12 Декември, 2024
0.0329

Д-р Маја Стевкова-Штериева, Главен финансов директор и Член на Управниот одбор на Комерцијална банка

ИНТЕРВЈУ СТЕВКОВА-ШТЕРИЕВА: Банките и натаму остануваат прв избор на граѓаните, во Комерцијална банка се чуваат 1,66 милијарди евра на населението

Објавено во: Финансии, Интервјуа 10 Декември, 2024

Добивај вести на Viber

Банкарскиот сектор е меѓу убедливо најпрофитабилните бизниси во земјава, и тоа е така со години наназад, што често пати знае да предизвика и негодувања во јавноста. Но, дали компаниите и граѓаните можат без банките, и како би се развивала економијата доколку ги нема нив да ги канализираат парите. Како банките успеваат да бидат се попрофитабилни, но и како Комерцијална банка ја оствари фантастичната добивка од 72 милиони евра за девет месеци од годинава, во интервју за Фактор многу прецизно објаснува д-р Маја Стевкова-Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка. Со Стевкова-Штериева разговаравме и за тоа што го стимулира постојаниот раст на цената на акциите на оваа банка на Берзата, но и за тоа дали после обидот да се преземе Стопанска банка Битола, кој не успеа, Комерцијална банка планира да преговара за преземање со некоја друга банка во земјава. Но, и за многу други интересни теми од аспект на очекувањата за натамошното движење на каматните стапки, довербата што граѓанскиот сектор ја има во банката и постојаниот раст на депозитите, кредитирањето... 

Кога размислував за прашањата кои би Ви ги поставила, ми се чини дека неодминливо е прво да биде она за исклучително високиот профит што го оствари Комерцијална банка, фантастични 72 милиони евра за првите девет месеци од годинава. Тоа е секако повеќе од одлична вест за акционерите, но јавноста се прашува, на што се должи толку високата бројка. Можете ли поедноставно да ни објасните како се постигна толку голема добивка, од каде дојдоа тие големи пари?

Стевкова-Штериева: Зголемената добивка на Комерцијална банка во текот на 2024 година во голема мерка се должи на извонредно поволната структура на пласманите на Банката. Во моменталните услови, ваква комбинација на кредити на население и нефинансиски правни лица, пласмани во хартии од вредност и пласмани во странски банки, при настанатиот раст на каматните стапки придонесе за многу добри ефекти на добивката на Банката. Освен тоа, прудентната кредитна политика на соодветно резервирање на кредитите со исправка на вредност, како и квалитетното обезбедување овозможи преку впаричување на овој преземен имот да се остварат капитални добивки и наплата на отпишани побарувања.

Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи од дејноста и зголемените нето приходи од камата, а во помал обем и од зголемените нето приходи од провизии и надоместоци и нето приходи од тргување. Позначителното зголемување на останатите приходи од дејноста во споредба со истиот период минатата година е резултат на зголемените приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот, како и од зголемениот износ на наплатени претходно отпишани побарувања.

Приходите по основ на камата се зголемени за 27,6 отсто, и тоа кај секторот финансиски друштва поради зголемените каматни стапки на благајничките записи и на депозитите пласирани во НБРСМ, кај секторот држава како резултат на зголеменото вложување во државни хартии од вредност со зголемени каматни стапки, кај нефинансиските друштва и населението поради зголемени пласмани и кај нерезидентите, односно странските банки повторно поради зголемени пласмани, како и зголемени каматни стапки.

Колку рекордната добивка беше пресудна и за наградата „Банка на годината за 2024 година“, која Комерцијална банка ја добива неколку години по ред?

Стевкова-Штериева: Секако дека наградата е одраз на работењето на Банката и на нејзиниот финансиски резултат, но и на другите показатели, како што се повратот на капитал, стапката на трошоци во однос на приходи, нефункционалните кредити..., кои имаат особено значење за една банка да биде избрана за Банка на годината од страна на престижниот магазин The Banker. Воедно, Банката се оценува и според развојот на технологијата и дигитализацијата, иновациите, новите производи кои се нудат на клиентите и други достигнувања.

Всушност, билансите и во Комерцијална, но и во другите банки, говорат дека најголемиот извор на банкарските профити се нето приходите од камати, а тука, пак, значајна улога игра и каматната маргина. Зошто е таа толку висока во Македонија?

