Интервју Куновска: Функционери блиски со врвот на СДСМ паразитираат на грбот на партијата
Објавено во: Македонија, Интервјуа 24 Октомври, 2019
Земјата имаше ретка
шанса да се упристои по многу основи, но за жал, шансата за СДСМ е пропуштена.
Во оваа влада посилен впечаток на чесни професионалци оставија Царовска и
Димитров, кои не се дел од СДСМ, отколку кој било нејзин претставник. Со своето
чесно, одговорно и пристојно поведение од редовите на СДСМ предничеше Тевдовски,
а се издвојува и Спасовски. Во нејзин стил, смирено ама со емоции, Софија
Куновска во интервју за Фактор отворено зборува за случувањата во нејзината
партија, која сега доста ја критикува. На социјалните мрежи, погласно, ама не и
пречело тоа да го зборува и таму – сепак вели партијата веќе не е демократска.
За лидерот Зоран Заев смета дека ја води партијата како да е акционерско
друштво, а жали што граѓаните заслужуваа повеќе, а добија помалку.
„За жал, мислам на тоа дека дишеме отров, дека во нашите бели дробови се таложи изгорена гума и пластика, а на ниту еден одговорен за тоа не му фали влакно од главата. Поединци печалат огромни суми од производства што користат недозволени енергенси, а нивните деца го дишат истиот загаден воздух. Се прашувам како е можно милионите да им се позначајни од животите на нивните деца, емотивно одговара Куновска. Човек од културата, но е познавач на политиката. Во разговорот дава своја слика на актуелните процеси во земјава.
Македонија не доби датум за преговори за членство во Европската Унија, по што лидерите се согласија да има брзи избори напролет. Како го доживувате овој развој на настаните и кои се вашите очекувања?
Куновска: Факт е дека внатрешните проблеми на ЕУ на најнепосакуван начин се прекршуваат врз грбот на Македонија. Развојот на настаните и целата драма што се одвива во Брисел деновиве остава надеж дека сепак е можно нешто да се прекрши во наша полза. Независно од сето ова, заради нас самите, чесно е да си признаеме дека Македонија не се наметна со реформите на начин кој ќе истисне каков било простор, некоја земја членка да го проблематизира датумот за почеток на преговори со ЕУ. Иако одговорот е спакуван во друга обланда, уверена сум дека криминалот и корупцијата, отсуството реформски дух и посветеност се елементи кои се вкалкулирани во ваквиот исход. Изборите пак, не се брзи. Заедно со процесот на формирање на влада, земјата ќе биде парализирана наредните 7 месеци. Потоа се неопходни неколку месеци за да видат кој каде е и зошто. Следат летните одмори, што значи, некаде догодина ова време можеби ќе се разбудиме од овој лош сон. Загубена година за сите нас.
Импулсивната одлука за избори неодоливо потсеќа на тоа кога деца ќе се фатат да играат карти. Па ако не им се допадне развојот на играта ги фрлаат картите на масата и бараат да се измеша шпилот и наново да се поделат картите.
Веќе видено. Чист груевизам.
Вонредни избори се корисни само доколку земјата е во политичка криза. Се останато е политичка бахатост и личен интерес. Во минатото политичките партии продуцираа кризи за да се оди на избори, сега ладно ги прифаќаме вонредните избори како средство за нивните политички калкулации.
Изборите нема да донесат ништо добро за граѓаните. Владеачките раководства вообичаено, кога не знаат што да прават одат на предвремени избори. Водени од стравот што се надѕира над нивните политички судбини, уверени дека секој нареден ден го јаде нивниот рејтинг, намерата им е единствено да го прекинат трендот на надолно движење со нови избори. Опозицијата пак, е во ќош. Постојано декларативно залагајќи се за смена на власта и продавајќи се за многу силна, не e во позиција да ја одбие ваквата понуда.
Шарената револуција, колку компромитирано и да звучи тоа во овој момент, го качи на тронот Заев за да ги казни манирите на Груевски. Денес повторно нема: нов изборен модел, отворени листи, демократизирани политички партии, реформи во судството, попис, прочистен избирачки список, ефикасна оптимизирана администрација. За образованието, здравството културата и науката, далеку е сонцето. Вработувањата се и натаму партиски. Тендерите наместени. Кај медиумите состојбата е покомотна за разлика од порано, но сеуште влијанијата се силни.
