќе речам, граѓаните од тоа се уморни и не поддржуваат празни приказни и „фотељашки“ амбиции“, рече Герасимовски во интервјуто за Фактор.

ФАКТОР: Кои се проектите со кои одите пред граѓаните, да ја барате нивната доверба за втор градоначалнички мандат во Центар?
Герасимовски: Проектите се бројни, и тие се логична последица на најмалку две работи. Остварените резултати од високата реализација на претходната Програма и второ, најважно, на потребите и барањата на граѓаните на Центар. Знам дека граѓаните во оваа кампања, ќе се изнаслушаат се и сешто, и многу важно е да ги поврзат било кои проекти со кредибилитетот и интегритетот на кандидатот што истите ги ветува. Јас не говорам на памет, туку сите предложени работи се резултат на интензивна четиригодишна работа, комуникација со граѓаните, со експертите, со познавачите на состојбите. Така работам, многу слушам, се консултирам, проверувам, подготвувам и потоа кога ќе се донесе одлуката, барам ефикасност и резултати.
Накратко, проектите се проверени, остварливи и дел од нив се во напредна фаза на подготовка. Тие не се на хартија, тие не се идеја, туки тие се целосно подготвени. Немам простор за сите, но ќе набројам дел од нив, пред се капиталните. Како што сами ја направивме најдобрата градинка во Македонија, во населбата Пролет, за 173 дечиња, веќе имаме локација и проект за иста таква, нова градинка, кај Клинички Центар, за над 100 деца.
Имаме и локација, која ја покажав на пензионерите и јавноста, и се работи на идеен проект за прв во Скопје, општински дом за стари лица. Како што на две училишта, ООУ „Киро Глигоров“ и ООУ „Кирил и Методиј“ и градинката „Раде Јовчевски-Корчагин“, објект „Пепелашка“, поставивме фотоволтаични централи, така продолжуваме и со сите останати 6 основни училишта, а во втора фаза и градинки. На ист начин, постапуваме и за катна гаража во Буњаковец и продолжување на монтажниот паркинг во Капиштец до потегот на цветниот пазар. Во ООУ „Димитар Младинов“ имаме План за целосна реконструкција на затворениот базен и изградба на нов во ООУ „11 Октомври“, два базени кои ќе бидат достапни за сите ученици во Центар. Ја започнуваме изградбата на граѓанско-административната зграда, која повеќе ќе биде наменета за граѓаните, со свои простории за сите, за бизнис акцелератори, за учење на вештини, за нови технологии за сите генерации. Таа ќе биде и архитектонски најмногу „стаклена“ за да биде реален приказ на транспарентноста и отвореноста.
Реконструираме над 30 нови улици, пјацети и маала. Ја зголемуваме финансиската поддршка за новороденчиња за 50%, стипендиите ги зголемуваме за 50%, помошта на пензионерите со ниски пензии за 100%, од 2500 на 5000 денари. За учениците од 1. до 4. одделние воведуваме бесплатен оброк, а за учениците од 5. до 9. одделение бесплатна тематска национална екскурзија „Ја сакаме Македонија“. На потегот кај цветниот пазар сакам да направиме нов кварт за развој на социјалното претприемништво и да ги поддржиме креативните, мали и семејни бизниси и современо занаетчиство. Во самиот финиш сме, и во текот на октомври ќе ја видиме новата спортска сала „Работнички“, како симбол на Центар и градскиот парк, во која сакам да создаваме нови генерации на победници и спортски легенди. И претходната и сегашната Влада обезбедија финансиска поддршка за реконструкција на спортската сала „Работнички“, што покажува дека со заедничка работа може да се постигнат резултати од значење за граѓаните.
Тоа е добар пример за соработка. Иако секогаш имало пречки од институцинален, административен или било кој друг карактер, јас не сакам да се жалам и кукам, туку да работам и да реализирам проекти важни за граѓаните.Има уште многу проекти во новата Програма и ги замолувам граѓаните на Центар да се запознаат со неа. За најголем дел од проектите, наскоро, во Ноември, по изборите, на граѓански буџетски форуми ќе ги презентираме и тие ќе бидат дел од новиот Буџет за 2026 година. Тоа е најдобра потврда дека проектите се живи, вистински и реални. И за нив, почнуваме со работа веднаш.