Стевкова-Штериева: Една од најзначајните детерминанти на нивото на каматната маргина е премијата за ризик, која треба да го покрие преземениот ризик кај пласманите. Иако нивото на нефункционална кредити на ниво на систем е релативно стабилно, не смееме да заборавиме дека дел од пласманите кои 12 месеци се 100 отсто резервирани согласно регулативата се пренесуваат на вонбилансна евиденција, а тоа на некој начин ја подобрува сликата за квалитетот на кредитниот ризик во системот. Затоа и понатаму останува потребата да се издвојуваат поголеми износи на средства за заштита од кредитниот ризик.

Нормално, друга компонента на маргината е цената на ангажираниот капитал, која со зголемувањето на капиталните барања е сѐ повисока. Колку повеќе капитал е потребен, толку е поголем износот од остварениот профит што акционерите очекуваат да им се подели, особено ако морале да се откажат од дел од него за да се зголемат резервите.

И на крајот, ако се има предвид дека каматната маргина практично претставува разлика помеѓу каматоносните извори на средства и каматоносните пласмани и ја одразува структурата на истите, може да се зборува за нивното влијание врз нејзината висина. Доколку во изворите на средства доминираат депозити кои се поевтин извор на финансирање во однос на кредитните линии, односно позајмици од финансиски пазари, должнички инструменти и акционерски капитал, тогаш и каматната маргина може да биде поголема во услови на зададено ниво на активни каматни стапки.

И, за да ја заокружиме темата со профитите, можете ли да ни откриете колкава чиста добивка очекувате во Комерцијална банка за 2024 година?

Стевкова-Штериева: Како котирана компанија Комерцијална банка настојува колку што може повеќе да се грижи за транспарентноста на информациите кои потекнуваат од Банката и да обезбеди еднаква достапност на истите до сите засегнати страни и до инвеститорската јавност. Поради тоа, единствено што во оваа прилика може да се прокоментира е дека според досега објавените резултати, јасно е дека добивката ќе ја надмине планираната за 2024 година и дека ќе биде значително поголема. Сепак, сѐ додека конкретниот износ не биде разгледан од Надзорниот одбор на Банката, тоа не е информација која би смееле да ја коментираме.

Акцијата на Комерцијална банка на Берзата е убедливо најтргувана, а нејзината цена постојано расте. Ќе ни откриете ли на што се должи толку високиот интерес?

Стевкова-Штериева: Неспорно е дека во изминатите неколку години Комерцијална банка бележи извонредни финансиски резултати, исплатува висок износ на дивиденда и притоа постигнува и зголемување на резервите, со што уште понагласено го зацврстува интересот на инвеститорите за тргување со акцијата. Сепак, има и други исклучително значајни аспекти поврзани со ликвидноста на акциите на Комерцијална банка кои го рефлектираат долгорочниот тренд и интерес на инвеститорската заедница за оваа акција. Со исклучок на две години кога не беше исплатена дивиденда, Комерцијална банка има долгогодишна стабилна дивидендна политика базирана на адекватна распределба на добивката во дивиденда и резерви со цел да се задоволат очекувањата на акционерите и потребата од зголемување на капиталот за регулаторни цели кои ќе го поддржат кредитниот раст.

Не може да се заборави дека еден од значајните аргументи за континуираниот интерес за акцијата на Комерцијална банка од страна на инвеститорите и акционерите се и стабилноста и сигурноста на Банката, нејзината голема транспарентност, квалитетна ревизија, соодветно ниво на корпоративно управување, кои влеваат доверба кај постојните и потенцијалните акционери.

Како што памети јавноста, Комерцијална банка даде понуда за преземање на сите акции на Стопанска банка Битола, но мнозинството од нејзините акционери одлучија да продолжат самостојно. Дали можеби Банката планира да се обиде да купи некоја друга од помалите банки во земјава и дали можеби се водат преговори во таа насока?

Стевкова-Штериева: Во моментот нема никакви намери ниту преговори за преземање на која и да било банка. Македонскиот банкарски пазар е многу конкурентен и во земјата работат банки кои припаѓаат на силни европски групации, со висока ликвидност, капитал и апетити за раст. Во такви услови може да се забележи дека постојат региони во земјата во кои е потешко да се постигне органски раст на работењето и каде единствен начин позначително да се зголеми пазарното учество, а притоа да не се преземе преголем ризик, е тоа да се направи преку купување друга помала банка. Поради тоа не може да се исклучи дека ако постојат такви услови, не би биле заинтересирани, но како што веќе истакнав, во овој момент нема ништо конкретно.

