24 Јануари, 2025
0.0323

ИНТЕРВЈУ МОЈАНОСКИ: Партиските „бардови“ ќе се соочат со одговорноста!

Објавено во: Македонија 27 Февруари, 2017

Добивај вести на Viber

Партиите кај нас ги „изедоа луѓето“. Нема луѓе. Нема граѓани. Има партиски членови и активисти. Тие се групирани во етничките кампови, а внатре во камповите се во идеолошките „трла“.Тоа се ешалони со борбени и воинствени шеми во кој пропагандата е основно обележје на комуникација, во која противникот се доживува како непријател и доминира сатанизацијата и говорот на омраза, а во внатрепартискиот живот „дисциплинирањето и послушноста“ се основните вредности кои се скалата. Кризата е екалирана. Таа добива драматични предзнаци. Вистинската причина за нестабилност е манипулацијата и бегањето од одговорноста за досегашното владеење, посебно болните реформи што ги отвара спроведувањето на извештајот на Прибе. Тој извештај за многумина „бардови“ во партиските ешалони ќе значи соочување со минатото и одговорноста. Тоа е вистинската причина за нестабилност и за создавање „шашма“ ситуација- вели во интервју за Фактор, професорот  Цане Мојаноски од факултетот за безбедност  “СВ. Климент Охридски”.

Фактор:Политичката криза трае долго. Во пресрет на новата влада, дали може да се наруши безбедносната состојба, бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски порача дека неможе да се контролира состојбата и да се гарантира безбедност доколку СДСМ и ДУИ направат влада?

Проф. Мојаноски:Ако судиме според мобилизацијата, да. Тоа е сериозен проблем во разбирањето на демократијата. На секоја Влада и се оставаат 100 дена да владее мирно. Сега доминира речникот на војсководачите. Тој речник се изразува преку синтагмите „Татковината е во прашање“, „федерализација“, „кантонизација“, „сепаратистички политики“ и слични крилатици кои можат да ја усложнат или доведат до конфликтна состојба. Одговорноста на тие што не водат е да ни покажат дека Татковината се сака со љубов и разбирање и дека дијалогот е средството што треба да не одликува. Тоа е значајно затоа што политичките партнери кои сега се на сцената се довчерашните субјекти со кои се градеа колициските влади и се утврдуваа коалициските политики. Политичките субјекти се должни да ги афирмираат најдобрите практики и да се откажат од реториките што поттикнуваат на меѓуетничка нетрпеливост. Во принцип, формирањето на Влада не треба да е причина за нестабилност. Вистинската причина за нестабилност е манипулацијата и бегањето од одговорноста за досегашното владеење, посебно болните реформи што ги отвара спроведувањето на извештајот на Прибе. Тој извештај за многумина „бардови“ во партиските ешалони ќе значи соочување со минатото и одговорноста. Тоа е вистинската причина за нестабилност и за создавање „шашма“ ситуација. 

Фактор: Група  граѓани се собраа  во дворот на Соборниот храм во центарот на Скопје за да го изразат својот револт од тоа што политичарите сакале да ја поделат Македонија и да воведат уште еден јазик. Каква порака се испраќа на овој начин?

Проф. Мојаноски:Правото на протест е уставно гарантирано. Тука нема ништо спорно. Тоа е демократски чин. Од она што беше јавно декларирано, беше укажано дека бараат јавен одговор на прашањата поврзани со постизборните платформи. И тоа е прашање е во ред затоа што граѓанинот треба е информиран. Тоа е услов за одговорена институција, а правото на информираност содржина на јавноста. Тоа треба да е практика во нашиот систем, затоа што прозрачноста на институции е гаранција дека нивната работа е јавна и подложна на контрола. Ние неможеме да се пофалиме дека институциите ни се такви. Да не беше така немаше да го имаме извештајот на Прибе и немаше да ескалира кризата во изминатите две години. Немаше да има потреба од протести и „шарена револуција“.

Но, би биле политички слепи и неискрени ако овој настан го набљудуваме само низ таа диоптрија. Ваквите здруженија и протестите од ваков ви е веќе видено. Потсетете се на протестите од 2002 до 2006 година. Посебно случувањата околу донесувањето на законското решение за територијалната организација и одржувањето на референдумот. Тоа искуство, како и искуствата од деведесеттите години будат сомнежи. Тие понекогаш се оправдани, понекогаш неоправдани. Станува збор за најави и симболика. Тие ги засилуваат сомнежите и го јакнат стравувањето. Геслото под кои се организираат може да упатува дека тие во основа се десниот идеолошки табор.  За него е карактеристично што постојано го подгрева национализмот преку заверите и теориите за заговор. Само што не не „проголтале“, непријателите. Инаку за волја на вистината оваа „национална загриженост“ е поттикната од Тирана и нејзината пиемонтска позиција – да се јавува како обединувач на албанската кауза.

