ИНТЕРВЈУ САМАРЏИОСКИ: Државата ќе мора да и помогне на економијата како никогаш досега
Објавено во: Економија, Интервјуа 16 Април, 2020
Сега за бизнисот е од животно значење, како никогаш досега, државата да им излезе во пресрет на компаниите. Владата треба да се задолжи на странските пазари, и на тој начин да обезбеди средства со кои ќе им даде директна финансиска поддршка на фирмите на кои им е потребна, за да ги одржи во живот во овие тешки времиња. Меѓутоа, таа помош треба да биде соодветна на тоа колку е погоден одреден сектор, во спротивно, тоа би бил неправеден процес. Притоа, Владата треба значајно да ги скрати непотребните трошоци од државниот буџет, и конечно да ги намали парафискалните давачки. Вакви се размислувањата на Сашко Самарџиоски, генерален директор на „Прилепска пиварница“, кои тој ги изнесува во екслузивно интервју за Фактор. Самарџиоски сосема искрено говори за тоа како корона кризата ја погоди компанијата со која управува, што е сосема очекувано во услови кога се затворени угостителските објекти, а и граѓаните ја намалија потрошувачката. Сепак, вели, сега е најважно да го заштитиме здравјето на граѓаните, а потоа постепено ќе ја поправаме економијата. Во интервјуто со Самарџиоски разговаравме и за тоа како „Прилепска пиварница“ го прилагоди производствениот процес на мерките за заштита кои се барани од Владата, за сите напори кои се преземаат компанијата да се одржи во живот, и како во ниеден момент не се размислува дека ќе биде загрозено било кое работно место...
Вашата компанија важи за една од поуспешните и еден од најреномираните производители на пиво и газирани сокови во земјава. Дали и колку кризата предизвикана од мерките за заштита од коронавирусот ја погоди „Прилепска пиварница“?
Самарџиоски: Кризата што се случи со појавата и ширењето на вирусот КОВИД-19, како во светот така и во нашата држава, не ја одмина и „Прилепска пиварница“, како една од поголемите компании за производство на пиво и безалкохолни пијалоци. Нормално, како што започнаа да се воведуваат и да се зголемуваат мерките за претпазливост од социјализација и контакти на луѓето, така почнаа да се зголемуваат и предизвиците во менаџирањето на самата комапнија. Како што стана предизвик да се одржува продажбата на готовите производи, исто толкав, ако не и поголем предизвик стана да се одржува производството на некое ниво што значи одржување на процесите во колку-толку нормален тек, за да може компанијата да функционира и понатаму. Знаете, ние спаѓаме во индустријата на прехрана и пијалоци, но за разлика од прехраната, кај пијалоците во една ваква криза кога населението е изолирано, нема социјализација, нема дружби и веселби, нема излегување по угостителски објекти, продажбата најмногу трпи. И ако кај прехраната кај некои артикли има и зголемување на потрошувачката, кај пијалоците тоа не е случај. Се купуваат само количини за индивидуална потреба, и тоа во минимални количини, и нема создавање на домашни залихи, затоа што луѓето најмногу се оптоварени со тоа да имаат залихи на продукти кои ги сметаат за најнеопходни за живот во една ваква криза. Тоа значи дека нашите производи се секундарни во планот за купување, и кога се пазари, се купува во минимални количини. Во едно такво миље нема како да кажам дека нашата компанија не е погодена од целата оваа ситуација.
Дали и колку е намалена
Вашата продажба откако престанаа со работа угостителските објекти?
