Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка
ИНТЕРВЈУ МИЛАН ДАМЧЕВСКИ: 20 години ги слушаме и поддржуваме локалните бизниси
Објавено во: Финансии, Интервјуа 07 Јули, 2023
Во изминатите 20 години, ПроКредит Банка е посветен партнер на бизнисот во земјата, со силен фокус кон одржливоста, одговорното банкарство и зелените инвестиции. Како развојно ориентирана банка со силен фокус на поддршка на малите и средни претпријатија, ПроКредит даде значаен придонес кон развојот на локалната економија, дигитализација, поддршка на извозот и креирање на нови работни места. Посветеноста на бизнисите е евидентна и низ бројка - 90 отсто од кредитното портфолио на банката е насочено токму кон овој сектор.
По повод големиот јубилеј, зборувавме со Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, за да дознаеме како ПроКредит Банка помага да се поттикне економскиот раст, да се создадат можности за работни места и да се инвестира во одржливост за малите и средните претпријатија.
Пред сè честитки за големиот јубилеј, успесите, но и примерот кој секојдневно го оставате како банка која вистински се грижи за своите клиенти, но воедно и внимава на влијанието што го остава врз економијата. Гледајќи наназад, како започна приказната на ПроКредит Банка и кои се најголемите достигнувања на кои сте особено горди?
Дамчевски: ПроКредит Банка на македонскиот пазар влезе во 2003 година како германска инвестиција која започна од нула, со јасна визија за остварување на позитивно влијание и развој на македонската економија. Една од главните специфики беше тоа што од почетокот банката започна да опслужува сегмент на пазарот кој дотогаш воопшто не беше адресиран од постоечките банки. Стануваше збор за микро и многу мали бизниси кои во тој период беа производ на транзиционата економија. Во пракса тоа беа едноставни семејни бизниси или самовработувања кои честопати не беа регистрирани како формални правни субјекти, немаа официјални биланси, ниту пак имаа регулиран работен статус. За традиционалното банкарство во тоа време ова беше непозната и ризична категорија за воопшто да бидат земени предвид како потенцијални клиенти.
Финансирањето од страна на ПроКредит Банка беше можно само со комплетно различен пристап кон овие клиенти од тогаш постоечкиот во традиционалното банкарство. Активното присуство на банкарскиот персонал кај клиентите на местото на нивниот бизнис заради проценка на нивната кредитна способност беше нешто што во Македонија не постоеше воопшто, дотогаш банките беа тие каде клиентите доаѓаа, а не обратно. Овој пристап направи револуција во начинот на банкарското работење во Македонија.
Одговорното кредитирање беше и сéуште е, еден од основните принципи на работа на банката, што помогна да се изгради долгорочна доверба со овие компании кои со нас за прв пат отвораа сметка во банка, за прв пат создаваа кредитна историја и за прв пат имаа банка партнер која не ги гледаше само низ призмата на својот сопствен профит, туку со поддршката што им ја даваше гледаше долгорочен развој на нивните бизниси.
Така, во изминатите 20 години плодна и успешна работа во Македонија, ПроКредит Банка поддржа над 4.000 македонски компании со над 60 илјади кредити, со вкупен обем од 2,2 милијарди евра, од кои 800 милиони евра се поддршка за нови инвестиции и развој. Денес, ПроКредит Банка има кредитно портфолио од речиси половина милијарда евра, од кои 90 отсто се кредити за поддршка на бизниси и пазарен удел од 15 отсто. Особено е значаен и квалитетот на нашето кредитно портфолио кое е на високо ниво и континуирано изнесува под 2 отсто, што е значително подобро од нивото на банкарскиот сектор во земјата.
Денес ПроКредит Банка е еден од главните играчи во македонскиот банкарски сектор и е препознатлива како докажан партнер на бизнисот. Која е уникатноста на банката во опслужувањето на своите клиенти?
Дамчевски: Личниот пристап кон секој клиент отсекогаш била силна страна на ПроКредит Банка, и токму тоа нѐ прави лидер во банкарскиот сектор за мали и средни претпријатија повеќе од две децении. Личните банкарски советници се целосна поддршка на клиентите во работата на нивниот бизнис, почнувајќи од редовни оперативни потреби, па се до советодавни консултации за инвестиции, развој на бизнис план, штедење, кредитирање.Тоа за клиентите е од клучно значење и токму тука ПроКредит Банка успева да додаде дополнителна вредност за бизнисите, што ни помага да изградиме долгорочни партнерства.
Постојано воведуваме нови трендови во банкарството – имено, ние сме прва банка со комплетно дигитализирано работење и отворени 24/7 зони во државата. Во почетната фаза на дигитализација, уште од 2015 година, вложивме многу во обука на клиентите за користење на електронските услуги, ги информиравме како да уплаќаат средства на банкомат, ги едуциравме за е-банкарство и како да го направат првото електронско плаќање, по што и самите беа горди дека работат со банка која е пред останатите. ПроКредит е своевиден катализатор на дигитализацијата во државата.
ПроКредит беше и првата банка која воведе платформа за дигитализација на кредитните и административните барања на клиентите. Па така, потпишувањето на барањата и договорите за кредити и гаранции, но и останати административни документи, клиентите на ПроКредит Банка ги прават по електронски пат - брзо, едноставно и пред се сигурно. Транзицијата кон дигитални канали резултираше со тоа што 99 отсто од целокупниот платен промет и кај физичките и кај правните лица се реализираше преку електронско банкарство. Оваа транзиција дополнително овозможи унапредување на квалитетот на услугата и личниот пристапот на вработените на банката во доменот на финаниско советување на клиентите.