ДРУГИТЕ ПРЕД ЗАЕВ И ЧЛЕНСТВОТО
Ако зборуваме за датумот, кој е виновен воопшто? Сметате ли дека Европската Унија лицемерно ветуваше датум ако има промена на името, или сепак, одговорноста е кај политичките лидери кои го водеа процесот?
Куновска: Од се по малку. Коментарите на самите членови на Европарламентот се дека едно неисполнето ветување го руши вкупниот углед на ЕУ како сериозна инстутуција. Иницијативите за повторно разгледување на можноста за проширување упатуваат на заклучокот дека се признава направена грешка. Власта која вообичаено многу лесно се расфрла со ветувања, на своја кожа почувствува што е неисполнето ветување.
Но, тоа нам не треба да ни ја замати диоптријата кога се анализираме самите како општество. Власта пред се, но еднакво и опозицијата мораа и мораат да го препознаат надпартискиот, наднационалниот и единствен интерес на својата земја и бескомпромисно и фанатично сите да се посветиме на една цел, целосно ресетирање на системот и расчистување со минатото.
Во однос на пристапувањето кон ЕУ и НАТО, сепак земјава никогаш не беше поблиску. СДСМ и Заев го сметаат тоа целосно за своја заслуга, особено по решавањето на спорот за името.
Куновска: Македонија уште во времето кога Бучковски беше Министер за одбрана ја демонстрираше својата силна определба но и ја заврши целосно својата задача во однос на реформите на одбраната што беа еден од најважните услови за членство во НАТО. Од драматичниот настан во Букурешт, во мандатот на Црвенковски како претседател и Груевски како премиер, па наваму, името беше единствен услов со кој Грција го блокира полноправното членство. Што значи дека во еден момент целата меѓународна заедница, па ако сакате и Грција, биле согласни и ги ценеле ангажманите на многумина пред Заев за подготвеноста на земјата за членство. Тоа што никој не влегол во процес на менување на името, може да е легитимно политичко убедување, може субјективна оценка за лош или добар политички момент, историска одговорност или неодговорност, безбедносна проценка или нешто сосем друго.
Меѓународната заедница ја искористи смената на власта во 2017 година, да направи посилен притисок на почетокот од мандатот на новиот премиер, да ја заврши таа своја важна работа и тој свој висок интерес. Несекојдневно силно беше присуството на странски високи претставници во Македонија. Таков каков што го дала природата, Заев каскадерски влезе во процесот. Земјата положи огромен влог, но и членството во НАТО е голема придобивка. Тешко е да се измери прецизно ќарот и зијанот. За тоа најдобро ќе зборува иднината.
Да резимираме. Факт е дека: Заев собра храброст да влезе во некои процеси што ветуваат прогрес, во кои други високи политички претставници во Република Македонија, дали поради страв или поради одговорност, од независноста до денес не се осмелуваа да влезат. А, имаше и поумни и поискусни од него меѓу нив.
Колку беше тоа храбро, а колку лудо, ќе видиме.
Дали беше тоа услов за Заев однапред, за да дојде на власт, е друго прашање.
Дали ја одигра претставата мајсторски или аматерски, ќе цени историјата.
Јас сум од оние што веруваат дека, ако Груевски се согласеше на сите порции сервирани од меѓународната заедница последниве две-три години, сè уште ќе беше на власт и покрај сета негова деструкција и криминал.
За Заев е легитимно за успесите да се чувствува во голема мера заслужен и самиот тој. Но, и за можноста работите да пропаднат, за огромните напумпани неисполнети очекувања, заслугата е исто така негова.
Засега тоа е драматично видливо на нивото на корумпираност на неговиот тим, на неказнивоста на криминалот правен од претходната гарнитура, компликациите со отворањето пристапни преговори со ЕУ, приемот во НАТО до крајот на годината иако извесен сепак веројатно ќе биде одложен. Коцкарската еуфорија при донесувањето на законот за употреба на јазиците е ново бреме, кое ќе ни троши многу енергија. Потенцијалните проблеми со договорот со Бугарија, а и можните „гимнастики“ од страна на Грција околу Пржинскиот договор се причина за објективо стравување. Ако згора на сè се додаде тешката финансиска кондиција на државата малку се причините за голем оптимизам.