Како долгогодишен искусен банкар, но и како претседателка на Македонската банкарска асоцијација, можете ли да ни го кажете Вашето предвидување како во наредниот период ќе се движат каматните стапки и во светот и во земјава, а кои главно зависат од инфлацијата. Дали може да се очекува позначајно натамошно намалување?

Стевкова-Штериева: Движењето на каматните стапки во голема мера е определено од глобалните економски состојби, како и од геополитичките случувања, што всушност се потврди во изминатите неколку години. Речиси во сите анализи зборувавме за стапките на економски раст, инфлацијата, војната во Украина и на Блискиот Исток. Токму поради тоа би рекла дека, според моменталните состојби, може да се очекува постепено намалување на каматните стапки, и на европските и на домашните финансиски пазари.

Глобално гледано, јасно е дека двоцифрената инфлација е минато, но сѐ уште се забележуваат раст на цените на услугите и неизвесности поврзани со цената на храната. Според некои аналитичари, временските промени и неочекувани настани можат да имаат негативно влијание, како што е на пример порастот на цената на шеќерот како резултат на сушата во Бразил, што може да биде случај и со голем број други прехранбени продукти.

Не смее да се заборави и фактот дека промената во политичкиот врв на Соединетите Американски Држави може да има значајно влијание врз геополитичките и економските односи во светот, а со тоа и врз појава на нови непредвидени предизвици.

Гледајќи го постојаниот раст на депозитите во банкарскиот сектор, се добива впечаток дека нашето население и натаму најмногу претпочита своите пари да им ги довери на домашните банки. Колкава е депозитната база во Комерцијална банка и дали клиентите повеќе се обични граѓани или побогати луѓе кои чуваат поголеми влогови. Може ли да ни откриете колку изнесува највисокиот граѓански депозит?

Стевкова-Штериева: Депозитите на ниво на банкарски сектор во моментот изнесуваат 564.962 милиони денари (состојба со 31.10.2024 година) и бележат годишен раст од 11,0 отсто. Може да се забележи дека во изминатите 10 години, во кои е вклучен и периодот на зголемена инфлација и пандемија, просечната годишна стапка на раст изнесуваше 7,6 отсто. Банките и натаму остануваат прв избор на граѓаните, иако сѐ уште се присутни трендот на вложување во недвижности, како и новите видови инвестиции, односно вложувањата во акции и во удели на домашните инвестициски фондови.

Комерцијална банка чува 102.157 милиони денари на населението (1,661 милијарди евра - н.з.), со континуиран раст на депозитите во изминатите години, со што има пазарно учество од 27,3 отсто во вкупните депозити на населението на ниво на банкарски сектор.

Кога станува збор за штедните влогови, најголем број, односно над 85 отсто се во групата до 10.000 евра, а помала група од околу 10 отсто се депозитите помеѓу 10.000 и 33.000 евра.

Во делот на кредитирањето, пак, би Ве прашала, какви клиенти кредитира Комерцијална банка, дали повеќе се фокусира на големи и моќни бизниси и проекти, на населението или пак, значаен дел од средствата се вложуваат во државни хартии од вредност, преку кои се позајмува државата за да ја одржи тековната ликвидност?

Стевкова-Штериева: Комерцијална банка е препознатлива како банка чија носечка активност е кредитирањето нефинансиски правни лица. Структурата на кредитното портфолио покажува дека над 60 отсто од кредитите се одобрени на правни лица, а околу 30 отсто на население. Банката е насочена кон активна поддршка не само на големите компании, туку и на развојот и одржувањето на тековната ликвидност на малите и средните претпријатија во услови на глобални инфлаторни притисоци. Оваа поддршка Банката ја обезбедува преку краткорочни и долгорочни кредити од сопствени средства, како и од повеќе домашни и странски кредитни линии наменети за инвестиции и за обртни средства. Како општествено одговорна компанија активно е посветена и на зголемување на учеството на зелените кредити, однoсно кредити наменети за инвестиции во обновливи извори на енергија и во поддршка на проекти за подобрување на енергетската ефикасност и конкурентноста на компаниите.

