06 Октомври, 2024
0.0255

АмЧам претставува - Практики на иднината

ИНТЕРВЈУ ШТЕРИЕВ: ESG Водичот – нова алатка за посветени и амбициозни компании

Објавено во: Економија 09 Септември, 2022

Добивај вести на Viber

На почеток од оваа година, Македонска берза го претстави својот Водич за ESG известување. Како акроним од англиските зборови Environmental, Social and Governance, ESG Водичот се однесува на известувања за активностите поврзани со животната средина, општествените прашања и управувањето. Според Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска Берза и член на АмЧам ESG Комитетот, ESG Водичот е практична алатка за обелоденувања поврзани со ESG стандардите, којашто им овозможува на котираните компаниите целосно усогласување со новиот Кодекс за корпоративно управување што ќе стапи во сила од 2023 година. Секако, Водичот може да го користат и други котирани и некотирани компании. ESG е релативно нова тема во нашата деловна средина, поради што, овој Водич има за цел да го олесни овој вид известување од страна на компаниите.

Прво честитки за Водичот за ESG известување бидејќи станува збор за документ кој адресира тема која не е доволно позната во нашата земја на начин кој е лесно разбирлив со што се дава одличен вовед во темата на ESG и што таа значи за сите засегнати страни. Објаснете ни малку повеќе за самиот водич?

Штериев: Берзите ширум светот играат клучна улога во промовирање на одржливи инвестиции преку подобрување на свесноста и транспарентноста на компаниите во оваа сфера. Македонската берза е повеќе години членка на т.н. Иницијативата на одржливи берзи којашто работи под покровителство на Обединетите нации. Оваа Иницијатива обезбедува глобална платформа за дијалог помеѓу берзите, инвеститорите, компаниите, регулаторите и другите релевантни чинители. Последователно, Македонска берза, како и другите пазарни оператори што членуваат во оваа Иницијатива, е максимално посветена кон промоција на концептот на ESG и ESG известувањето.

Имајќи го ова предвид, во новиот Кодекс за корпоративно управување на Македонската берза, којшто беше изготвен заеднички со Комисијата за хартии од вредност и реализиран со поддршка од Европската банка за обнова и развој, вклучивме посебно поглавје за ESG прашањата.  

Водичот дава унифицирана, конзистентна и транспарентна рамка за ESG известување хармонизирана со европските стандарди од оваа област и промовира добри корпоративни практики за информирање на инвеститорите околу активностите на компаниите поврзани со животната средина, општествената одговорност и управувањето. Водичот објаснува што е и зошто е важно ESG известувањето и кои се главните меѓународни стандарди и рамки за ESG известување. Водичот, исто така, разработува етапен пристап во ESG известувањето, одговарајќи на прашањата што, зошто и како да се известува, а обезбедува и збир од препораки за минимално обелоденување.

Кои се причините што Македонска Берза ја охрабрува и подржува имплементацијата на ESG од страна на бизнис секторот, како и што може да значи тоа за компаниите? Што е она што го одделува и го прави поразличен овој концепт од концептот на општествена одговорност?

Штериев: Светот генерално и компаниите конкретно се соочуваат со нови предизвици при обезбедувањето на долгорочната одржливост. Темите поврзани со животната средина, општествените прашања и управувањето на компаниите стануваат сè поважни. Истовремено, инвеститорите сè повеќе ги вклучуваат т.н. ESG фактори во своите инвестициски стратегии и очекуваат од компаниите да известуваат за своите ESG практики. Затоа, компаниите стануваат сѐ посвесни за овие фактори и почнуваат да ги интегрираат во својата организација и во процесите на одлучување.

Транспарентноста генерира доверба во пазарот на капитал и во самите компании. Македонска Берза се стреми да обезбеди услови за одговорно тргување. Знаењето е еден од основните предуслови за одговорно тргување, а знаењето зависи од разбирливи, целосни, навремени и транспарентни информации достапни за сите пазарни учесници. Со овој ESG Водич се обидуваме да го подобриме компаниското известување околу животната средина, општествените прашања и управувањето – прашања што сѐ повеќе се во фокусот на инвеститорите насекаде.