Самарџиоски: Забраната за работа на угостителските објекти беше еден од првите удари на продажбата која ја почувствувавме, и мислам дека покрај тоа што нормално најмногу ги погоди самите сопственици на објектите и вработените кои беа вработени таму, веднаш после нив најмногу осетивме ние во индустријата на пијалоци, зошто ние сме неразделна алка во целиот тој синџир на функционирање на угостителскиот сектор. Забраната за работа на сите угостителски објекти преку ноќ значеше моментално затворање на каналите за продажба во овие објекти, и со тоа и инстантно пад на волуменот на ниво на целата компанија. И колку подолго траат мерките за затворени угостителски објекти, толку долго ќе ги трпиме загубите од изгубени волумени на нашите производи во тој сегмент на продажбата. Да не се разбериме погрешно, јас не мислам дека тоа не требаше да биде направено и дека таа мерка не требаше да биде донесена. Нормално дека пред се, најбитно е здравјето и животот на луѓето, па потоа бизнисот и работата. И јас ги поддржувам сите мерки кои Владата ги донесе за да ги заштити граѓаните на оваа држава и без разлика колку се болни за бизнисот, најбитно е оваа криза да ја поминеме што побрзо и со што е можно помал број на жртви. Јас само одговарам на вашето прашање дали мерките за забрана на работа на угостителските објекти значат и пад во продажбата на нашите производи.
Дали можеби граѓаните, кои се принудени да седат дома, сега преку маркетите купуваат поголеми колични пиво и сокови, или не се забележува промена?
Самарџиоски: Што се однесува на продажбата во маркетите, таму ситуацијата, логично, не е како кај угостителскиот сектор, но и таму не можеме да очекуваме продажба како во нормални времиња. Имено, како што кажав претходно, навиките за купување кај луѓето во вакви кризи се менуват драстично и некогаш се нерационални, но не можеме да ги обвиниме. Не се наоѓаме во вакви кризи многу често, па за да знаеме како да се однесуваме рационално. Затоа ни беше чудно на почетокот кога почна кризата и кога сите исплашени почнаа да купуваат покрај огромни количини брашно, шеќер, масло, тестенини, купуваа и огромни количини тоалетна хартија! Тоа според мене а и според многу аналитичари на однесуавањето на потрошувачите е нерационално размислување, но ете, едноставно се случува. И во еден таков амбиент мора секој да се адаптира на новиот начин на однесување на купувачите. Јас мислам дека ќе има многу студии после оваа криза кои ќе го изучуваат и анализираат функционирањето на мозокот кај луѓето во време на вакви кризи и како размислуваат при донесување на одлуките за купување.
Нормално, во вакви моменти на различни навики кај потрошувачите, купувањето на асортиман кој ние го нудиме во нашата палета на производи не е најнеминовен и со тоа не можеме да очекуваме да продаваме исти волумени како во нормални услови. Работата е сега да одржиме колку што можеме подобра продажба. Пред претстојните велигденски празници во изминатите години имавме многу голема продажба на нашите производи, и секоја споредба со оваа година е неблагодарна. Но, за да ја одржиме на некое ниво продажбата оваа година, понудивме повторно продажни промоции со намалени цени на дел од нашиот асортиман, за да им понудиме на нашите конзументи подобри услови при шопингот и да им ги направиме колку што можиме поубави претстојните велигденски и рамазански празници. Би сакал да има што поголем број компании кои ќе го направат истото, затоа што бевме сведоци на енормно големо поскапување на производите кога започна кризава. Не е баш убаво во вакви моменти да се мисли да се заработи екстра кога луѓето се исплашени за својот опстанок. Затоа ние како компанија сметаме дека во овие моменти треба да бидеме со емпатија кон нашите потрошувачи и да нудиме производи по намалени цени, а кога ќе помине целата оваа криза, се надевам дека конзументите ќе знаат да го ценат тоа.
СЕГА Е ВРЕМЕ ДА СЕ НАПРАВИ РЕЗ КАЈ ПАРАФИСКАЛНИТЕ ДАВАЧКИ
За минатата година „Прилепска пиварница“ оствари добивка, но таа е значајно намалена во однос на 2018 година, и тоа детално го образложувате до акционерите во својата објава до Берзата. Можете ли поедноставно да ни доловите на што се должи понискиот финнсиски резултат во 2019 година?