Во последните неколку години, Банката значително го зголеми и кредитирањето на населението преку понуда на нови и конкурентни кредитни производи и услуги прилагодени на барањата на клиентите, кои имаат поволни и конкурентни каматни стапки, зголемен износ, подолг рок на отплата, промотивни периоди, олеснети услови и други поволности кои ги прават атрактивни за граѓаните. 

Банката располага со многу висока ликвидност, па дел од слободните ликвидни средства освен во кредити ги пласира и во нискоризични хартии од вредност издадени главно од НБРСМ и од државата, при што согласно последно расположивите податоци, околу 20 отсто од вкупните извори на средства се пласирани во хартии од вредност.

Населението и натаму многу сака да се задолжува со станбени кредити, кои имаат постојан раст. Дали граѓаните редовно ги плаќаат ратите за станбените кредити. Овде би Ви поставила уште едно прашање, дали високите цени на становите и големото задолжување за таа цел може да доведе до прегревање во овој сегмент?

Стевкова-Штериева: Станбените кредити со години наназад се во пораст, при што станува збор за еден од најстабилните кредитни производи од аспект на стапките на наплата. Искуството покажува дека нашите граѓани во континуитет покажуваат висок степен на грижа за редовно измирување на ануитетите за станбени кредити. Може да се каже дека тенденцијата на секој Македонец е да живее во сопствен дом, а не под закуп, и тоа има влијание врз квалитетот на ова портфолио, каде најчесто под залог се станови кои се користат за живеење.

И покрај тоа што банките ја ценат кредитната способност на клиентот, сепак регулаторите имаат пропишани и дополнителни мерки за заштита на овој сегмент. Степенот на задолжување на секој поединечен клиент зависи од индивидуалната кредитна способност, што претставува материја која е регулирана од страна на законодавецот преку макропрудентните инструменти, како и со интерните политики на Банката. Тоа значи дека големината на поединечното задолжување со кредит зависи од висината на личните примања на клиентот и од задолженоста со други кредитни производи, и не би можеле да го генерализираме степенот на задолженост. Цениме дека наведените фактори водат кон долгорочна стабилност на портфолиото на станбени кредити и очекуваме истото да продолжи и во иднина.

Прашањето за дигитализацијата на банкарските услуги е многу значајно за земјава. Колку Комерцијална банка вложува на тој план, каков е напредокот и кога очекувате да се намалат редиците од граѓани на банкарските шалтери, особено во деновите кога стигнуваат пензиите?

Стевкова-Штериева: Дигитализацијата во банкарскиот сектор веќе не е само потреба, туку и очекување. Луѓето бараат брзина, сигурност и едноставност, а банките кои успеваат да ги задоволат овие критериуми се оние што ја добиваат довербата на клиентите. Во таа насока, горда сум што Комерцијална банка, како лидер во доменот на врвните банкарски услуги, во изминатите години инвестираше во модерни технологии и развој на дигитални платформи со што бројни услуги станаа онлајн достапни, лесни за користење и безбедни за сите наши клиенти.

Преку електронската идентификација со OneID, чија практична примена први ја овозможивме уште во 2022 година, им обезбедивме на клиентите лесен и брз пристап до бројни производи и услуги на Банката. Со употреба на електронската идентификација без посета на шалтер може да аплицираат за онлајн кредит, да отворат платежна сметка, да ажурираат лични податоци или да активираат Интернет банка. Со дигиталните услуги промена на лимити за картички, брзи плаќања со „подели сметка“ или „плати на пријател“ преку телефонски број, исто така, овозможивме неодолива замена за традиционалното банкарство.

Изминатава година скоро секој месец отворавме по една нова дигитална зона во мрежата на Банката, така што сега бројот на дигитализирани филијали и експозитури низ целата земја стигна до 18, кои се отворени за клиентите 24/7 за вршење исплата или уплата на пари и плаќање сметки за комунални услуги. 

Факт е дека голем број клиенти, кои се млади, вработени и постојано се во движење за лични или бизнис потреби, веќе се целосно дигитално ориентирани и нивното искуство е позитивно. Но, точно е и дека повозрасната популација, односно примателите на пензија се најголем предизвик за банките со цел да ги поттикнат наместо шалтер да користат дигитални банкарски услуги. Ние чувствуваме и обврска да им помогнеме во тоа пренасочување и во стекнувањето дигитална писменост од неколку причини -  прво за да останат финансиски независни и во услови кога помладите членови од нивното семејство може да се надвор од земјава, а второ за да бидат максимално безбедни при вршењето онлајн финансиски трансакции. Затоа во континуитет за нив организираме обуки на лице место пред банкомат или дигитален киоск, каде наши колеги им помагаат и ги информираат за едноставната функционалност на овие уреди, за нивната безбедност и за директната корист што ја имаат од нив.