Покрај воведување нови технолошки промени и иновации во своите процеси, истовремено наметнуваме забрзано темпо на дигитализација и кај компаниите кои работат со нас преку разбирање на потребите на бизнисите и едукација на клиентите. Нашата цел е да им помогнеме на бизнисите да ги користат најновите технологии за да ја подобрат нивната конкурентност, да го забрзаат нивниот раст и да ги подобрат нивните финансиски резултати.
На пазарот можеби сте и најпознати како банка која се залага за зелена транзиција. На кој начин ПроКредит придонесува кон одржлива иднина и како им помага на бизнисите да се приклучат на оваа зелена агенда?
Дамчевски: Ние веруваме дека одржливоста е клучна за долгорочен развој на економијата, а со тоа и индивидуалниот успех на малите и средните претпријатија. Како банка, ние сме првите кои промовираа и обезбедија пристап до инвестиции во обновливи извори на енергија, преку едукација и промоција на придобивките од инвестицијата, но и финансиски стимулации преку пристап до фондови со поевтини каматни стапки, и можност за користење на финансиски грант. Во таа насока, нашата долгорочна партнерска соработка со ЕБОР (Европска банка за обнова и развој) овозможи понуда на програми за подобрување на конкурентноста на локалните бизниси преку поттикнување инвестиции во обновливи извори на енергија, како последно реализираната Sustainable Reboot SME Programme, која за клиентите овозможи поврат на нивните зелени инвестиции од 15 отсто.
Како дел од систематизираниот ESG пристап (Environment - Влијание врз животната средина; Social - Општествена одговорност; Governance – Култура на управување), во изминатите години уште пред почеток на енергетската криза, организиравме едукативни работилници за предностите од инвестициите во фотоволтаични централи, а на настаните земаа учество преку 150 присутни, претежно мали и средни компании. Проактивната улога која ПроКредит ја има во подигнување на свесноста резултираше со финансирање на преку 150 фотоволтаични централи за сопствена употреба од 41МW инсталиран капацитет, кои можат да ја задоволат годишната потрошувачка на 9.420 македонски домаќинства со чиста електрична енергија. Влијанието што ПроКредит Банка го има на пазарот е уште поголемо, ако се земе предвид дека значаен број на клиенти се одлучија да инвестираат и без потреба од финансиска поддршка.
Банката работи на минимизирање на влијанието врз животната средина и промовира одржливи практики не само во рамките на сопствените активности, туку и во соработката со клиентите и добавувачите. Примената на овие доброволни мерки за одговорно делување значи и приоретизирање на догорочната одржливост на економијата и животната средина, наспроти максимизирање на краткорочниот профит на банката.
Согласно своите етички стандарди, ПроКредит како пример за одговорна банка има дефинирана листа на активности кои негативно влијаат на општеството и животната средина кои банката не ги кредитира, како што се игри на среќа, производство и трговија со оружје, рудници, ангажирање на присилена работна сила или инвестиции во крипто валути. Овој процес во банката е систематизиран, со што се прави транспарентна проценка на еколошкиот ризик и социјалното влијание во соработката со секој клиент, преку категоризацијане само на нивото на ризик кон животната средина, но и кон условите за работа на вработените.
Доколку одредена компанија не ги исполнува бараните стандарди и не е подготвена да вложи во систем на подобрување, банката ја одбива кредитната поддршка. Истото важи и за рестрикциите кон било какво финансирање на дејности поврзани со ископ на јаглен, активности во заштитени зони и национални паркови, производство и трговија со пластика за еднократна употреба.
Како ја гледате улогата на ПроКредит Банка во иднината на македонската економија?
Малите и средни претпријатија се камен-темелник на економскиот раст во секоја земја, а ПроКредит Банка останува посветена да им помогне да успеат и ќе продолжи да биде сигурен партнер за бизнисите во Македонија.
Нашата цел е да се погрижиме нашите клиенти да растат и да бидат успешни во нивните бизниси, а со тоа и на макроекономско ниво да придонесеме кон зголемување на нивната конкурентност, поттикнување на извоз и креирање на нови работни места. Регионалното присуство на банката во 12 земји ни носи силна предност во поддршка на нашите клиенти во вмрежување со вистинските партнери на интернационално ниво, како и понуда на конкурентни банкарски услуги за компании кои се извозно ориентирани.
Нашиот позитивен придонес во македонската економија го гледаме и преку можностите кои ги нудиме на нашите вработени за кариерен развој, инвестицијата во обука на млади кадри преку програмата за млади банкари, како и академиите за доусовршување на вештините на секое хиерархиско ниво. Промовираме различност, едноставна хиерархиска структура и отворена комуникација, поттикнувамекритично мислење, одговорност, полова еднаквост и фер третман на нашите вработени. Силно веруваме дека етичкото и одговорно банкарство може да е успешно само ако имаме вработени коисе поистоветуваат со вредностите и целите на банката и се обидуваат да ги остварат.
Квалитетот на нашите вработени и услугата која ја даваме на клиентите остануваат наш императив. Тоа не прави препознатливи на пазарот и не позиционира како вистински партнер, банка која ги разбира и знае да даде квалитетен одговор на потребите и барањата на своите клиенти.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.