Самарџиоски: Минатата година беше една од годините со најголеми предизвици во последните 15-тина години. Знаете, кога во еден момент ќе се поклопат коцките, но не баш на многу добар начин, резулататот не е на ниво како што сме посакувале. Имавме полош старт во продажбата заради полоши временски услови од почетокот на годината во споредба со истиот период во 2018 година, имавме промена на ценовната политика кај одреден асортиман, која се покажа дека не може да помини на терен, па ја корегиравме кон крајот на сезоната, бевме доста изложени на трошоци во маркетинг и имавме огромен број на промотивни продажни активности кои беа проследени со намалување на цената на производите, и затоа на крајот резултатот излезе таков каков што е. Оваа година се сетиравме на подруг начин и првите два месеци имавме многу завидни резулатати во продажбата, и очекувавме дека ако продолжиме на ист начин, дека оваа година ќе се вратиме на старите патеки кога прикажувавме голема успешност во работењето. Но, ни се случи во март оваа криза со појавата на КОВИД-19 и од корен ги измести очекувањата за оваа година. И тоа најмногу ќе претрпиме удар на приходната страна, но затоа презедовме кризни мерки кои би требало и во вакви услови да донесат добри крајни резултати што се однесува на добивката, со кратење на многу трошоци во работењето. Се надеваме дека можеме и во кризна година да покажеме успешно работење. Ќе видиме дали ќе ни се остварат проекциите.
Со каков финансиски резултат очекувате дека ќе ја завршите оваа година, со оглед на коронакризата и неизвесноста уште колку долго ќе траат рестриктивните мерки наложени од Владата?
Самарџиоски: Најбитно е сите заедно да ја победиме оваа ситуација со вирусот. Да нема многу голем број на заболени и жртви, а после тоа на сите нас е да ја преживееме економската криза која ќе ни претстои сигурно, и тоа, според некои мои видувања, нема да прекине со крајот на годината, туку ќе бидеме во економска криза неколку години. Ни претстојат тешки години кои треба да се преживеат и голем број на компании нема да можат да го издржат и да се носат со таков притисок на кризата. Очекувам дека голем број на компании ќе имаат потреба од финансиска инекција од страна на државата. Но, Владата, покрај тоа што ќе помогне финансиски, мора да направи и еден голем рез на оние парафискални давачки и административни бариери, за да овозможи бизнисот да тече поглатко и без дополнителни оптоварувања. Ова многу пати беше дискутирано на многу конференции и настани, но досега се нема случено некоја драстична промена на ова поле. Еве сега шанса, покрај сите останати мерки кои ги презема Владата, да му помогне на бизнисот. Ова е шанса да ја направи и таа гилотиња која долги години ја бара бизнисот и да ни помогне без дополнителни оптоварувања и бирократски препреки да работиме поекономично и побрзо.
Дали Вашата компанија извезува, колку опфаќа извозот од вкупното производство и дали сега тој е намален, откако и во речиси сите други држави се воведени мерки за забрана за работа на угостителските објекти?
Самарџиоски: Кај нас, за жал, извозот не учествува многу, така што од таа страна не сме погодени којзнае колку. Додека увозот на суровини, репроматеријали и готов производ кој го увезуваме сега засега функционира такаречи нормално, со потешкотии околу наоѓање на превозници. Инаку протокот на добра од страна на Царината тече нормално и немаме никакви поплаки на нивната работа.
Сметате ли, како бизнисмен, дека сегашниве мерки на Владата, како што се полициски час од 16 часот, забрана за движење во викенд и слично, но и неизвесноата уште колку долго ќе траат, се премногу рестриктивни и мислите ли дека би требало да се олабават, зошто во спротивно, премногу би и наштетиле на економијата?
Самарџиоски: Кажав и претходно дека во оваа криза приоритет се луѓето и нивното здравје, а после тоа се останато. Не можеме да правиме разговор за раст и развој на економијата ако луѓето се болни. Тука нема простор за мислење. Едноставно работите се ставаат според листата на приоритети и ако тоа значи карантин и забрана за социјализација за да се заштити здравјето, тогаш сите мерки се прифатливи. Тоа, секако, ќе значи голем економски удар на многу бизниси, а некои можеби и тешко ќе се опорават уште долго време, но едноставно нема нешто што е поприоритетно од здравјето и човечките животи. За економијата ќе разговараме и ќе гледаме се што може да се направи и поправи откога ќе помине целата оваа криза. И тоа не само кај нас, туку и на светско ниво, зошто денес светот е премногу поврзан меѓу себе и она што се случува на илјадници километри некаде подалеку, за неколку денови може да дојде и кај нас. Впрочем ова со пандемијава е класичен пример за тоа. Колку само светот е мало село каде една работа, позитивна или негативна, за час може да стигне и кај нас.