Имплементацијата на ESG концептот и подобрите перформанси на компаниите во овој домен носат бројни бенефити, особено зголемување на ефикасноста, подобро управување со ризиците, пониска цена на капиталот, нови деловни можности, поголем углед и атрактивност во очите на инвеститорите. ESG Водичот треба да им помогне на македонските компании да бидат поподготвени да одговорат на барањата што ги наметнуваат меѓународните деловни односи, како и да одговорат на европските регулаторни барања што во скоро време најверојатно ќе бидат имплементирани во домашното законодавство.

Она што го одделува и го прави ESG концептoт поразличен од концептот на општествена одговорност на компаниите е тоа што, ESG е посеопфатен, но, што е уште побитно, истиот е мерлив. Имено, овој концепт се интегрира во целокупниот организациски процес на компанијата и во нејзините системи за управување со ризици и вклучува утврдување на квантитативни цели и примена на методи за оценка на влијанието од остварувањето на тие цели. Кај овој концепт се применува принципот на т.н. „двојна материјалност“ (double materiality), односно од друштвата се бара претходно да утврдат, а потоа и да обелоденат на кој начин нивното работење и успешност се под влијание на ESG ризиците и можностите (т.н. перспектива „однадвор кон внатре“) и на кој начин тие влијаат врз животната средина и општеството во целина (т.н. перспектива „одвнатре кон надвор“).

Дали имплементацијата на ESG стандарди и политики наведени во Водичот од страна на бизнис секторот бара одредени предуслови и/или зависи од одредени фактори (на пример големина на компанија, индустрија, буџет, како и факторот во која бизнис средина таа компанија оперира)? 

Штериев: Секако дека имплементацијата на ESG концептот во работењето на компаниите бара ресурси. Оттука, факторите какви што се големина на компанијата и буџетот имаат свое влијание. Големината и карактеристиките на компанијата и индустријата од која доаѓа или, пак, степенот на амбиција да се интегрира ESG концептот може да влијаат на изборот на рамката за ESG известување.

Мотивот на една компанија за имплементација на ESG концептот може да биде различен. Потребен е индивидуален пристап за секоја компанија, но суштински не постојат однапред утврдени предуслови. Станува збор примарно за определба на компанијата да го имплементира ESG концептот во своето работење. Големо влијание имаат регулаторните напори и притисоците од инвеститорите и другите засегнати страни врз компаниите за придржување до најдобри меѓународни практики. Најчесто, токму овие притисоци се двигатели на процесoт на ESG имплементација, но всушност тие треба да претставуваат предизвик на којшто треба побргу да се одговори.

Дали во нашата држава ја имаме потребната „инфраструктура“ за компаниите да станат ESG-усогласени (доволно знаење, законска рамка, услови, одредени стимулации, поддршка од интернационални/владини организации...)?

Штериев: Што се однесува до македонската ESG „инфраструктура“, може да се каже дека е во почетна фаза, но истовремено треба да се очекува дека брзо ќе се надградува. На нашата агенда за усогласување со европското законодавство е донесувањето на нова законска рамка за пазарите на финансиски инструменти и за транспарентност на издавачите на хартии од вредност. ЕУ е засега лидер во промоцијата и имплементацијата на ESG стандардите во светски рамки. Веројатно последователно нормативно ќе се вградат и европските решенија во областа на ESG.  Неодамна беше донесена и Стратегијата за развој на пазарот на капитал во Република Северна Македонија со која се покрена прашањето за зелени инвестиции во хартии од вредност и нивно фискално стимулирање и можноста за издавање на емисиони квоти како финансиски инструменти. Во наредниот период се повеќе ќе се промовираат можностите за инвестирање во долгорочни зелени проекти преку намалување на трошоците за вложување во нив. Фискалните стимулации на овој план се застапени во даночните законодавства на повеќе развиени земји. “Зеленото оданочување“ веќе го најави и Владата со Стратегијата за реформа на даночниот систем. Доколку се придвижат работите во оваа сфера Македонска берза е подготвена брзо да реагира и да организира посебен сегмент за т.н. „зелен пазар“ со што би се добила дополнителна препознатливост на ваквите финансиски инструменти и за емитентите и за инвеститорите.

