Проф. Д-р Марјан Ѓуровски - Институт за безбедност, одбрана и мир Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
ИНТЕРВЈУ ЃУРОВСКИ: Надворешната и безбедносно-одбранбена политика како дел од Националната развојна стратегија
Објавено во: Економија 25 Мај, 2023
Започнуваме серија интервјуа посветени на процесот на креирање на Националната развојна стратегија - визионерски стратешки документ кој ќе го утврди развојниот пат на државата во следните 20 години. Подготовката на овој сеопфатен стратешки документ се одвива преку процес на широка консултација, вклученост на сите чинители, како и преку градење меѓу-генерациски, меѓу-етнички, меѓу-партиски и родов консензус помеѓу клучните општествени чинители.
Заедничка надворешна и безбедносно - одбранбена политика, тема која е од голема важност при креирањето долгорочна стратегија во секоја држава, па така и кај нас. Кој е, според вас, најдобриот пристап кога станува збор за креирање стратешки документи на оваа тема?
Ѓуровски: Успешното водење на безбедносните процеси, најдобро се согледува преку способноста за решавање на ризиците и заканите со минимална штета. Во денешните услови е потребна безбедносна политика на Република Северна Македонија создадена од реалните состојби, потреби и проценки.
Актуелните предизвици по безбедноста на државата за кои треба да изградиме заеднички став се скоро исти со оние со кои се соочуваат земјите од Евроатлантската област. Тие се поврзани со хибридните тактики на војување, сајбер заканите, климатските промени, тероризмот, енергетската зависност, растот на цените на храната и енергенсите, растот на инфлацијата, забавениот економски раст, нелегалната миграција од трети земји, растечкиот предизвик од современите развојни и разорни технологии, технологиите за двојна употреба и многу други. Според истражувањата и класификациите, нашата држава од осамостојувањето досега помина седум кризни состојби. Тоа се распадот на СФРЈ до референдумот и донесувањето на Уставот на 17 ноември 1991 година; одбранбеното осамостојување и исселувањето на ЈНА од територијата на Р.Македонија во 1991 - 1992 година; Грчкото ембарго и ембаргото на ООН кон СРЈ 1993 - 1995 година; Бегалската криза во 1999 година; Вооружениот конфликт во 2001 година кога за малку ќе се воведеше воена состојба; Економската криза во 2007 година, по која следеше и политичка криза; Кризата со пандемијата предизвикана од Ковид-19, за што беше прогласена вонредна состојба. Може да се каже дека и во моментов имаме еден вид политичката нестабилност.
За остварување на целите во безбедносната политика, системот за безбедност треба да се гради и развива врз основа на проценките за безбедносните закани, ризици и опасности на локално, регионално и глобално рамниште; барањата произлезени од стратегиските мисии; економските можности на националните капацитети и придобивките од партиципацијата во меѓународните операции. Дефинирањето предлог решенија за воспоставување современ безбедносен систем на Република Северна Македонија и креирање на безбедносната политика, треба да произлегува од теоретските, практичните и научните достигнувања на полето на одбраната, создавајќи општи (генерални) решенија и специфични побарувања и предлози за дооформување на сегашниот систем. Во суштина, клучните полиња за создавање ефикасен безбедносен систем треба да претставуваат проекција за развојот на силите и нивниот организациско-формациски состав; материјално-технички средства потребни за остварување на планот; проектирање и спроведување на потврдена и ефикасна подготовка на просторот, инфраструктурата и територијата и соодветна финансиска поддршка на процесот.
НОВА НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА БЕЗБЕДНОСТ
Создавањето на Националната развојна стратегија подразбира и добро мапирање на сите предизвици и целокупниот општествен контекст при креирањето на визијата за иднината на нашата држава. Кои се темите односно областите на кои треба да се фокусираат системските решенија кога е во прашање надворешната и безбедносно - одбранбената политика?
