26 Април, 2024
1.2680

ИНТЕРВЈУ СТОИЉКОВИЌ: Србија со вакцините ни подаде рака, но односите уште не се на нивото на блискоста на двата народи

Објавено во: Македонија, Интервјуа 26 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Подадената рака од Србија, која донираше вакцини за дел од македонските граѓани, во мигови кога на земјава и беше најтешко, бидејќи вакцини немаше буквално од никаде, можеби најдобро ни покажа колку ние во регионот треба да се држиме заедно и да си помагаме едни со други. Но, дали тој чин на пријателство, како и возвраќањето од наша страна со укинување на патарините и намалување на цените во туристичките капацитети за српските граѓани, значи и директно одење по нагорна линија на македонско српските односи, за Фактор во интервју зборува пратеникот Иван Стоиљковиќ, од Демократската партија на Србите во Македонија. Разговаравме и за вакцинацијата на неговите колеги, пратениците, а прашината која на таа тема се крена во јавноста смета дека е дефокусирање од многу погорливите политички теми и проблеми. Стоиљковиќ има став и за проблемите кои земјава ги има со Бугарија, но и за нашите шанси да влеземе во Европската унија...

Господине Стоиљковиќ, вакцинацијата во Македонија стартуваше, засега најмногу благодарение на донациите кои дојдоа од соседна Србија. Дали, како што објавивте, сметате дека сте имале значајно влијание во одлуката на српските власти да донираат вакцини за нашата држава?

Стоиљковиќ: Замолницата е моја, а разбирањето, доблеста и конкретната помош се на претседателот Александар Вучиќ и на Владата на Република Србија, кои го споделија она што го обезбедиле за своите граѓани со граѓаните на Република Македонија во рамките на своите можности. Инаку, Србија и понатаму вакцинира македонски државјани, но во рамките на организирани групи, а министерот Лончар му понуди на министерот Филипче вакцините за ревакцинација Србија да ни ги испрати, за нашите граѓани да може да ги примат тука, за да не се малтретираат да одат во Србија за ревакцинација, но од македонска страна тоа е одбиено. Навистина не знам зошто.

Инаку, не гледам ништо чудно што самостојно сум замолил да им се помогне на граѓаните на Република Македонија, чиј пратеник сум, кога веќе Владата или барем некој од владејачката коалиција, од само ним познати причини, не сакаше да го стори тоа. Уште полошо, тие минатата година ја игнорираа мојата молба да упатат само едно барање, обично ливче хартија, до српското раководство, за да добиеме десетина респиратори и друг медицински материјал за здравствените работници, кои српската Влада беше спремна да ги донира, а кои ќе спасеа многу животи. Јас навистина не можам да ги донесам на грб од Белград тие респиратори, ниту пак со сила да им ги дадам на македонските болници ако нашaта држава не ги сака, и затоа проценив дека овојпат ќе биде многу подобро да застанам јавно и директно да се изложам пред македонските граѓани на кои вакцините им беа насушно потребни. Очигледно е дека некој има проблем со тоа што го скршив отпорот кој постоеше во таа насока, кога станува збор за Србија. Но на крајот битно е дека добив и лична и јавна сатисфакција од премиерот, а најважно е дека најдобро знае тој што треба да знае, односно тој што ги даде вакцините. 

Повеќе илјади наши граѓани заминаа на вакцинација директно во Србија. Дали сметате дека ќе има уште вакви шанси за оние од земјава што сакаат, а кај нас, според старосната група, се уште не се дојдени на ред?

Стоиљковиќ:За среќа на српските граѓани, а и на граѓаните од земјите од регионот, па и нашата, Србија многу сериозно се зафати со пандемјата, и веќе успеа да започне со производство на руската вакцина Спутник В, а за некој месец ќе почне и со производство на кинеската вакцина - што значи дека Србија ќе стане регионален центар за борба против Ковид 19. Гледам дека нашето Министерство за здравство веќе оствари контакти со Торлак, што неизмерно ме радува и ми дава надеж дека конечно ќе се организираат како што треба и нема да има потреба за интервенции надвор од системот. Имам впечаток дека стана фенси да се вакцинираш во Србија, тоа мислење произлегува од фактот дека се уште постои притисок од поединци и организации да се вакцинираат во Србија. На некои им се излегува во пресрет, на некои се уште не сме успеале и ние и сите останати кои се ангажирани на оваа проблематика, но на добар пат сме истото да го сториме, важно е дека постои спремност од српската страна за такво нешто.