Што се однесува за користењето на просторот, тоа не би требало посебно да се третира. Кај нас е практика верските објекти да се користат како јавен простор. Едно друго здружение со слична реторика од албанската етничка заедница просторот на џамијата го користеше како јавен простор. Овде се користи црковниот двор како јавен простор. Но, ако се има предвид дека во изминатите повеќе од десет години, меѓу свештенството и црковната ерархија евидентни се блиски односи со владеачка партија, па дури и отвореното бранење на партиските бои од страна на поединци од високата црковна ерахија и ако природно се смета дека демохристијанската идеологија е поблиска до клирот и филозофијата и учењето на црквата, тогаш може да се бараат основите: зошто појдовното место е црковниот двор. Но, ако пораките на здруженијата, но и поведението е надвор од евангелско-црковните вредности, тогаш треба да очекуваме Македонската православна црква да се дистанцира од таквите здруженија и да им се заблагодари, но во исто време да побара од нив да ги штитат тие вредности. 

Фактор:Постои ли опасност работите да излезат од контрола и практично од политичка да стане граѓанска криза?

Проф. Мојаноски: Кризата е екалирана. Таа добива драматични предзнаци. Драматиката е отворена уште во фазата на законската процедура на признавањето на резултатите од изборите и засилена со повиците за вонинституционален отпор и „идентификувањето на непријателите“ и виновниците за ваквата состојба. На тоа треба да се додаде реториката и практиките за оцрнување на дипломатските претставници и јакнењето на тезата дека ние сме „жртвеното јагне“, дека непријателите не демнат, како и во барањето на „непријател“, кој ќе е крив за сите наши „несреќи“, а не владетелите кои не опљачкаа. „Кривецот“ е идентификуван во „Милијардерот„ и неговите организации. Затоа ние сега сме сведоци дека разни здруженија се јавуваат и ќе вршат десороизација. Тоа е типичен облик на популизам кој може да има и трагични последици.

Кризата е продлабочена и со однесувањето на Претседателот на Републиката, кој со „иновациите“ во примената на Уставот внесува дополнителен елемент кој може да е поттик за продлабочување на кризата. И ако во предвид го земете однесувањето на техничките министри и техничката Влада, тогаш, несомнено ќе е јасно дека кризата ескалира, а институционалниот одговор е неизвесен и несигурен. Тоа дополнително ја влошува состојбата. Стравот и манипулацијата (особено медиумската) се закануваат. Тие можат да постанат доминантна црта на општествениот живот во земјата.

Фактор: Изминатиов период  беа упатени серија напади и критики од страна на  претставници на движењето  „Стоп операција Сорос” дека дел од невладините организации работеле против државните и демократските интереси на Македонија. По нападот врз невладините организации сега ВМРО-ДПМНЕ побара и десорозоизација на македонските медиуми кои се критични кон оваа партија и начинот на кој владеат со Македонија.Кон што води ваквата реторика и дали е силна закана за демократските вредности, човековите права и градењето на демократско општество?

Проф.Мојаноски:Историјата познава искуства во кои авторитарните, а во значителна мерка тоталитарниете партии медиумите ги сметаат за свој непријател. Интелегенцијата ја делат на чесна е предавничка. Тој модел на измислување на непријател подолго време е на сцена на македонската политичка сцена. Тоа е карактеристика на политичкиот „цезар“ и на „цезаризмот“, поточно на „султанизацијата“ на политичкиот живот во Република Македонија. „Нормален“ образец на таквото однесување е прогон на неистомислениците, создавање на непријатели, прогласување на наши и ваши, платеници и патриоти. Во тој контекст создавањето на здружение – кое се нарекува „движење“  е само симболички израз на таквата практика. Инаку во политичките движења доминира една или две политички партии кои се мотор на акциите на истите. Веројатно, одредницата „движење“ за ова здружение на граѓани ја изразува намерата и во поттекст ни соопштува дека зад неговите акции силно ќе се наоѓа силата на организираните политички сили – политичките партии или нивните организациони форми. Впрочем низ практиката на протести и контрапротести имавме прилика да согледаме дека тоа е „омилен“ метод на партиска мобилизација.