Ѓуровски: Дефинирањето на приоритетите на надворешната, безбедносна и одбранбена политика на државата се од големо значење за правилно насочување на ресурсите во поддршка на развојот на општеството. Преку Националната развојна стратегија ќе се утврди патот по кој треба да се движат подсистеми за: надворешна политика, внатрешна безбедност – заштита на уставниот и општествениот поредок, заштита на критичната инфраструктура, одбрана – заштита на суверенитетот, интегритетот и самостојноста, правно – политички систем, економски систем, екологија, локална самоуправа, меѓународните односи, кризен менаџмент, заштита и спасување, приватна безбедност.
Во контекст на безбедносното опкружување во кое денеска егзистира и функционира Република Северна Македонија се препознаваат многу нови предизвици, ризици и закани, како и нови државни и недржавни актери кои низ разни форми и методи имаат потенцијал да ја нарушат безбедносната состојба, како на внатрешен план, така и на регионално, меѓународно и глобално ниво. Новите геополитички процеси и реструктуирање на силите кои се случуваат на европско тло изразени низ војната во Украина се фактор кој го пореметува нормалното функционирање, не само на државите во Европа, туку и на глобално ниво. Таквата состојба предизвикува криза во енергетскиот сектор, транспортот, раст на инфлацијата, пореметување на индустриските текови во производството и протокот на енергенси и други производи.
На внатрешен план, борбата против корупцијата, организираниот криминал и владеењето на правото е приоритет. Како земја членка на НАТО имаме обврска да изградиме современ безбедносен систем кој ќе биде подготвен да делува превентивно и соодветно кон безбедносните предизвици, закани и ризици. Во таа насока, неопходно е во безбедносниот систем јасно да се дефинираат субјектите, хиерархијата, координацијата и надлежностите кои ќе ги има секој субјект посебно. За да отпочне тој процес потребно е да се изработи Проценка за безбедносни предизвици, ризици и закани со кои се соочува Република Северна Македонија на краток, среден и долг рок. Базирано на проценката да се отпочне процес на изработка на нова Национална стратегија за безбедност на Република Северна Македонија.
ПОТРЕБА ОД НОВ ЗАКОН ЗА ИНТЕГРАЛНА БЕЗБЕДНОСТ
Во суштина на креирањето на Националната развојна стратегија е потребата од соработка и меѓусебно делување на сите сегменти во општеството. Како ова да се преслика во делот на одбраната? Кои сè општествени фактори треба да бидат вклучени во креирањето на овој сегмент на стратегијата?
Ѓуровски: Современиот безбедносен концепт на Република Северна Македонија треба да се состои од следните актери: поединци - заедница, внатрешна безбедност - транснационална безбедност, мултидимензионалните безбедносни фактори - природните и факторите во опкружувањето, глобалната безбедност и присуството на недржавни или приватни безбедносни актери. Економската и социеталната безбедност е клучен фактор за стабилноста на Република Северна Македонија на среден и на долг период. Концептот на интегрална безбедност е клучот за решенија на безбедносните предизвици. Потребно е дополнување на постојните, но и носење нови документи за безбедносната политика. Треба да се појасни улогата на Претседателот на државата во креирањето на безбедносната политика. При тоа треба да се зајакне контролната функција на Собранието врз креирањето и спроведувањето на безбедносната политика. Преку координирачката функција во безбедноста, Владата да ја утврдува и имплементира безбедносната политика. ГШ на АРСМ во следниот период треба да ја разгледа можноста да се интегрира како орган во рамките на Министерството за одбрана. Советот за национална безбедност неопходно е има појасни надлежности, дефинирани со закон. Координација на целокупниот безбедносен систем, вклучително на Службите за разузнавање, контраразузнавање и нивно натамошно обединување во функција на изградбата на единствен концепт на интегрална безбедност е една од развојните компопентни на безбедноснито систем во следните 20 години. Владата треба да ја разгледа можноста да се донесе посебен закон за интегрална безбедност, со цел да се имплементира нов современ концепт за безбедност и при креирање на безбедносната политика.
ФОТО: Визионерска работилница за надворешна и безбедносно - одбранбена политика
БЕЗБЕДНОСТА НЕ Е ЛУКСУЗ
Улогата на цивилното општество и справувањето со хибридните закани, вклучувајќи ги и дезинформациите се дел од приоритетите на нашиот одбранбен систем, но се истовремено и меѓу насоките при креирањето на визијата за иднината на нашата држава во рамки на Националната развојна стратегија. Како и во каква форма треба да се развива овој пристап?