НЕ ПРАВИМЕ КОМПРОМИСИ ОКОЛУ ЗАШТИТАТА НА ВРАБОТЕНИТЕ И НА ПРОИЗВОДИТЕ
Како Вашата компанија сега успева да го организира производството, дали се почитуваат сите мерки за заштита на безбедноста на производите, но и за заштита на здравјето на вработените кои беа наложени од Владата?
Самарџиоски: Од првиот ден кога се спомна дека има случаи на заразени лица во Италија, уште од тогаш кај нас во компанијата се формира кризен менаџмент тим, кој имаше за задача да предвиди и да преземе мерки за заштита од една ваква непогода и редовно да ги следи сите настани и препораки од СЗО и од нашето Министерство за здравство. Буквално секојдневно се преземаат мерки за заштита, првично спрема вработените, а потоа и сите мерки за заштита и дезинфекција во производство, за да можеме да произведеме здрави и исправни производи за конзумација. Не правиме никакви компромиси околу ова прашање и ќе продолжиме со уште постриктни мерки за да ги заштитме прво нашите вработени и нивните семејства, а потоа и да ја заштитме целата компанија и производите. Се надевам дека ваквата состојба полека, полека ќе се релаксира во државата, и ќе можеме да се вратиме на претходниот начин на функционирање. Бидејќи, колку и да е можно да се работи од дома, сепак, нашиот бизнис е поврзан со работа на терен, со посета на маркети, продавници, угостителски објекти, со многу контакти. И сепак има голема разлика од работа преку телфон и интернет, а друго е кога се работи во директна комуникација, лице в лице со секој еден наш коминтент. Но, после оваа криза, очекувам многу наши досегашни навики да се изменат, мислам кај луѓето во глобала, и дефинитивно светот после корона кризата нема да биде истиот оној свет што го познававме и што го живеевме пред тоа. Е во едни такви нови околности на живеење и функционирање ќе мора и сите ние и нашите компании да се преадаптираме во начинот на водење на бизнисите. Како ќе биде тоа, ќе видиме подоцна.
Како „Прилепска пиварница“
во овие тешки периоди успева да се справи со последиците од корона кризата, како
ги премостувате проблемите?
Самарџиоски: Сега како компанија и како менаџмент сме насочени да ги решаваме тековните проблеми, како што е заштита на вработените, контрола на производството, овозможување на тековно производство без застои и слично, но во исто време преземаме и постратешки одлуки околу заштита од последиците по корона вирусот. Правиме неколку сценарија во зависност колку јако ќе се одрази целава криза на нашето работење, и спрема тоа носиме и мерки како да се однесуваме понатаму. Сигурно е дека годината ќе биде многу тешка за целиот бизнис, ќе имаме пад на БДП на државата, многу сектори ќе бидат силно погодени од цела оваа непогода и тешко ќе се опорават, а затоа што економијата е целата поврзана во едно општество, не можеме да се надеваме дека ние ќе поминеме најдобро. Од тие причини носиме план за одржување во живот на компанијата, без големи последици кон вработените, да ги задржиме нашите коминтенти и нашите добавувачи, а потоа ќе размислуваме за раст и развој каков што бевме навикнати да гледаме сите овие изминати години.
ПОСЛЕДНО НЕШТО ШТО ПОМИСЛУВАМЕ СЕ ОТПУШТАЊА
Колку вработени има компанијата и дали сега или во наредниот период стравувате дека би се појавила потреба од преземање на непопуларни мерки, на пример праќање на работници на принуден одмор или она што е најмалку посакувано, да мора да има и одредени откази, или, пак, работните места се безбедни?