Што се однесува за притисокот, на мислење сум дека тој никога и не е прекинат. Тој е перманентен. Се одвива преку неколку канали: а) медиумски, б) институционален (прислушување, лустрација, инспекции, глоби, драконска казнена политика и сл.) и в) граѓанска (протести, контрапротести – посебно списоците за учество на контрапротестите и политичките собири). Токму затоа, убедувањето ме води кон тоа да сметам дека тој притисок е континуиран, но се разликува само интензитетот и методите. По завршуањето  на изборниот ден притисокот доби нова динамика и реторика. Реториката е вониствена, а динамиката интензивна. Тоа објективно е фактор кој влијае на претставата за засилениот притисок. Во Република Македонија нема доблест да се признае дека противникот има добра идеја. Нема подготвеност да се работи на заедничките цели. Единството се сфаќа како едноумие и едномислие. Тоа е невозможна мисија. Затоа имаме ситуација довчерашната практика да се прогласува за ерес, за предавство. Довчерашната лоша практика да се прифаќа како единствен излез. Ни недостасува култура на дијалог и култура на разлика. Тие две култури ја чинат културата на разбирање. Секој развива своја агенда и го дели бирачкото тело на табори. Не затоа што ние немаме заеднички или поточно исти проблеми, како што се нискиот животен стандард, невработеноста, лошите здравствени и образовни услуги, неефикасна и трома администрација и ред други проблеми. Затоа централни проблеми ни се јазикот, консензусот и животот во етничкиот табор, а внатре пак ни е важно идеолошкото „трло“. Во таква ситуација политичкиот живот добива епски карактер, зачинет со султанските манири и поданичката свест како рецидив. Во такви услови малку простор останува за демократските вредности и за автономијата на поединецот, за слободата на избор и независен став. Нема успех надвор од партиското „трло“ и волјата на партискиот шеф изразена како став на „комитетот“, преточена во медиумската поддршка и насока.

Фактор: Партиите се заковани во своите ровови,  сите убедени дека го прават најдоброто,а на заедничка маса седнуваат најчесто под медијаторство на меѓународниот фактор. Што покажува овој начин на комуникација?

Проф. Мојаноски:Партиите кај нас ги „изедоа луѓето“. Нема луѓе. Нема граѓани. Има партиски членови и активисти. Тие се групирани во етничките кампови, а внатре во камповите се во идеолошките „трла“. Истражувањата покажуваат дека политичките партии во Република Македонија според внатрешната организација се централизирани, перосонализирани, цезаристички, султански структури на чело со лидер кој е неприкосновени и овластен да донесува одлуки настрана од избраните органи, по внатрешните односи се партии од комунистички и бирократски тип во кој владее демократскиот централизам, едностарешниството и субординацијата. Тоа се ешалони со борбени и воинствени шеми во кој пропагандата е основно обележје на комункација, во која противникот се доживува како непријател и доминира сатанизацијата и говорот на омраза, а во внатрепартискиот живот „дисциплинирањето и послушноста“ се основните вредности кои се скалата.

Најдобар индикатор за тоа се јавните пројави и реториката на партиските активисти за противничкиот лидер. Едниот е „обвинетиот“, другиот е „аболицираниот“. Слична е состојбата во етничките кампови. „Интелектуалците“ се поделени. Дел од нив, со универзитески или други титули, се пропагандни алатки кои од позиција на „научност“ вежбаат „плукање во далечина“. Во такви услови ние, за многумина пријатели, делуваме како изгубен случај. Тогаш, за иднината на Република Македонија, позагрижени од нас, се странците кои преку медијаторски механизми не доведуваат на почетна позиција или не доведуваат до договор. Не седнуваат на маса и не водат кон тоа да совладаме што е култура на дијалог. Дека не сме непријатели, туку еднакво загрижени за Земјата, но дека начините до доаѓањето на целта ни се разликуваат. Ако така се набљудуваат, тогаш ќе нема многу простор за етничка и идеолошка хомогенизација.

За наша несреќа излезот од оваа криза е во медијаторството. Очекувам нашите европски и американски пријатели да преземат иницијатива и да ја менаџираат или да ја доведат до нормална состојба сегашната криза. Колку побрзо ќе влезат во тој процес толку помали ќе бидат последиците. Можеби има простор за поизразена контрола, некој облик на времена управа под покровтелство на Европската унија и Соединетите американски држави. Сегашните политички елити немаат или не покажуваат елементи на култура на дијалог. Тие се закопани во сопствените ровови и во искривеното огледало го гледаат метаморфозираниот лик на непогрешиви епигони. Република Македонија ја вовлекуваат во сериозна криза.