Минатата недела се вакцинираа и Вашите колеги, пратениците, но некои од нив јавно негодуваа што наместо ветените Фајзер, добија вакцини на Спутник В. Дали Вие се вакциниравте и што мислите за ваквите реакции?

Стоиљковиќ:Секогаш кога Собранието се става во центарот на вниманието, се враќаат во игра приказните за патни трошоци, се воведува надвор од секаква логика скафандерска демократија во Собранието, еве и спектаклот со вакцините, па зошто денес пратениците ќе се вакцинираат со Фајзер, а утре со Спутник, па дали треба пратениците да се вакцинираат или не... тогаш станува збор за дефокус на јавноста од сериозни теми и случувања во политичкиот живот. А,  соочувањето со состојбите во државата, да не ги набројувам проблемите во овој момент, навистина бара дефокус. Така било, така и останало, барем по моето долгогодишно собраниско искуство. Што се однесува до мене, сеуште не сум вакциниран, пред се поради лекарска препорака, но се надевам дека наскоро и јас ќе се вакцинирам, бидејки имам сериозна потреба од такво нешто.

Како го оценувате потегот на нашата Влада, како знак на благодарност, летово да ги ослободи српските граѓани кои ќе транзитираат или ќе престојуваат во Македонија, да бидат ослободени од плаќање на патарина?

Стоиљковиќ:Тоа е многу добар потег - пред сè како израз на благодарност за подадената рака од страна на Србија во тешките моменти, а потоа и за зачувување на националното достоинство, и го поздравувам тоа. Но, особено ме радува намалувањето на цените за српските туристи што го најавија хотелите од Дојранското и Охридското крајбрежје деновиве. Тоа е вистинскиот пат, ние од регионот треба да си направиме бенефиции едни за други, не само во областа на туризмот, туку и во другите стопански гранки, за нашиот дел од Европа да заживее достоинствено, за да не се чувствуваме како кучиња што чекаат милостина од оние што, сега барем станува се повеќе јасно, никогаш нема да нè примат во своето друштво. 

Како воопшто ги оценувате односите меѓу Македонија и Србија, и што, според Вас, беше пресудно тие во последниов период да одат по нагорна линија?

Стоиљковиќ:Не би се согласил со вас дека имаме каква било нагорна линија по ова прашање. Односите помеѓу Македонија и Србија не ги оценувам како добри, со оглед на капацитетите кои постојат таа соработка да биде добра, само добра, а треба да биде одлична. Комуникацијата е сведена на нужни посети, последната заедничка седница сме ја имале уште за време на Владата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, изостануваат дури и билатералните средби за унапредување на стопанската соработка на кои сме обврзани како дел од Малиот Шенген. Еве, сега среде оваа ужасна пандемија видовме дека раката на Белград од првиот ден беше подадена, но некој во Скопје цело време одбиваше да ја прифати, намерно го кочеше процесот и, да не се лажеме, тоа сè уште трае. Но, полека ги уриваме вештачки создадените бариери, а блискоста помеѓу двата народи никогаш не била поголема, што значи дека моите колеги, само треба да го следат својот народ, тој најдобро знае и чувствува.

Од премиерот Зоран Заев беше најавено отворање на Српски културен центар во земјава. Според Вашите информации, до каде е реализацијата на таа идеја?

Стоиљковиќ:Отворањето на културните центри во двете земји, македонски во Белград и српски во Скопје, е многу добра идеја, стара повеќе од една деценија.  Но, најавата на премиерот за која прашувате е од пред три години...и каде е сега тој фамозен Српски културен центар? Многу ветувања, малку или никакви исполнувања, не само во однос на оваа прашање туку и на многу други, тоа е билансот.

Ваквата најава на Заев за Српскиот културен центар ги разбранува духовите во соседна Бугарија, кои преку министерката во оставка Екатерина Захариева изјавија дека и тој потег покажал дека нашава земја се уште не може да ги раскине врските со Белград и Москва?