Самарџиоски: Мислам дека во овој период најмалку размислуваме за тоа дали треба да ги задржиме нашите вработени на своите работни места. Секако дека да. Ние сме инвестирале доста во нашите луѓе и веројатно прво треба да ги испитаме сите останати мерки дали ќе донесат спас на компанијата во вакви услови, да ги смалиме сите трошоци кои можат да се скратат, а функионирањето на комапнијата да не се наруши, па последни на листата за кратење на трошоците ќе бидат нашите вработени. Мислам дека со стратегијата која ја преземаме за периодот после кризата, нема да дојдеме до точка на размислување за сигурноста на работните места на нашите вработени. „Прилепска пиварница“ многу пати покажала дека се грижи за секој еден вработен, и така и ќе остане и во иднина.
Владата излезе со серија економски мерки со кои треба да им помогне на најпогодените сектори полесно да ја пребродат кризата и да не отпуштаат вработени. Дали Вие, како човек кој долги години е во бизнисот, сметате дека тие мерки се доволни за компаниите?
Самарџиоски: Знаете, секогаш се бара државата да помогне и да излезе во пресрет на бизнисот, но сега како никогаш претходно, тоа ќе биде од животно значење за фирмите. Никој не можеше да ја предвиди оваа криза и да каже каков импакт ќе има на компаниите и на луѓето. Дури и сега се уште се прават разни анализи и сценарија колкава ќе биде штетата предизвикана од коронавирусот. Владата излезе со неколку проекции како ќе се одрази на буџетот оваа криза, но јас мислам дека не сме ни свесни колкава може да биде штетата не само на краток рок, туку и на среден рок. Она што го очекувам, затоа што целиот свет е зафатен од истиот причинител, многу компании и држави кои се наши најголеми трговски партнери да претрпат големи штети и дека тие држави ќе си имаат големи проблеми да ја вратат економијата на старите патеки, а тоа значи дека ќе имаат помали потреби од наши производи и услуги што ќе значи пад на продажбата на нашите производи, а тоа ќе влијае на животот на нашите луѓе. Луѓе кои ќе земаат помали плати или луѓе кои нема да бидат на работа автоматски ќе значи намалена домашна потрошувачка и таа спирала која може да не зафати во домашната економија, може да ја повлече и целата домашна економија надолу. Па тогаш ќе треба да чекаме да заживее економската активност кај овие држави, па после и ние да се опоравиме. А тоа значи неколку години. Во едни такви околности, државата ( Владата) треба да донесе план за помагање на компаниите да ги одржат нивните активности преку директна финансиска помош на сите оние кои ќе имаат потреба од тоа и паралелно да ја одржува на високо ниво домашната потрошувачка, за да можат компаниите колку толку да фунционираат нормално. Мислам дека државата треба да го направи потегот да се задолжи од надворешните пазари на капитал и тие средства да бидат наменети директно за одржување на економијата во живот. Исто така треба да донесе нов буџет кој ќе биде крајно економичен со намалување на сите непотребни трошоци и да има средства само за најнормално функионирање на институциите кои се под државна капа. Дури можи и некои агенции и служби, па зошто не и министерства да ги стави под една капа и да ги намали трошоците за нивно функионирање. Ова треба да се сфати дека претставува одлука за живот на државата или комплетен банкрот, и така треба да се носат сите одлуки.
Дали и Вашата компанија ќе користи некои од мерките, како што се субвенциите за придонеси од плати или можеби бескаматните кредити?
Самарџиоски: Моажам да кажам дека ние како компанија нема да бараме никакви субвенции од државата, ниту директна финансиска помош за излез од кризата. Она што го бараме и порано, а сега уште погласно, е намалување на многу парафискални давачки, да се поништат многу бирократски бариери (многу одобренија, лиценци, сертификати, непотребна документација) кои и тоа како делуваат во нормалното функционирањето на една компанија. А тоа значи многу потрошено време, а и не мал износ на средства. Исто така, ќе бараме од државата да ги симне сите бариери кои ни го спречуваат работењето, како што се лиценците за продажба на пиво и алкохолни пијалоци, како и намалување на акцизата на пивото - да се врати на нивото кое беше пред таа да се покачи во 2013 година. Тоа ќе го бараме и мислам дека имаме право на тоа, затоа што цело време зборуваме дека вакви давачки кои ги имаме за пивото не постојат никаде во нашево опкружување и никаде во континентална Европа, а ние сме една од најсиромашните држави во цела Европа. Па сметам дека не е нормално да плаќаме најголеми даноци на пивото, а имаме најнизок стандард.