Концептот на ESG е во силен фокус на различните меѓународни организации и најновиот тренд што може да се забележи е поддршка на развојот на дигитални алатки за подобрување на ESG известувањето и размена на знаење од оваа област. Македонска берза моментално активно работи за вклучување во неколку вакви регионални проекти.

Што е појдовна точка на компаниите при започнување со имплементација на овој концепт? Како се одвива целиот процес и воедно дали е процес кој има почеток и крај или се работи за континуиран процес? 

Штериев: ESG имплементацијата е континуиран и долгорочен процес, којшто подразбира интегрирано управување со ESG факторите и ризиците. Потребата од интегриран пристап се должи на фактот што не е возможен одржлив развој на компанијата ако влијанијата на ESG факторите се несоодветно адресирани. Појдовна точка на компаниите при започнување со имплементација на овој концепт и спроведувањето на интегриран пристап во управувањето со ESG ризиците е да ги идентификуваат сите засегнати страни за кои всушност ќе биде наменето нивното ESG известување, по што следи процена на значајноста, односно вршењето на материјална анализа со која ќе се утврди кои ESG фактори се релевантни за компанијата и нејзините засегнати страни, за како клучна активност на крај да се развие стратегија за управување со ESG ризиците и можностите. Листата на активности е долга и зависи од карактеристиките на секоја компанија, а истите се одвиваат на континуирана основа, односно ESG имплементацијата практично значи modus vivendi за компаниите чија цел е одржливоста.

Проактивното управување со ESG ризиците им овозможува на компаниите да бидат во тек со најновите трендови и регулативи и да носат поинформирани одлуки за планирање на инвестициите. Воведувањето системи за управување со животната средина заради поекономична употреба на вода и енергија и помало создавање отпад не е добро само за планетата, туку и за крајните финансиски резултати на која било компанија. За многу индустрии, енергијата е меѓу најголемите оперативни трошоци, што значи дека поголемата енергетска ефикасност може да помогне да се намалат трошоците. Дополнително, доброто управување со човечкиот капитал може да ја поттикне мотивираноста на вработените и да ја зголеми продуктивноста. Компаниите коишто го сметаат ESG концептот како важен бараат адекватни деловни решенија и партнери во синџирите на снабдување/вредности. Ова често значи вградување на ESG стандардите во формалните политики за набавки и тендерските процеси. Добавувачите кои можат да ги исполнат тие барања ќе бидат подобро позиционирани и ќе бидат поприфатливи од конкурентите. Добрите ESG перформанси може да ја подобрат и перцепцијата на вработените за друштвото и да влијае врз компаниската способност за привлекување и задржување на квалитетни кадри. Финансиските институции сè повеќе препознаваат дека само финансиските показатели не се доволни за да се одреди профилот на ризик и потенцијалот за создавање вредност на компаниите. Идните ESG ризици со кои може да се соочи друштвото и начинот на којшто тоа управува со нив може да влијае врз пристапот до капитал воопшто и трошоците на финансирање конкретно.

Која е застапеноста на ESG усогласени компании во нашата држава споредена со Балканот, како и ЕУ?  Дали има одредени предвидувања за во иднина поврзано со нејзиното ширење, развој и брзина? 

Штериев: Иако во Македонија веќе постојат компании што имаат развиено свои ESG стратегии и истите веќе ги имплементираат, рано е да се зборува за ESG усогласени  компании и да се прават споредби на регионално или европско ниво. Дефинитивно, она што може да се очекува е поинтензивно развивање на овој концепт и ширење на застапеноста на ESG деловната филозофија кај што повеќе компании. Тоа е предуслов за што повеќе ESG усогласени компании на среден и долг рок.  

Што се однесува до најголемите котирани компании, со оглед на тоа што Берзата на барање на поголем број друштва ќе започне со задолжителна примена на новиот Кодексот за корпоративно управување во 2023 година, мерењето на усогласеноста на нашите блу чипови со ESG стандардите ќе биде можна дури по истекот на наредната година. Во меѓувреме се подготвуваат алатки за следење на усогласеноста на компаниите со новиот Кодекс, а со тоа и за нивното известувањето за општествените прашања, животната средина и управувањето. Оттука, во блиска иднина ESG усогласеноста на оваа група на котирани компании на Берзата ќе биде максимално видлива.