Стоиљковиќ:Не гледам зошто би ја коментирал бесмислената изјава, па уште и на бившата министерка Захариева. Инаку, многу е едноставно,  да не беше таа Москва сега ќе ја немаше ни Бугарија. Но, тие си знаат. На оние што не ја научиле, историјата им се повторува, така што нивната судбина, не само нашата, без соодветна политичка памет, во иднина ќе биде многу интересна.

Како Вие, како припадник на српската заедница во земјава, ги оценувате македонско бугарските односи?

Стоиљковиќ:Македонско-бугарските односи ги оценувам како лоши, и тоа исклучително по нивна вина. Не би сакал да верувам дека истото можеби нема да и го прават и на Србија, кога ќе дојде време. Со неверување гледам како големците од ЕУ остануваат слепи и глуви на толку очигледното брутално користење на уценувачкиот потенцијал од страна на една нивна членка. Се плашам дека тоа е само дел од големата игра, но ќе видиме.

Што мислите за тврдењата на Софија дека како нација сме „коминтерновска творба“?

Стоиљковиќ:И мојот, и ставот на народот што го претставувам, и позициите на нашата матица Србија по однос на македонскиот народ се јасни и недвосмислени. Не заборавете дека само уште во Србија Македонците слободно се изјаснуваат како Македонци. Обично не ги коментирам бугарските националистички небулози, но еве, дури и да е така, што ги засега тоа Бугарите?

После 20 години, есенва треба да се реализира попис на населението во земјава. Ќе ги повикате ли Вашите сонародници и воопшто сите граѓани да ги примат и пополнат пописните листи?

Стоиљковиќ:Зависи од тоа колку ќе бидеме убедени дека методологијата ќе даде реални резултати и во кој процент ќе имаме контрола врз целиот процес. За жал, нашиот предлог попишаните лица да ја добијат копијата од пописниот лист не беше прифатен, што значи дека некој не се откажува од манипулации со пописните резултати. Демократската партија на Србите во Македонија со сите капацитети ги следи подготовките за претстојниот попис, и набргу ќе излеземе со сериозни забелешки, но и со нови сугестии како да се отстранат девијациите. Еве само една, да разберат луѓето дека нешто не е во ред, колкав е бројот на попишувачите од припадниците на српската заедница? Никаков, како да не постоиме! Па каде е тука соодветната и правична застапеност и во таа смисла и неприфаќањето на предлогот попишувачите да одат во пар? Зборувам со аргументи, нека ги побие некој.

Вие сте можеби пратеник со најмногу искуство од актуелниот парламентарен состав. Како ја оценувате тензичната атмосфера во Парламентот?

Стоиљковиќ:Пред извесно време истото прашање ми го постави  евроамбасадорот Гир. Знаете што е проблемот, што овде знаењето и искуството не играат никакава улога, затоа што главно се импровизира, се работи на сила и без потребна процедура, па кој како се снајде. Затоа и угледот на законодавниот дом е на така ниски гранки. Не можете да очекувате складна атмосфера во Собранието кое проблематично е конституирано, каде законите се протнуваат на шверцерски начин, каде не постои политички дијалог, каде се омаловажува опозиција до крајни размери... Очигледно дека некој го утнал патот по кој треба да се оди.

Бевте на почетокот колициски партнер со СДСМ, но долги години наназад сте во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Какви ви се сега односите со најголемата опозициска партија, дали продолжувате во соработката со нив или...?

Стоиљковиќ:ДПСМ веќе подолг период е дел од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Пред секои избори ДПСМ преговара со двете македонски водечки политички партии, и секогаш се пресудни придобивките што српскиот народ може да ги очекува како дел од едната или другата коалиција. Веќе долги години по ред имаме многу подобар статус во коалицијата со ВМРО ДПМНЕ. Зошто е тоа така не е прашање за мене, односно ДПСМ, туку за СДСМ. Впрочем, изгледа дека на СДСМ им е сосема удобна соработкатата со нивните безгласни „српски“ сателити.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

СЛАВЧО ПОПОСКИ ВЕЛИ ВИКЕНДОВ МОЖЕ ДА СЕ ПРАВИ СКАРА: Температурите ќе растат, во недела до 27 степени

СЛАВЧО ПОПОСКИ ВЕЛИ ВИКЕНДОВ МОЖЕ ДА СЕ ПРАВИ СКАРА: Температурите ќе растат, во недела до 27 степени