СУБВЕНЦИОНИРАЊЕТО НА ПЛАТИТЕ НЕМА ДА ДОНЕСЕ ЕФЕКТИ
Дали сметате дека ќе биде неопходно Владата да донесе и други мерки, со кои би им дала многу поголема и посериозна финансиска поддршка на компаниите? Како би требало да бидат дизајнирани тие мерки?
Самарџиоски: Најпрво е потребно државата да позајми поголема количина пари од надворешните институции, за да може да обезбеди нормално функионирање на сите институции во државата. После тоа да разгледа каков е импактот на секој сектор од индустријата поединечно. За оние што се повеќе погодени - да донесе наменски мерки за помош на тој сектор. Не се сите исто погодени од оваа криза, така да не може да се носат генерални мерки за сите компании заедно. Тогаш ќе се направи поголема неправда и може да се случи и некои средства да се злоупотребат. А мерки постојат како може да им се помогни на оние на кои најмногу им треба помош. Само треба да се има желба и добра мисла, а не да се размислува како да се направи некоја проневера. И според мене, треба да се размислува како да се помогне бизнисот, а не како да се субвенционираат платите. Тоа е краткорочно размислување и нема да донесе никакви среднорочни резултати. Ако им се помогнат бизнисите на оние на кои им треба помош, верувајте дека нема сопственик кој нема да им плати плата на вработените, зошто ако му избегаат добрите вработени, тогаш сам ќе си го затвори бизнисот. Сметам дека таа теза дека газдите се богателе на грбот на вработените во последниве години не е баш точна, затоа што пазарот на работна сила толку се промени во последниве две-три години, што секој сопственик би сакал да има квалитетни вработени во својата компанија, а за тоа е спремен и да плати соодветно. Затоа сметам дека сега ситуацијата е да се помогнат бизнисите за да продолжат да работат, а не самите плати на вработените, зошто тоа може да се злоупотреби и да нема подалкусежен ефект.
Дали банките сега им одобруваат доволно кредити на фирмите и дали сметате дека по корона кризата тие ќе имаат капацитет да му ја обезбедат потребната кредитна поддршка на стопанството?
Самарџиоски: Што се однесува за банкарскиот сектор, после оваа криза ќе мора и тој да се стави во функција на спас на економијата и на животниот стандард на луѓето. Ќе мора да излезат во пресрет на потребите на компаниите со репрограмирање на кредитите од компаниите, со давање на евтини кредитни линии (ако и сегашните стапки не беа многу високи), разликите помеѓу активната и пасивната каматна стапка да ја намалат, да ги зголемат и олеснат потрошувачките кредити за населението, да ги намалат процедурите за давање на кредити, да ги намалат драстично каматите на средстввата што се трошат преку кредитни картички (кои се ненормално високи), се со цел да се зголеми домашната потрошувачка. Знам дека сето ова што го кажувам значи намалување на нивните профити, а тоа се сепак приватни компании и не може никој да им се меша во нивната политика, но доколку не се одлучат да помогнат на целата економија и целото население во овие критични моменти за опстојување на целото општество, тогаш ќе дојде период кога ќе немаат ни од каде да очекуваат профит ако не зафати црно сценарио во целата држава. Во вакви ненормални моменти треба да се донесат не баш многу рационални одлуки, зошто некогаш не е потребно само да се понуди помош, туку многу е битно и времето кога тоа треба да се направи. Што порано, тоа подобро, зошто после тоа може да биди многу доцн и без никаков ефект. Времето е пари, како што би рекле во бизнисот, а сега во вакви околности времето ќе значи живот.
Нина Нинеска-Фиданоска