СПРАВУВАЊЕТО СО РЕКЕТ И ВКЛУЧЕНОСТА НА ФУНКЦИОНЕРИ
На домашен план најактуелен е случајот „Рекет“, ама имаше и други корупциски афери, кои на некаков начин го ставаат на тест домашното судство, но и функционирањето на власта. Како ги доживувате вие овие случаи, ќе процвета ли правдата?
Куновска: Нема да звучи престрого ако се рече дека правдата во Македонија е во претполитичка ера. Ние не сме ниту на почетокот на реформите во судскиот систем. За жал, расплетот со СЈО покажува дека не само што не е искористена можноста за напредок туку сме вратени многу чекори назад пред оформувањето на СЈО. Иста претстава, друга поделба.
Рекетите се чувствуваа во воздухот, но тешко оди соочувањето со стварноста. Брзината и одлучноста во справувањето со „Рекет“ најгласно зборува за нивото на вклученост на високи функционери во аферите.
Куновска, вие сте жесток критичар на работата на актуелниот претседател на СДСМ и премиер, Зоран Заев, во последниот период. Потекнувате од таа партија, бевте нејзин истакнат член, во суштина, како гледате сега на дејствувањето на СДСМ?
Куновска: Се можеше да биде поинаку и многу подобро. Верувавме дека времето на злоупотреби и неодговорно поведение ќе го оставиме зад нас и дека вкупното ниво на политичкиот амбиент ќе се подигне. За жал, политички ангажман заради личен бенефит останува да биде силно присутна појава. Најчесто е иманентна на оние што се некадарни поинаку професионално да егзистираат или, пак, се незаситни. Потребна ми е јасна дистанца од тоа. Се обидувам на животот и на тоа што го правам да му дадам повисока смисла.
Стана видливо дека многу малку работи се променија од времето на гарнитурата на ВМРО-ДПМНЕ, која е одговорна за децениско назадување на Македонија. Денес и натаму младите луѓе немаат фер шанса да го градат својот живот и животот на своето семејство. И натаму дипломите се на продажба.И натаму немаме уреден систем во кој владеат вредности за секоја единка подеднакво.
Што се однесува на СДСМ, еден период постоеше надеж дека конструктивна критичка дебата е можна, дека треба да се дејствува внатре, во органите, поради здравјето на партијата и политичката сцена воопшто, и дека постои партиски демократски капацитет што може да го поднесе тоа стоички. Заблуда.
Жалам што времето потврди дека раководството на СДСМ се покажа како нискокапацитетно искрено да поддржи и да издржи внатрепартиско брусење на политиките. Изостана односот на уважување на едни кон други, дијалогот, компромисот и чувството на заемна почит. Овие аномалии од партијата се пресликаа и во начинот на водење на државата.
Земјата имаше ретка шанса да се упристои по многу основи, но за жал, шансата за СДСМ е пропуштена. Во оваа влада посилен впечаток на чесни професионалци оставија Царовска и Димитров, кои не се дел од СДСМ, отколку кој било нејзин претставник. Со своето чесно, одговорно и пристојно поведение од редовите на СДСМ предничеше Тевдовски, а се издвојува и Спасовски.
Наспроти ова, ако се анализира каналот на големите пари, моќ и влијание, вчудовидувачки е колку лични релации со луѓе од врвот паразитираат на грбот на СДСМ. Драги Рашковски, Ден Дончев, Кочо Анѓушев, разни Башановиќи и многу други, се само дел од луѓето што немаат идеолошки допирни точки со СДСМ, а некои од нив, не толку одамна, дури беа дел од ешалоните на претходната гарнитура. Ако веќе мораше да се служиме со вмровски кадри, подобро ќе беше да се послужиме со Ставревски отколку со Дончев. И самите слушнавме дека Дончев е изведувач на подземната продажба на Македонска банка во полза на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски и фамилијата. Да се поканат со таква леснотија компромитирани ликови, укажува дека некому му се потребни експерти за „подземни републики“. Но, треба нам како граѓани тоа да ни стане јасно и да видиме што со него.
СДСМ КАКО АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО
Како Зоран Заев ја води СДСМ, впрочем, што најмногу ви пречи кај лидерот?
Куновска: Како акционерско друштво во лична сопственост. Органите се безгласна гласачка машинерија. По резултатите од претседателските избори не се одржа ниту конгрес за доверба, што е статутарна обврска. Каде и да чепнете во големите зделки и злоупотреби, ќе дојдете до сознание дека едната фамилија е заменета со една и пол друга. Да не ја споменувам мизеријата околу помирувањето зад која се одвиваа уцените и пазарите со осумтемина од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова раководство на подолг рок ја уништи веројатно последната надеж дека Македонија заздравува. Помладите членови од семејствата ни заминуваат, а ние се каеме зошто не сме веќе заминати.