Дигитализацијата во Комерцијална банка ја разбираме не само како тренд, туку и како стратешка цел. Нашата цел е да ги направиме услугите достапни и разбирливи за сите генерации, од најмладите до најстарите, со што ќе придонесеме за поголема финансиска инклузија, ефикасност и задоволство. Следната новина од Комерцијална банка е целосно редизајнирани Интернет банка, мБанка и мБанкаКо, кои ќе понудат комплетно ново корисничко уживање во привилегиите и можностите на современите паметни финансиски апликации.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

АКО ПЛАНИРАТЕ ПРАЗНИЧНО ПАТУВАЊЕ, ОВА МОЖЕ ДА ВИ ГО УНИШТИ: Посебно внимавајте на превозот

АКО ПЛАНИРАТЕ ПРАЗНИЧНО ПАТУВАЊЕ, ОВА МОЖЕ ДА ВИ ГО УНИШТИ: Посебно внимавајте на превозот

СИТЕ КАЗНИ КОИ МОЖАТ ДА ВЕ НАВАСААТ АКО ВОЗИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Грешките може скапо да ве чинат!

СИТЕ КАЗНИ КОИ МОЖАТ ДА ВЕ НАВАСААТ АКО ВОЗИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Грешките може скапо да ве чинат!

ОСТРОВ ОД БАЈКИТЕ НУДИ КУЌА И 18 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ВСЕЛУВАЊЕ: Еве ги условите и што треба да исполните

ОСТРОВ ОД БАЈКИТЕ НУДИ КУЌА И 18 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ВСЕЛУВАЊЕ: Еве ги условите и што треба да исполните

СЕМЕЈСТВОТО АСАД ИМА 20 СТАНОВИ ВО МОСКВА: Вака изгледа луксузната населба со стаклени облакодери во кои ќе живеат, а откриено е и колку пари имаат

СЕМЕЈСТВОТО АСАД ИМА 20 СТАНОВИ ВО МОСКВА: Вака изгледа луксузната населба со стаклени облакодери во кои ќе живеат, а откриено е и колку пари имаат

Приливите на Binance за 2024 година се речиси 40 отсто повисоки од следните 10 берзи заедно

Приливите на Binance за 2024 година се речиси 40 отсто повисоки од следните 10 берзи заедно

ПОДАТОЦИТЕ ЗА ВИСТИНСКИТЕ СОПСТВЕНИЦИ СЛАБО СЕ КОРИСТАТ - анализа покажува дека надлежните одвај соработуваат во бората против корупцијата

ПОДАТОЦИТЕ ЗА ВИСТИНСКИТЕ СОПСТВЕНИЦИ СЛАБО СЕ КОРИСТАТ - анализа покажува дека надлежните одвај соработуваат во бората против корупцијата

СЕ „ГОРИ“ ВО ОВОЈ СЕКТОР: Зошто многумина не успеваат во еден од најбрзо растечките бизниси, а некои стануваат ѕвезди?

СЕ „ГОРИ“ ВО ОВОЈ СЕКТОР: Зошто многумина не успеваат во еден од најбрзо растечките бизниси, а некои стануваат ѕвезди?

ЕВЕ КОЛКУ ЧИНИ ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ НАЈБОГАТИТЕ ИЗВРШНИ ДЕИРЕКТОРИ НА СВЕТОТ: Маск и Цукерберг најскапи

ЕВЕ КОЛКУ ЧИНИ ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ НАЈБОГАТИТЕ ИЗВРШНИ ДЕИРЕКТОРИ НА СВЕТОТ: Маск и Цукерберг најскапи

СЕ МИЛИОНЕРИ ДО МИЛИЈАРДЕРИ: Новиот претседател на Америка ќе го има најбогатиот кабинет во историјата на светот

СЕ МИЛИОНЕРИ ДО МИЛИЈАРДЕРИ: Новиот претседател на Америка ќе го има најбогатиот кабинет во историјата на светот