23 Мај, 2024
0.0337

ИНТЕРВЈУ Трифун Костовски: Слободните економски зони се неоколонијализам, понижување за народот!

Објавено во: Економија 28 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Во интервју за Фактор Трифун Костовски, бизнисмен, поранешен градоначалник, член на Големата масонска ложа на Македонија говори за економската слика на државата, проектот „Скопје 2014“, претседателските избори. „Не сум оптоварен дека морам да бидам Претседател. Тоа е голема и сериозна обврска. Во моментот, кога сите политички партии се во интензивна потрага по кандидат за оваа функција, јас се чувствувам многу комотно. Мојата спремност да се нафатам како независен кандидат, ја најавив пред четири месеци. Тоа го чувствувам како обврска кон мојата татковина. Очигледно не се вклопувам во партиските шаблони за каков профил на човек е потребен за оваа функција, бидејќи од досегашното искуство и за двете најголеми политички партии во РМ, јас сум непослушник, бидејќи за разлика од партиите кои му даваат предност на партискиот интерес, јас го почитувам само интересот на Република Македонија, вели Костовски во интервјуто во кое ги објаснува и принципите на Големата масонска ложа на Македонија. Фактор: Владата вложува напори за привлекување странски инвестиции. Но, како да се мотивираат домашните бизнисмени и Македонците од дијаспората да инвестираат во својата држава? Костовски: Како што гледаме, Владата во целиот период од нејзиното доаѓање на власт е концентрирана на привлекување странски инвестиции, од големите корпорации во светот. За појаснување, не постои сфера во стопанството, па ако сакате, и општеството, каде инвестирањето е завршено. Битното прашање е каков вид на инвестиции се потребни во Република Македонија? Засега, од стручните изрази за инвестиции во РМ се познати три вида: гринфилд, браунфилд и слободни зони. Според мене, првата категорија инвестиции се најатрактивни за нашата татковина. Тоа се инвестиции кои значат вистинска основа за едно визионерско гледање на стопанскиот развој во РМ. Потребите од нови производи, услуги и образование се неминовност доколку тежнееме да бидеме дел од напредната цивилизација. Вториот вид на инвестиции се т.н. браунфилд. Тие се пожелни со цел рестартирање на одделни производни капацитети кои имаат употребна вредност во современиот, глобално поврзан свет. Ваквиот вид инвестиции е редок во нашата земја. Третиот вид се слободните економски зони, за кои никако не можам да најдам оправдание. Станува збор за таканаречени “движечки” инвестиции, кои се лесно преносливи од земја до земја. Се до моментот додека ги уживаат поволните услови за работење дадени од Владата, тие ќе бидат присутни, а доколку сакате да ги сместите во вистинските рамки во кои функционираат домашните фирми (тие што впрочем и го полнат буџетот на државата), тие ќе си заминат во други земји. Ваквиот вид инвестиции е понижувачки, како за државата, а уште повеќе за народот. Типичен пример на нов облик на неоколонијализам во денешно време. Во сопствената држава, финансиски да го помагаме странскиот инвеститор, да го ослободуваме од сите давачки кон општеството и да нудиме ефтина работна сила, која се третира како наемна снага, при што се лимитираат можностите за усовршување и унапредување. Е на народот, во овие слободни економски зони му се нуди преживување, во вистинската смисла на зборот. Најголемиот дел од моите инвестиции се гринфилд, а замислете, никој не ме убедуваше да инвестирам во РМ. Дојдов сам, воден од желбата да направам добро за мојата татковина. Зошто македонската дијаспора не инвестира во РМ, не знам, одговорот барајте го во структурите на власта. Фактор: Стопанствениците се генерално задоволни од дијaлогот со Владата и економските мерки кои таа ги прави. Меѓутоа, она на што имаат забелешки е нееднаквиот однос што државата го има кон нив, во однос на странските компании на кои им се даваат одредени бенефици и поволностите сé со цел да инвестираат во Македонија. Од аспект на бизнисмен дали тука станува збор за двојни стандарди? Костовски: На претходното прашање делумно одговорив во која ситуација се наоѓаат македонските фирми, споредени со странските инвеститори. Чувството дека пред Владата сме помалку “милувани” отколку странците, носи една фрустрација кај сите стопанственици, со исклучок на владините миленичиња. Чувствувам проклетство што сум горд Македонец. Толку ли не разбираме дека најсилното и најскапоцено богатство што го има секоја држава е човекот, сопствениот народ. За жал, човекот кај нас се третира како бројка, статистички и без емоции. Се бунтувам во себе за ваквиот однос на Владата кон сопствениот народ. Се работи за мојот народ, на кој сум благодарен што од мене направи личност, со сите особини кои го красат човекот. Иако сум странски инвеститор, еден од најголемите во РМ, моето потекло ми е повеќе товар отколку предност во секојдневното работење. Фактор: Честопати испраќате критки на адреса на Владата околу нејзината економската политика. Каква политика според Вас премиерот Груевски и неговиот тим треба да водат? Костовски: Голем аир од бркањето странски инвестиции во изминативе седум години, не видовме. Стапката на невработеност е горе-долу иста, додека во исто време имаме масовно иселување на народот поради немањето перспектива за работа и воопшто иднина. Владата мора коренито да ја промени својата политика за развој на РМ. Не е грев ако од незнаење си направил големи грешки, ама голем грев е кога си свесен за грешката и упорно ја туркаш напред, со цел да се докажат личните суети. Светот припаѓа на рационалните. Туѓите искуства треба да се изучуваат и применуваат согласно нашите специфичности. Фактор: Во јавноста се говори дека одлично Ви оди деловната соработка со бизнисменот Орце Камчев. Дали на овој начин се обидувате да се приклучите кон владејачката гарнитура, а со тоа и да го заштитите сопствениот бизнис? Костовски: Господинот Камчев е мој добар пријател. Одвреме- навреме се среќаваме и во светот на бизнисот. Засега моето искуство е позитивно. Останатиот дел од вашето прашање е чиста шкпекулација, Не ми требаат посредници за комуникација со актуелната Влада. Комуницирам директно со Владата. Од аспект на бизнисот во Македонија, Ве уверувам дека функционирам согласно законите во државата и не чувствувам потреба од било каква привилегија. За мене е мрско, ниско и нечовечно своите бизниси да ги темелам на некаква ексклузивна поддршка од Владата. Фактор: Од една страна Вие го критикувате проектот „Скопје 2014“, од друга Ви забележуваат дека за време на Вашиот мандат како градоначалник на градот Скопје многу малку е инвестирано.