Иако ESG концептот кај нас е еден вид новитет тој станува се поважен за македонските компании и за домашните инвеститори. Во изминатиов период, додека активно комунициравме со котираните компании околу новиот Кодекс и ESG Водич, можевме да забележиме дека иако истите се на почетокот на своето ESG патување, одржливото работење и транзицијата кон одржлива, еколошки здрава и социјално инклузивна економија, се доста присутни во нивните корпоративни размислувања и агенди. 

*Одговорите во ова интервју се ставови на интервјуираниот и не секогаш ги одразуваат официјалните ставови на Американската стопанска комора.

Можеби ќе ве интересира

НЕВЕРОЈАТНА ЗАРАБОТКА НА ОКТОБЕРФЕСТ, КЕЛНЕРИТЕ СТИГНУВААТ И ДО 10.000 ЕВРА НЕТО: Шеторите имаат промет и до девет милиони евра

НЕВЕРОЈАТНА ЗАРАБОТКА НА ОКТОБЕРФЕСТ, КЕЛНЕРИТЕ СТИГНУВААТ И ДО 10.000 ЕВРА НЕТО: Шеторите имаат промет и до девет милиони евра

НЕМААТ РАБОТНИЦИ, ПА КОРИСТАТ ВЕШТАЧКА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА: Јапонија вака го решава овој проблем

НЕМААТ РАБОТНИЦИ, ПА КОРИСТАТ ВЕШТАЧКА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА: Јапонија вака го решава овој проблем

ЗЕМЈИТЕ НА ПОРАНЕШНА СФРЈ ЛЕЖАТ НА БОГАТСТВА, САМО СЛОВЕНИЈА БУКВАЛНО НЕМА НИШТО: Но, тие се побогати од сите заедно

ЗЕМЈИТЕ НА ПОРАНЕШНА СФРЈ ЛЕЖАТ НА БОГАТСТВА, САМО СЛОВЕНИЈА БУКВАЛНО НЕМА НИШТО: Но, тие се побогати од сите заедно

ВО ЕДЕН ЕВРОПСКИ ГРАД СЕКОЈ МОЖЕ ЛЕСНО ДА НАЈДЕ РАБОТА: Стапката на невработеност таму изнесува помалку од два отсто

ВО ЕДЕН ЕВРОПСКИ ГРАД СЕКОЈ МОЖЕ ЛЕСНО ДА НАЈДЕ РАБОТА: Стапката на невработеност таму изнесува помалку од два отсто

НА ПОВИДОК МЕГА ПРОИЗВОДИТЕЛ НА АВТОМОБИЛИ: Во преговорите влегуваат премиум брендови

НА ПОВИДОК МЕГА ПРОИЗВОДИТЕЛ НА АВТОМОБИЛИ: Во преговорите влегуваат премиум брендови

На покана на ЕИБ, Анѓушев говореше за поставување батерии на фотоволтаични електрани во Штип

На покана на ЕИБ, Анѓушев говореше за поставување батерии на фотоволтаични електрани во Штип

ВО ВТОРНИК СЕ ПОТПИШУВА ДОГОВОРОТ ЗА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ: Министерката Кочовска ќе отпатува во Будимпешта

ВО ВТОРНИК СЕ ПОТПИШУВА ДОГОВОРОТ ЗА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ: Министерката Кочовска ќе отпатува во Будимпешта

ЦЕНАТА НА НАФТАТА И НАТАМУ РАСТЕ, ДАЛИ НИ ДОАЃА НОВ ИНФЛАЦИСКИ БРАН: Што ќе донесе војната на Блискиот Исток?

ЦЕНАТА НА НАФТАТА И НАТАМУ РАСТЕ, ДАЛИ НИ ДОАЃА НОВ ИНФЛАЦИСКИ БРАН: Што ќе донесе војната на Блискиот Исток?

Парите за закуп за терминалот Александруполи ќе пропаднат?

Парите за закуп за терминалот Александруполи ќе пропаднат?