ФАКТОР: Велите дека имате реализирано 92% од програмата. Кои се оние 8% кои не се реализираа и кои беа пречките?
Герасимовски: Да, има дел од проектите кои од многу причини, најмногу поради надворешни фактори, пред се катастрофата наречена градоначалник на Град Скопје, не се реализираа. Но, постојано велам, немам намера да барам оправдувања. Лично сакав да ја завршиме граѓанско-административната зграда и монтажниот паркинг во Капиштец досега. И не се повлекувам, тие мора да се завршат. За 4 години, реализиравме 13 милиони евра капитални инвестиции. Не се задолживме, и го намаливме наследениот долг за скоро 1 милион евра. Веќе во 2026 година, општината нема да има долг по основ на кредити. Или пак, обезбедувањето на униформи за сите основци, го пролонгираше бесплатниот оброк и екскурзијата за следната година. За мене, а верувам и за граѓаните, најважно е да се остварат ветувањата, да се завршат проектите. Успехот е заеднички, а обврските мои и на мојот тим.
ФАКТОР: Кои се барањата на жителите на Центар, што треба да се подобри во следните четири години?
Герасимовски: Колку и да се сработи, секогаш има потреба од повеќе и подобро. Центар е жив организам, се развива и се менува на подобро, граѓаните со право сакаат најдобри услови за живот. Во тоа ги поддржувам и за тоа работам. Граѓаните бараат ред и поредок, сакаат хигиена и безбедност, сакаат содржина и спокојство. И за тие барања е создадена Програмата, која ја креиравме долг период, преку консулатцијата на граѓанските форуми, маалските каравани и секојдневните средби. За сите надлежности на Општината, имаме решенија и проекти. За подобра хигиена имаме план, кој е видлив и јасен. Верувам дека конечно ќе ставиме крај на бучавата во критичните места, со поставување на бројни, јавни и паметни уреди кои ќе ја мерат бучавата 24/7, ќе се соопштуваат јавно параметрите и ние ќе постапуваме со нашите инспекциски служби, како и досега. Продолжуваме со интензивно зазеленување на Центар, со квалитетни, повеќегодишни садници, и тоа двојно, од досегашните 2000 на 4000 садници, паралелно со создавање на зелени оази секаде каде има простор, кој го мапиравме.
ФАКТОР: Сообраќајниот хаос е една од главните работи кои ги мачи центарци. Што ќе преземете за целосно да се реши овој проблем?
Герасимовски: Во право сте. Секој сака да биде во Центар и да има паркинг. Сосема јасно кажувам дека приоритет имаат жителите на Центар. Проблемот е сложен за секој град и центарско подрачје, особено за Скопје. Како градоначачник на Центар уверувам дека создаваме нови 1000 паркинг места, во Буњаковец, Дебар Маало и Капиштец. Целосно ги заостривме правилата за паркинг места за возила во новите градби и спречивме манипулации како во минатото. Плус, бараме и паркинг места за велосипеди во секоја нова градба. Јас лично цело време користам велосипед и ги зголемуваме субвенциите за велосипеди за центарци. Во Програмата ќе видите дека сакаме да набавиме за потребите на ПОЦ, еколошки нископеден автобус, кој бесплатно ќе ги носи нашите жители до излетничките места во Скопје, како Водно, Матка, Катланово, но и во пазарните денови, до центарските пазари. На овие работи можам и влијаам. И досега, и понатаму, инсистирам дека заеднички, сите општини и град Скопје, мора да имаме заедничко решение за вистински јавен превоз, кој е распаднат, и стручен, јавен и одржлив концепт за сообраќајот во најтесното градско јадро. Недозволиво е во 2025 година, граѓаните да гледаат нечист и блокиран град. Срамно е во денешно време на технологии и развој, да збориме за полни контејнери и немање автобуси. И затоа велам дека нема фајде од докажување кој е полош и кој е крив. Граѓаните немаат ама баш никаква корист од караниците и препукувањата на политичарите. Може и мора да се реши оваа ситуација, ако се сака. Јас сакам да бидам дел од решенијата за Центар, и ќе иницирам итна средба со новите градоначалници во Скопје.
ФАКТОР: Столпчиња или казни со целодневен полициски надзор - Што е подобра варијанта за несовесните возачи кои ги блокираат улиците?