Зарем ништо не чини од она што оваа власт прави? Костовски: Да појасниме. Проектот “Скопје 2014” би требало да биде инвестиција и каприц на богати економии, кои тоа може да си го дозвиолат. За жал, нашата економија е во таква состојба што ниту во сон не би требало да си дозволи ваков луксуз. Се инвестираат големи финансиски средства, кои немаат и никогаш нема да имаат повраток, туку напротив, ќе изискуваат и поголеми буџетски средства за нивно функционирање. Факт е дека одредени делови од овој проект ми се допаѓаат, но има и такви на кои не можам да им се изначудам. Огромната ергела на коњи и споменици, за мене се неприуфатливи и ствараат конфузија. Не знам која е целта, ама не ќе да е на арно. За мојот мандат од четири години градоначалник на Скопје, резултатите се единстевниот репер дали сум бил успешен или несупешен градоначалник. Сите се на виделина и ве молам погледнете го мојот отчет во Белата книга, издадена пред моето заминување од функцијата. Ве уверувам, од мене говори искуството, знаењето и високите морални и етички норми кои ги практикувам секој ден. Тоа шти сум направил во Скопје се гледа и ден денес, како најголеми капитални зафати од осамостојувањето на Македонија. Кажете ми дали постои една единствена единица на локалната самоуправа во Македонија, која денес не се гуши во долгови? Нема! Сите кубурат со загуби или неизвршени обврски. Ваквиот начин нема да се промени се додека локалната и централната власт функционираат како сијамски браќа. За разлика од сите единици на локалната самоуправа, единствено јас, кој наследив големи долгови во град Скопје при моето доаѓање, за четири години (притоа знаејќи дека нема да барам втор мандат) оставив во касата на градот 8 милиони евра, без никакви внатрешни или надворежни долгови и со кредитен рејтин на градот од ББ+, потврден од Стандард и Пурс. Ваквите резултати не се случајност. За мене функцијата не беше привилегија, туку обврска и го испорачав тоаа што најдобро го знаев. Бев вистински домаќин и татко на градот, а тоа ќе го потврдат сите кои соработувале со мене и не потпаднале под диригираните кампањи против мене, кои масовно ме следеа од самиот почеток на мандатот. Многу сум заинтересиран да ги видам резултатите на моите критичари. Нема со што да се пофалат. Успехот на другиот им пречи. До кога така? Има ли крај на безумието во кое вредносниот систем е заменет со полтронство, корупција и неодговорност пред граѓаните, со чии пари функционираат сите институции. Ниту трошка одговорност! До кога? Фактор: Во интервју за сега веќе згаснатиот неделник „Граѓански “најавивте формирање на нова политичака партија. Меѓутоа, очигледно идејата не наиде на поддршка. Пред неколку години важевте за еден од најсериозните претенденти за Претседател на државата, но извисивте откако тогашниот лидер на СДСМ Црвенковски одлучи да се кандидира за оваа позиција. Ниту сега не ги криете вашите амбиции дека би сакале да се преселите во претседателската резиденција. Се уште ли верувате дека би можеле да бидете идниот македонски претседател? Костовски: За жал, не успеав да се артикулирам преку своја политичка партија. За тоа има повеќе причини. Поддршката од народот ја имав, а убеден сум дека и денес ја имам. Сепак, тоа е минато. Прашањето околу мојата кандидатура за Претседател на Македонија, посебно во делот каде велите дека сум бил извисен од г. Црвенковски, се минато. Поуката е извлечена. Не сум оптоварен дека морам да бидам Претседател. Тоа е голема и сериозна обврска. Во моментот, кога сите политички партии се во интензивна потрага по кандидат за оваа функција, јас се чувствувам многу комотно. Мојата спремност да се нафатам како независен кандидат, ја најавив пред четири месеци. Тоа го чувствувам како обврска кон мојата татковина. Очигледно не се вклопувам во партиските шаблони за каков профил на човек е потребен за оваа функција, бидејќи од досегашното искуство и за двете најголеми политички партии во РМ, јас сум непослушник, бидејќи за разлика од партиите кои му даваат предност на партискиот интерес, јас го почитувам само интересот на Република Македонија. Фактор: После Живко Груевски, Големиот мајстор на македонска масонска ложа, Вие сте вториот кој реши да се разоткрие. Кои се македонските масони и  што е целта на нивното дејствуавње? Костовски: Не чувстувам потреба да се “разоткривам”. Своевремено одлучив да обзнанам дека членувам во Големата ложа на Англија и Големата ложа на Македонија. Во ниеден момент не сум помислил дека тој чин на самообзнанување е за осуда, туку токму спротивното, сметам дека е за пофалба.  Во поглед на вашиот интерес за други членови на ложите, жалам, ама на тоа прашање не можам да ви дадам целосен одговор, бидејки постојат јасни правила и статути според кои обзнанувањето е лично право на секој припадник. Само негово и ничие друго.  Се надевам дека прашањето не е во насока да подгрева разни шпекулации за масонеријата, бидејќи станува збор за друштво во чие постоење и дејствување, доминантната цел е хуманитарна и просветителска, a сe во насока на интелектуален и духовен развој на заедниците во чии рамки дејствуваат. Г.Ч.