Фактор:Има ли излез од политичката криза и состојбата на закрвавени релации и живот со заплашување и закани ?

Проф. Мојаноски:Има. Тој е во медијаторството. Не можете од структури кои израснаа на нејасни процеси на приватизација да очекувате да развиваат демократски капацитет. Државата е најголемиот работодавец, најголемиот инвеститор. Таа е инструментот кој ја реалоцира сопственоста. Таа ги креира центрите на моќ, во бизнисот и медиумите. Таа врши редистрибуција на богатството создадено со генерации. Во такви услови политичките носители на власта се епигони на тој тип на економски интереси. Во нивен интерес е Република Македонија да не е евроатлански интегрирана, затоа што тоа е подрачјето каде што може да се создаваат и мултиплицира капиталот. Во која модерна европска држава можете за толку краток период да го мултиплицирате капиталот? Само таму каде не функционира правната држава. Ако погледнете кои се новите сопственици, тогаш ќе се убедите дека тоа се луѓето околу власта и се структури кои својата „успешност“ ја обезбедуваа со силна поддршка на политичката елита. Од таму на политичката сцена мора да имате уплашен човек, кој е пауперизиран, без можност за реалокација, притиснат од политичката структура, посебно преку драконска казнена политика, неконтролираната, поточно инструментализираната инспекција, која покрај изрекнувањето на казни изрекува и глоби по десетици илјади евра, во такви услови на макро план тоа се манифестира со медимуска пропагандна структура која ексомуницира и дефамира, поточно спроведува линч, а во одделни ситуации и харанга, што се на се го чини животот непредвидлив и ранлив. Во такви услови можностите за лична храброст и успех се никакви. Затоа очекувам во Република Македонија да се случи период на релаксирање на односите, преку јакнење на правната држава и институциите, за да се создадат услови за мирен и непречен живот. Се дотогаш ќе живееме во светот на поделбите на ваши и наши, на патриоти и предавници и други типови поделби кои секојдневно ни се пласираат преку партиско-политичките пропагандни центри и медиуми.

Фактор: Порака!

Проф. Мојаноски:Македонските граѓани опстојувале и дејствувале заедно и ги идентификувале заедничките интереси и тогаш кога не биле политички организиарани. Време е да се побара од нив да се вратат на изворите, таму работите се најчисти и најбисти. Изворни. Таму може да се сретне хуманизмот и разбирањето, слогата и заеднштвото. Сите други делби им припаѓаат на другите светови.

С.Б.

Можеби ќе ве интересира

Томовски: Зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура ќе се доградат, но не во барок стил

Томовски: Зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура ќе се доградат, но не во барок стил

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Кривичен ја уважи амнестијата за Ристевски, Вељаноски, Атанасовски и Јанакиески за настаните од 27 април

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Кривичен ја уважи амнестијата за Ристевски, Вељаноски, Атанасовски и Јанакиески за настаните од 27 април

Мицкоски се огласи, но не појасни: Суштината е мојата посета, а не поканата за инугурацијата на Трамп

Мицкоски се огласи, но не појасни: Суштината е мојата посета, а не поканата за инугурацијата на Трамп

БОНЕВА, СТАВРЕСКИ И ТРЕНОВ: Тројца видни членови на ВМРО-ДПМНЕ на иста маса, едниот веќе доби функција

БОНЕВА, СТАВРЕСКИ И ТРЕНОВ: Тројца видни членови на ВМРО-ДПМНЕ на иста маса, едниот веќе доби функција

Повредените од верижниот судир кај Смилковско езеро се во стабилна состојба

Повредените од верижниот судир кај Смилковско езеро се во стабилна состојба

КАВАДАРЦИ: Ќерка ја нашла мајка си мртва со повреди

КАВАДАРЦИ: Ќерка ја нашла мајка си мртва со повреди

Јаневска: Пронајдени бројни неправилности кај Европскиот универзитет на Мерко

Јаневска: Пронајдени бројни неправилности кај Европскиот универзитет на Мерко

АХМЕТИ ДО МАКЕДОНЦИТЕ: Некој треба да оди во Бугарија, друг во Албанија, но на кого ќе му ја оставиме оваа земја?

АХМЕТИ ДО МАКЕДОНЦИТЕ: Некој треба да оди во Бугарија, друг во Албанија, но на кого ќе му ја оставиме оваа земја?

Тримесечно бебе пронајдено починато

Тримесечно бебе пронајдено починато