Герасимовски: Нема едно, две или три екслузивни или единствени решенија. Нас ни фали заокружен систем. Прво, добар јавен превоз, за намалување на возилата. Второ, флуиден режим на сообраќај во тесните грла и во временските шпицови. Во локалните улици, со ПОЦ поставуваме столпчиња за да се ослободат тротоарите за пешаците, и да се спречи паркирање на возила на коловозот. Тоа го бараат и граѓаните, и има позитивни ефекти во таквите примери, како на улицата „29 Ноември“, кај Силбо или пак на улицата „Костурски Херои“, во Буњаковец, на пример. Јас секогаш сум за предност на превентивата, на подигнување на свеста и културата, на создавање услови да не се прекрши законот. Дури во крајна мерка, треба да се користат прекршоците и казните. ПОЦ има 3 т.н. пајаци, со кои се отстрануваат возилата, кои пречат во резидентните улици и маала, и го завземаат местото на жителите на Центар пред домовите. Приврзаник сум и за идејата да се креира комунална полиција, токму за овие, но и други работи.
Во Центар инициравме и посебен модел. Со граѓаните, заеднички со мене и со МВР, имавме граѓанска заштита на јавните површини, детски игралишта и реквизити, кои за жал, многу пати се уништуваат и вандализираат. Инициравме и едукативни програми во училиштата. Лично иницирав, да се воведе на централно ниво, законско решение за општествено корисна работа како санкција за родителите на малолетниците кои ги уништуваат јавните добра во Центар. Има решенија, кај нас има волја и капацитет за нив, и верувам дека ќе имаме подобрување.
ФАКТОР: Што е главното во вашата програма, што на гласачкото ливче ќе ги натера жителите на Центар да го заокружат Горан Герасимовски пред останатите кандидати?
Герасимовски: Кога се чита Програмата, може да се види дека таа е еден заокружен пакет. Има многу проекти и конкретни решенија. Она на што целосно лично инсистирав и работев, е да понудиме решенија за сите граѓани, за сите генерации, за сите делови на Центар и за сите области. Тоа е концептот, и затоа за мене се е главно и важно. За мене добар градоначалник е добар домаќин, кој знае со јавните ресурси да врати на сите. Јас не делев, туку обединував. Јас не ја водев општината од канцеларија и фотеља, туку бев на теренот. Внимавав да има помош и поддршка за сите, од најмлади до највозрасни, за сите урбани заедници и маала. Работев чесно и отворено. Не потрошив ниту еден денар за себе, за кафеани и дневници, и тие средства од Буџетот ги пренаменивме за социјални потреби, за ранливите граѓани. Работев отчетно и транспарентно и имавме отчети за секоја активност и работа, јавно достапни. Бевме високо оценети од УСАИД за степенот на транспарентност како општина.
Моите лични и семејни вредности за работливост, чесност, правичност и солидарност, ги внесов во општината како задолжителни. Јас не станав градоначалник за да барам друга функција, туку да работам, да сработам и само врз основа на резултати, аргументи,факти и проекти, да барам повторно доверба. Тоа е редот и така треба да биде. Од другата страна, имаме кандидат кој нема никакво знаење и искуство, седи година и пол во министерска фотеља, и никој глас нити слика не му видел. Од една фотеља, збори за друга функција. Не сработел ништо, а бара доверба за трето. Ветува зеленило, а директно е одговорен што Вардар на 2 км од Вруток, во Гостивар пресуши. Имаме и кандидатка која вели дека е независна, а секој ден бара потписи и пари за формирање на партија. Тоа е измама. За 3 месеци, не успеа со нејзините сопартијци да соберат 1000 потписи, а бараат доверба да водат општина со над 43 илјади жители. Таа работа не бива, и не поминува.
Затоа што немаат Програма, немаат знаење, а јас велам и не сакаат реално да работат за Центар, тие само измислуваат, манипулираат, лажат. И гледате дека не се занимавам со нив во кампањата, бидејќи верувам во силата и знаењето на граѓаните. На нив им ги оставам лагите и манипулациите и смешните видеа. На мојата страна ги имам резултатите, интегритетот, Програмата, искуството, чесноста и енергијата да работам. Тоа е пресудното за избор, и силно верувам дека имаме вистинска центарска граѓанска коалиција на овие избори во Центар.