„СОНЦЕТО ИЗГРЕА И Е УБАВ ДЕН ЗА ТУЖЕЊЕ“: Адвокатот Јанаки ќе го тужи Горан Костовски од Левица

„СОНЦЕТО ИЗГРЕА И Е УБАВ ДЕН ЗА ТУЖЕЊЕ“: Адвокатот Јанаки ќе го тужи Горан Костовски од Левица

ПОЧИНА ЕДЕН ОД ОМИЛЕНИТЕ ПРОФЕСОРИ НА МАКЕДОНСКИТЕ АКТЕРИ ШТО СТУДИРАЛЕ ВО СОФИЈА, АЛЕКСАНДАР ИЛИЕВ: „За сите кои бевме дојдени од странство се грижеше како за свои деца“

ПОЧИНА ЕДЕН ОД ОМИЛЕНИТЕ ПРОФЕСОРИ НА МАКЕДОНСКИТЕ АКТЕРИ ШТО СТУДИРАЛЕ ВО СОФИЈА, АЛЕКСАНДАР ИЛИЕВ: „За сите кои бевме дојдени од странство се грижеше како за свои деца“

„ЗА РАЗЛИКА ОД МЕНЕ, ТИЕ ПРЕД ОЧИТЕ НА ЦЕЛА МАКЕДОНСКА ЈАВНОСТ ИЗЛЕГОА ВО АЛКОХОЛИЗИРАНА СОСТОЈБА“:Јакимовски му возврати на Муцунски за малиот број гласови на Стевчо

„ЗА РАЗЛИКА ОД МЕНЕ, ТИЕ ПРЕД ОЧИТЕ НА ЦЕЛА МАКЕДОНСКА ЈАВНОСТ ИЗЛЕГОА ВО АЛКОХОЛИЗИРАНА СОСТОЈБА“:Јакимовски му возврати на Муцунски за малиот број гласови на Стевчо

„НОЌЕВАЊЕ ВО ОХРИД ЗА ДВЕ ИЛЈАДИ ДИНАРИ“: Еве како српски „Б92“ им го претстави македонскиот бисер на Србите

„НОЌЕВАЊЕ ВО ОХРИД ЗА ДВЕ ИЛЈАДИ ДИНАРИ“: Еве како српски „Б92“ им го претстави македонскиот бисер на Србите

АНДРЕЈ ПЕТРОВ:Признаваме дека ВМРО ДПМНЕ направи подобар резултат

АНДРЕЈ ПЕТРОВ:Признаваме дека ВМРО ДПМНЕ направи подобар резултат

ОСМАНИ ПОБЕДИ ВО БЕРЛИН И МИНХЕН, ПЕНДАРОВСКИ ВО ВАШИНГТОН, А ТЕСНА БИТКА СЕ ВОДЕЛА МЕЃУ СИЛЈАНОВСКА И ВАНКОВСКА ВО ЉУБЉАНА: Како гласаше македонската дијаспора?

ОСМАНИ ПОБЕДИ ВО БЕРЛИН И МИНХЕН, ПЕНДАРОВСКИ ВО ВАШИНГТОН, А ТЕСНА БИТКА СЕ ВОДЕЛА МЕЃУ СИЛЈАНОВСКА И ВАНКОВСКА ВО ЉУБЉАНА: Како гласаше македонската дијаспора?

КАКВО ВРЕМЕ ЌЕ ИМАМЕ ВО МАЈ, ЈУНИ И ЈУЛИ?: Очекуваме за степен до два повисоки температури од вообичаените, но ќе растат условите и за временски непогоди

КАКВО ВРЕМЕ ЌЕ ИМАМЕ ВО МАЈ, ЈУНИ И ЈУЛИ?: Очекуваме за степен до два повисоки температури од вообичаените, но ќе растат условите и за временски непогоди

„СДСМ КО ЕДВАЈ ДА ЧЕКАШЕ ДА ИЗГУБИ“: Колозова во нејзин стил, вели нема кој да не вади од паланкава

„СДСМ КО ЕДВАЈ ДА ЧЕКАШЕ ДА ИЗГУБИ“: Колозова во нејзин стил, вели нема кој да не вади од паланкава