Можеби ќе ве интересира

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Кои три професии носат најмногу пари?

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Кои три професии носат најмногу пари?

СРБИТЕ ЗА ОВАА РАБОТА ДОБИВААТ 1.100 ЕВРА: Романците заработуваат 4.000 евра

СРБИТЕ ЗА ОВАА РАБОТА ДОБИВААТ 1.100 ЕВРА: Романците заработуваат 4.000 евра

ФАКТОР ИСТРАЖУВА: „Мега“, „Рапид Билд“, „Термалифт“ - Кумановски бизниси со најголеми добивки за 2023

ФАКТОР ИСТРАЖУВА: „Мега“, „Рапид Билд“, „Термалифт“ - Кумановски бизниси со најголеми добивки за 2023

ОВОЈ СЕКТОР ВО ГЕРМАНИЈА ПОВТОРНО „ПУКА“ - прометот пак се намали, дали следи нов бран на стечаи?

ОВОЈ СЕКТОР ВО ГЕРМАНИЈА ПОВТОРНО „ПУКА“ - прометот пак се намали, дали следи нов бран на стечаи?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Кој прави милиони од продажба на ајфони и андроиди во Македонија?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Кој прави милиони од продажба на ајфони и андроиди во Македонија?

ИЗБОР НА ПРОФЕСИЈА: Што кога младите имаат талент за две или повеќе области?

ИЗБОР НА ПРОФЕСИЈА: Што кога младите имаат талент за две или повеќе области?

ДОНЕ ТАНЕВСКИ Е КУПУВАЧОТ НА АКЦИИТЕ ОД „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“- Сега располага со 21.5 отсто од хотелиерската компанија

ДОНЕ ТАНЕВСКИ Е КУПУВАЧОТ НА АКЦИИТЕ ОД „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“- Сега располага со 21.5 отсто од хотелиерската компанија

ВАЖНА ВЕСТ ЗА АКЦИОНЕРИТЕ НА „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“ - еве кога компанијата ќе почне да дели дивиденда, кој на колку да се надева

ВАЖНА ВЕСТ ЗА АКЦИОНЕРИТЕ НА „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“ - еве кога компанијата ќе почне да дели дивиденда, кој на колку да се надева

Д-р Адижес со моќни пораки до македонските компании

Д-р Адижес со моќни пораки до македонските компании