ФАКТОР: Имате ли пречки од централната власт во овие година и половина?
Герасимовски: Посебни не. Пречки секогаш имало и ќе има, но ниту сакам да се жалам и кукам, туку да сработам. Ќе ви го кажам примерот во Центар за изминатите 4 години. Јас немав мнозинство во Советот на општината. Речиси пола мандат централната власт е од друга политичка партија. Но, ако се сака, може да се сработи. Креиравме посебна центарска политичка култура, во која не се важни партиите и високата политика. Јас не дозволив и нема да дозволам, во општината да се води висока, дневна, популистичка или ефтина политика. Не! Ние сите работевме заедно, и јас прифаќав и реализирав и други предлози и политики кои се во интерес на граѓаните.
За граѓаните не е битно кој што мислел или кажал, туку кој сработил, кој мисли добронамерно. Создадов и посебна коалиција со граѓанскиот сектор, преку директна поддршка на центарското „Јадро“. Сакам памет и помош да добивам од сите, и на крај да има резултат, бидејќи само тоа се брои и е важно. Оттаму, Центар и досега функционираше како целина, без блокади, како резултат на мојот таков пристап, и не зависи премногу од останатите.
ФАКТОР: Каква соработка очекувате во следните четири години доколку вие ја добиете довербата од центарци?
Герасимовски: Како и досега, ќе продолжам со системот „сите заедно“. Резултатите ги знаат граѓаните и јас верувам во нив. Сакам да продолжиме да работиме како целина, да се интегрираат проектите, да се остваруваат, да имаме коректен и културен натпревар на идеи и инцијативи. Сакам да имаме натпревар за најдоброто, да се бориме да бидеме подобри еден од друг. Верувам во тоа, колку и да изгледа идеалистички за Скопје. Во едно сум сигурен. Јас ќе понудам соработка со сите. Во сите области од ингеренциите на Општината сакам да го засилам граѓанскиот и експертскиот надзор. Да продолжиме со соработката со истакнати професори од Архитектонскиот и Градежниот Факултет, и тој пример да се зајакне со граѓанска и стручна експертиза во делот на сообраќајот, културата, образованието, спортот, финансиите, ревизијата итн. Буквално, надворешен стручен и контролен механизам за подобра општина, за подобри решенија.
ФАКТОР: Центар ќе добие борба СДСМ vs екс СДСМ (ЗНАМ). Очекувате ли понатамошна битка „на носталгија“ и напади или натпревар со она кој има подобри проекти и решенија за Општината?
Герасимовски: Од самиот почеток посакав среќа на сите кандидати и културен натпревар со проекти и решенија. Јасно е дека противкандидатот и другите, немаат Програма, немаат поддршка, немаат желба и енергија. Тоа ги прави нервозни и затоа се што прават се лаги, манипулации и негативна кампања. Но, пак ќе речам, граѓаните од тоа се уморни и не поддржуваат празни приказни и „фотељашки“ амбиции. Очекувам целосна поддршка од граѓаните на Центар. Нашата граѓанска коалиција е многу поголема од една или други партии. Ние го поставивме нашиот пат и цврсто одиме по него, со огромна поддршка. Тоа е зошто се кандидирав и тоа е мојата обврска кон граѓаните. Центар е навистина нова приказна, и таа мора да продолжи силно во следните 4 години.

ФАКТОР: Дали Дебар Маало ќе се затвори во следните четири години, иако се работи за огромен проект кој треба да добие зелено светло од повеќе места, не само од Општина Центар?
Герасимовски: Ова е крупен проект. Како и за секој, постапуваме внимателно, фокусирано и со план. Нашата идеја е да овозможиме Дебар Маало да биде вистинска културна и граѓанска оаза за Центар и Скопје. Разговараме со жителите на Дебар Маало, во деловите каде мислиме дека овој концепт на „слободна“ пешачка зона треба и може да функционира. Разговараме со сопствениците на деловни објекти. Разговараме интензивно со МВР Скопје. Во ПОЦ се подготвуваме за најефтини и најефикасни решенија. Наскоро ќе го затвориме предлогот и ќе одиме фазно во реализација, просторно и временски. Најважно, пред било што да се реализира, целиот концепт ќе оди на јавно запознавање и дискусија со граѓаните. Вака подготвено, одобрено и прифатено од сите инстанци, а пред се жителите, мислам дека може да успее и да биде дел од новата приказна на Центар, која ќе го збогати Центар.