Секој чесен интелектуалец во Македонија се чувствува засрамен и згрозен од несоодветниот вокабулар на Заев, неговата наместена наивност, божемна чесност и нагласен примитивизам во јавниот настап. Секоја јавна личност има обврска за добро поведение, затоа што треба да биде за углед на другите. Ве гледаат и деца, кои треба да расудуваат за вредностите на едно општество и да ги вградуваат секојдневно во него.
Државата се раководи без трошка национално достоинство и со неподнослива леснотија се демонстрира подготвеност секое прашање да биде прашање за потенцијален пазар. Тоа се обландира со наводни високи цели, од кои најголем дел гледаме дека се распрснуваат како балони од сапуница.
Светска банка преброи 500 000 заминати, од кои голем број високостручни млади луѓе, а кампањите овде нè убедуваат дека се намалил бројот на невработени. И тоа не заминуваат млади што не можат да најдат, туку токму тие што имаат работа, но од своите приходи не можат да очекуваат дека ќе егзистира нивното семејство. Сè побројни се и оние чии примања се солидни, но одбиваат да живеат во неуредено општество.
Во какви односи сте со партијата, со вашите колеги, професионално и приватно?
Куновска: Со раководството остуствува комуникација, а со членството во одлични. По затишјето веднаш по промената на власта, во последно време бројни се неофицијалните комуникации со сопартијците. Во нашата приватна комуникација не се воздржуваат да споделат свои искрени размислувања. Најголем дел од нив даваат поддршка за мојот отворен критицизам. Од друга страна, впечатливо е чувството дека постои доза на страв и самите да приговорат.
Членството станува свесно дека партијата го губи угледот. За политиките може да се рече дека се хазардерска игра на еден човек во која сè беше ставено на една карта. Затоа е стана јасно дека нема одржлив наратив без датум за ЕУ. Кај членовите што долги години се вложуваат себеси за некаква идеја за модерна, просперитетна држава, постои впечаток дека се потрошени за нечии лични интереси, земјата останува да биде периферија на развиениот свет во која ниту еден нивни сервис не функционира, од која заминуваат нивните деца, а тие самите ќе бидат активисти во партија, за која, ако нешто не се промени, доаѓаат многу тешки времиња.
НОВИНАРИ ОТВОРААТ КОРУПЦИСКИ АФЕРИ
Од друга страна, останува впечатокот дека во земјава се намножија критичари, особено на социјалните мрежи. Не е ли подобро некако да се дејствува проактивно? СДСМ важи за демократска партија, не можете ли така да дадете придонес?
Куновска: СДСМ беше демократска партија. Повеќе не е. Внатре денес не се добродојдени инакумислечки единки.
Големите партии одамна се партии во кои, поради клиентелистички пополнетите партиски органи, ако доброволно не демисионира првиот човек, невозможно е да се случи промена. Но, окупацијата не завршува во сопствениот двор. Премолчената согласност меѓу поголемите партии околу изборниот модел и затворените листи, го држат окупиран вкупниот политички натпревар и амбиент.
Македонија има потреба за демократизација на закоравените политички мастодонти. Криминално-клиентелистички ориентирани, партиите се идеолошки запустени и целосно кадровски осиромашени од каква било здрава структура која може да донесе прогрес и за партиите и за државата. Потребно е силно енергизирање, инфузија од искуство, знаење и младешки идеализам, чии носители ќе бидат чесни индивидуалци, за воопшто да биде можно на својот грб да ги истераат крупните промени во општеството,
Се намножија критичари на социјалните мрежи, но внимание и почит заслужуваат и интелектуалците и независните новинари, кои имаат разбудена граѓанска свест и сакаат да бидат совест на општествената стварност. Тоа не е ниту едноставно ниту „евтино“ за нив. Секојдневно се соочуваат со закани, со навреди, етикетирања и дисквалификации. За почит е храброста на некои угледни новинари, кои негувајќи високи професионални новинарски стандарди, принципиелно отвораат прашања не само за политиките туку и за коруптивното поведение и за злоупотребите од страна на актуелната власт. И Груевски не сакаше да го слуша тоа. Но реалноста го увери дека тоа немање слух мобилизира секојдневно нова енергија.