Ѓуровски: Невладиниот сектор и тинк тенк организациите се клучна алка во синџирот на креирање на јавни политики базирани на докази и наоди, и транспарентно и одговорно владеење. Оттука, тие се значајни за секое општество во развој, во изградбата на слободно и отворено општество во кое се почитуваат човековите права. Сигурноста на граѓаните е основен предуслов да постои силно цивилно општество кое ќе ги набљудува владините политики и чекори. Невладиниот сектор ниту е дел од владата, ниту е негова опозиција, овој сектор будно ги следи сите општествени промени кои се случуваат, и неговата улога е отворено да дебатира за сите процеси во земјата. Со македонското членство во НАТО не запира процесот на трансформација на системот за безбедност, одбрана, туку напротив сега треба да дадеме уште поголема динамика. Невладините и тинк тенк организации треба да ги повикуваат главните чинители во општеството на одговорност, да предупредуваат, да препорачуваат, и да советуваат. Како посредник, поврзувач, и олеснувач на граѓанинот и државата, овој сектор е гласот на општеството и има своја посебна кауза.
Целта на Националната развојна стратегија е преку дијалог со граѓанските организации да се постави основа за користење на сите ресурси во креирањето на јавни политики од областа на одбраната, безбедноста и евроатланските интеграции, при тоа во најкраток временски период да изградиме платформа со претставници на невладините организации, како и на академската заедница, преку која полесно ќе можат да се координираат овие процеси. Бидејќи само силни и безбедни граѓани може да дадат силна и просперитетна држава!
Бидејќи, безбедноста не е луксуз. Тоа е важен услов за слобода, просперитет и демократија. Во услови кога само преку неколку граници се случува воена агресија непоимлива за современа Европа, безбедноста и одбраната нè потсетува дека на суровоста од заканите и предизвиците мора да се делува однапред, со целосна посветност, подготвеност, отпорност и истрајност. Затоа, процесот на реформи во одбраната и безбедноста треба да продолжи со уште поголемо темпо и интензитет, во демократски и транспарентен амбиент со вклученост на сите страни. Токму затоа, соработката со НВО секторот е од клучно значење.
ФОТО: Визионерска работилница за надворешна и безбедносно - одбранбена политика
Креирањето на Националната развојна стратегија е редок пример каде консензуално и надпартиски, меѓуетнички, родово и социјално инклузивно се работи на донесување заедничка платформа која е од огромно значење за одржливиот развој на државата. Кој е вашиот впечаток за процесот на креирањето на Националната развојна стратегија до овој момент?
Ѓуровски: Потребата од еден ваков стратешки документ каков што е Националната развојна стратегија е суштинска и претставува показател за сериозниот пристап во трасирањето на развојниот пат на државата во следните 20 години. Ваквиот начин обезбедува широка консултација и постигнување на сеопфатен консензус меѓу сите чинители на општествениот развој во трасирањето на визијата за идниот развој на државата. Дополнително, ме радува фактот што овој проект се реализира со поддршка на Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП, Канцеларијата на Постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, Амбасадата на Обединетото Кралство и Амбасадата на Република Словачка. Правилното одредување на предностите и специфичностите на нашата држава, детектирањето на ранливостите на кои сме подложни како општество, но и идентификацијата на можностите кои ни стојат на располагање како прерогатив на идниот развој, се појдовна основа за изградба на соодветни капацитети и способности неопходни за државата да може правовремено да се справи со предизвиците со кои се соочуваме или очекуваме да се соочуваме во наредните дваесет години и повеќе. Помошта и поддршката на овој план секогаш е добредојдена, а Националната развојна стратегија е соодветна платформа за дискусија на која сите експерти од државните институции, академската јавност, невладиниот сектор, но и сите граѓани може да предложат нови приоди со сеопфатни решенија за постојните заеднички предизвици, со кои сите ние заедно ќе придонесеме за општото добро на државата.
ПР објава