ФАКТОР: Што му недостасува на Скопје, што ја грди централната општина на градот, а не е под ваша надлежност?
Герасимовски: Тоа што го кажуваат сите граѓани, тоа што го гледаме сите ние. Ѓубрето. Хигиената. Лош јавен превоз. Сообраќаен метеж. И пак ќе речам, граѓаните не ги интересира која улица е на градот, а која на општината. Тие плаќаат, тие живеат и имаат право на хигиена и мир и ред. Граѓаните со право не треба да ги интересира чии се контејнерите, чиј е паркингот, кој е задолжен за инспекциите. Тоа е работа на градоначалниците и администрацијата. Јас не бегам од мојата работа и одговорност. Нашата работа ние ќе ја сработиме, ефикасно, лесно, одговорно. Но, нема да дозволиме на грбот на граѓаните да се работи од страна на други. И затоа, по изборите, ќе инцирам итна средба со сите нови градоначалници, и на Град Скопје. Секој мора да си ја врши својата работа. Ако некој не сака или не знае, чесно е јавно да каже, и за се има решение. Како општина имаме капацитет, знаење и ресурси, да превземеме нови надлежности, за да граѓаните во Центар имаат вистински услови за живот.
ФАКТОР: Како Центар се справува со сметот во време кога ѓубрето е еден од најголемите проблеми во градот?
Герасимовски: Самостојно, организирано и со План. Изнајмивме дополнителна опрема за да во ова невреме за Скопје, сами го собираме ѓубрето и го одлагаме во Дрисла. Ние и досега ги миевме локалните улици со наша цистерна, и ги метевме со метларки, како помош на 120 хигиеничари кои имаат редовен статус во ПОЦ. Во следниот период, плус се подготвуваме. Планот е да се набават уште две цистерни и пет метларки, нови посебни контејнери и канти за Центар, посебни канти за потребите за домашни миленичиња и да се ангажираат плус хигиеничари, за да знаеме дека Центар е чист и за да го зголемиме оперативниот капацитет за хигиената да ја одржуваме самостојно. Постојано го собираме кабастиот отпад, ги чистиме депониите, на нивно место правиме паркинзи или зелени површини. Мора еднаш засекогаш да престане оваа ситуација, во 2025, 2026 година да збориме за несобрано ѓубре. Тоа е недозволиво и целосно погрешно. Ние мора да разговараме и пред се, да живееме во ново, повисоко ниво на квалитет на живот, во мир и спокојство, во безбедна и во културна средина. Тоа е Центар што сакаме! За таков Центар работиме, и ќе успееме!
Александар ТодескиМожеби ќе ве интересира
Калајџиев: Европската комисија со извештајот ѝ испрати прекор на Владата
(ВИДЕО) БАГЕРИ ВЛЕГОА ВО ВАРДАР: Се чисти коритото на реката во центарот на градот
ПО СКАНДАЛОТ СО КОРУПЦИЈА, СЕ ОГЛАСИ ТРИПУНОВСКИ: Нема никаква опасност по ИПАРД средствата
Остатоци од човечко тело пронајдени во атарот на селото Сопот
ЃОРЃИЕВСКИ ЌЕ ГИ ЧЕШЛА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА: Ќе брка од работа и ќе проверува што се работело
(ВИДЕО) МАЛОЛЕТНИЦИ ВО ШТИП ПРАВАТ ХАОС И СЕ СМЕАТ: Фрлаат канти за отпад на тераси
ГРК, КОСОВЕЦ И ДВАЈЦА МАКЕДОНЦИ: Организирале борби со кучиња, ќе одговараат за убивање и мачење животни
„ПОСТОИ ТИШИНА ШТО ДОАЃА ПО ПОРАЗОТ, НА НЕА НИЕДНА ПОБЕДА НЕ МОЖЕ ДА ВЕ НАУЧИ“: Се огласи Османи по загубата на локалните избори
„КОГА ЌЕ ДОЈДЕШ КАКО ГОЛТАР НА ВЛАСТ, А ЌЕ ИЗЛЕЗЕШ БИЗНИСМЕН“: Најчевска наброја што точно спаѓа под злоупотреба на службена должност