Прашање на ден е кога таа синергија на незадоволни поединци ќе изнедри нешто ново. На Македонија како никогаш досега ѝ е потребна здрава нова опција.
СДСМ ГО ВРАЌА ВМРО ДПМНЕ?
Политички бевте активна, како гледате на работата на ВМРО-ДПМНЕ? Дали оваа партија е опција во моментов? Очекувате ли промена на власта на следните избори?
Куновска: Трагично е што ваква нереформирана ВМРО-ДПМНЕ, само прекриена со полупроѕирен муслински вел, низ кој се гледа заматено криминалната структура, сериозно ја добива шансата за свое брзо враќање на политичката сцена како сериозен конкурент на СДСМ. Тоа е заслуга само и единствено на Зоран Заев и неговото најтесно опкружување. Да сме на чисто. Граѓаните не се тие кои го враќаат ВМРО-ДПМНЕ. Неисполнетите очекувања од сегашната власт се фактор кој ќе пресудува во полза на ДПМНЕ. Тоа мора да биде кристално јасно.
Се најавува трета опција, се чини и ВМРО ДПМНЕ ќе се ситни. Какви ви се очекувањата?
Куновска: Засега не гледам чиста приказна што заслужува внимание. Овие најави се од под шинелот на оние политички експоненти од кои сакаме да се растовариме, затоа што нивните криминално-клиентелистички интересни заедници се болеста на нашето општество.
ПЕЧАЛАТ ПОЕДИНЦИ
Економски, државата е стабилна, но изостануваат некои позначајни економски резултати. Иселувањата оставаат сенка. Освен политика, малку зборуваме за просперитет, за квалитет на животот – за што размислувате кога се зборува на оваа тема?
Куновска: За жал, мислам на тоа дека дишеме отров, дека во нашите бели дробови се таложи изгорена гума и пластика, а на ниту еден одговорен за тоа не му фали влакно од главата. Поединци печалат огромни суми од производства што користат недозволени енергенси, а нивните деца го дишат истиот загаден воздух. Се прашувам како е можно милионите да им се позначајни од животите на нивните деца. Се пуши насекаде околу нас, што остава впечаток дека сме земја од третиот свет, а не кандидат за Европа. Мислам и на тоа дека една прекрасна земја претворивме во една огромна депонија во која најголем дел од жителите сакаат да се разбудат некаде на друго место.
За многу теми се задоволуваме на декларативно ниво, а суштински работите стануваат полоши. На пример, прашањето за позицијата на жената во политиката. Полни усти заложби за учество на жената во политиката , а во реалноста – ништо од тоа. Колку докази уште се потребни дека не поминуваат жени. Жени, пак, што се конфронтираат, особено не се поддржани од своите колешки жени. Почитувам бунтовници. Почитувам кога некој го кажува тоа што го мисли, колку и да не му се допаѓа тоа некому. Важно е и добро да се поддржи личната слобода. Да се видиме себеси на некој автентичен начин, онака како што ни е нам комфорно, а не онака како што некој бара од нас.
Вие сте човек од театарот, од филмот. Што работите во моментов, како го гледате развојот на културата?
Куновска: Дел сум од ансамблот на Драмски театар – Скопје. Играм во претставата Крал Иби, на текст на Алфред Жари, во режија на Васил Христов. Работам на едно меѓународно театарско поврзување. На 18.10.2019 во Белград, потпишавме протокол за формирање на Регионална Унија на Театри – РУТА која обединува 6 театри, МГЛ (Љубљана), Улисис (Загреб), Камерен театар 55 (Сараево), Градско позориште (Подгорица) , Београдско драмско позориште (Белград) и Драмски театар (Скопје).
Што се однесува до културата во целина, перманентно паѓаат нивото и интересот за неа. На малкумина им е вистински важна културата. Ова е земја што речиси и да нема културни потреби. Новата власт, што не е веќе нова, нема културни политики, а на некои позиции донесе уште поужасни кадровски решенија од оние што пред нив ставаа галии во Вардар и правеа барок во Скопје. Нема особена надеж дека нешто може да се смени на подобро. Секаков благороден израз на нашата духовност сè помалку се негува, што е веројатно во согласност со политиките и личните профили на оние што треба да ја промислуваат духовната состојба на својата нација.
Александра Томиќ