20 Април, 2024
0.0296

Интервју Златко Марин: Ревизија на сите ДУП-ови во Аеродром по изборите

Објавено во: Македонија 10 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Можни ли се промени во општина Аеродром по 8 години власт на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво? Во оваа богата скопска општина битката за изборите започна многу порано со активностите на опозицијата и особено на новиот кандидат за градоначалник Златко Марин кој најпрво проблемите во Аеродром како и недостатоците на Коневски ги претставуваше преку општинската партиска организација. Сега истите ќе може да ги судрат политичките концепти на локални избори во општина каде драстично е зголемено загадувањето, каде се почесто се говори за непланска урбанизација мотивирана само од бизнис интереси и се поголеми проблеми со главните ресурси. Може ли Златко Марин да го спречи хет-трикот на Ивица Коневски кој претходно важеше за еден од најпопуларните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ?

Фактор: Кој е вашиот главен мотив да се кандидирате за градоначалник на општина Аеродром. Вашиот противкандидат Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ владее веќе два мандати и досега имаше позитивни реакции за урбаниот лик на општината. Која е вашата главна предност на претстојните избори?

Марин: Јас се кандидирам за градоначалник затоа што квалитетот на животот во општината е драматично влошен, а јас имам план  како тоа да го подобрам. Прво, со непланско градење и трупање на згради во урбаното јадро на општината, се загуши просторот, се влоши квалитетот на воздухот и се оптовари инфраструктурата. Наместо урбанизација на неурбанизираните делови кои ги има во изобилство, Ивица Коневски заради бизнис интереси реши да гради во централниот дел на општината. Го знаете случајот со деветкатницата кај Мајчин дом за која имаше протести, но има и други такви. Резултатите од ова негово однесување се оптоварен канализациона мрежи и водовод, загадување на воздухот, оптоварен сообраќај и многу возила на мал простор. Второ, општината се дави во ѓубре, комуналната и јавната хигиена се многу лоши. Има диви депонии, но и сепарации на песок на само неколку десетици метри од населени места. Ѓубрето, депониите и сепарациите се недозволиви во урбана општина како Аеродром. И трето, локалната власт не направи ништо за поддршка на граѓаните за решавање на проблемот со согорување на нееколошки огревни материјали. Буквално ништо, ниту Град Скопје ниту пак општината, којашто издвојува многу малку средства годишно за екологија и животна средина. Заради лоша финансиска состојба на домаќинствата, но и слаба поддршка од властите, граѓаните се почесто се одлучуваа на согорување на штетни материјали и тоа придонесуваше за енормното загадување. Така што, навидум изгледа дека општината нешто сработила, но во суштина со својата негрижа и алчност за градежен профит, дирекно влијаеше за влошување на квалитетот на живот. И да не се лажеме, Аеродром беше урбано и зелено место далеку пред Ивица Коневски да стане градоначалник. Во Аеродром за осум години владеење тој не реши ниеден суштествен проблем. Изгради само една градинка, не изгради општинска зграда и уште плаќаме кирија, не изгради ниту затворен базен, не ги насочи парите кон граѓаните за субвенции и бесплатни услуги. Листата на ветени а нереализирани работи е долга.

Фактор: Што според вас е приоритет за општина Аеродром каде се регистрираше огромно загадување на воздухот и се почести се урбанистичките проблеми со неконтролирано градење?

Марин: Во мојот план за квалитетен живот има конретни решенија кои ќе придонесат за решавање на проблемите кои ги спомнав погоре. Прво, итно запирање на понатамошно градење во урбанизираниот дел на општината. Ревизија на сите ДУП-ови и изработка на нови по теркот на ДУП-овите позади Бисер и Ново Лисиче, кои се ремек-дело на урбанистичкото планирање. Новите населби кои ги направи Коневски немаат доволно или воопшто зеленило и немаат соодветни паркинг и сообраќајни решенија. Изработка на ДУП-ови каде еколошките стандари ќе бидат запазени до милиметар се нашата главна заложба. Второ, контрола и ревизија на целата канализациона и водоводна мрежа. Граѓните се почесто немаат вода или имаат слаб притисок во домовите заради преоптеретеност. Зголемување на капацитетите и строга контрола на приклучувањето се исто важни, недозволиво е Аеродром да има проблем со вода или канализација.

Трето, искористување на буџетот за капитални инвестиции. Веувале или не, досега Коневски и ВМРО-ДПМНЕ издвојуваа само 5% од буџетот за капитални инвестиции. За општина со 22 милиони евра годишен буџет, недозволиво е да чека централната власт да инвестира или градот Скопје. Ние ќе инвестираме а ќе ги намалиме трошоците за „услуги“ кои досега беа најголема ставка во општинкиот буџет.

Четврто, во соработка со централната власт и следејќи ја националната стратегија за борба против загадувањето, ќе се преземат конкретни мерки за решавање на овој проблем. Прво, треба јасно да се идентификуваат загадувачите. Ќе се зголеми контролата и инспекцискиот надзор на фирми и ќе се изготви регистар на загадувачи. Исто така мора да се регулираат сепарациите на територија на општина Аеродром, да се исчистат депониите и да се ограничат градежните активности.

Загадувањето во голем дел доаѓа и од согорувањето и огревот во домаќинствата. Токму затоа изработуваме план за приклучување на индивидуалните домувања за топлификација, како и силна финансиска помош, во соработка со централната власт, за енергетска ефикасност и соодветни огревни средства. На овој начин истовремено ќе се намалат трошоците за греење на граѓаните и ќе се отстранат дел од загадувачите. Исто така ќе овозможиме гасификација на училиштата, градинките и другите јавни објекти кои во моментот се градат на други деривати.

Секако, ќе посветиме и особено внимание на одржување и зголемување на зелените површини. Планираме изградба на парк-шуми и засадување на внимателно избрани видови дрвја, кои брзо растат и се исклучително ефикасни во прочистување на воздухот, што ги прави популарна мерка за борба против загадувањето секаде низ светот.

Фактор: Во изминатиот период остваривте средби со повеќе министри во Владата на кои им ги претставивте дел од вашите идеи за општина Аеродром. Дали ваквите средби се резултат на тоа што доаѓате од иста партија или пак е показател дека сте подготвени за поголема соработка со централната власт?

Марин: Во моментот Македонија се соочува со сериозни проблеми, чие решение не може да излезе само од локална самоуправа. Загадувањето е без сомнеж број еден на оваа листа. Меѓутоа, мерките планирани во рамките на општина Аеродром не се однесуваат само на нашата територија, како што загадувачите од други општини не го загадуваат воздухот само таму. Потребна е јасна национална стратегија, која ќе се имплементира и на национално и на ниво на град Скопје со локалните самоуправи. Слично е и со образованието,каде што се потребни бројни реформи. Ингеренциите тука се поделени меѓу повеќе институции, а програмите се носат на национално ниво.

Сметам дека времето кога граѓаните се препраќаа од една во друга институција мора да заврши. Општината, градот и институциите на централната власт се пред се служби на граѓаните, и како такви треба да функционираат. Меѓусебната соработка е пресуслов за овозможување на високо-квалитетна услуга, како и реализација на јасно поставените стратегии за напредок на државата во сите полиња.

Фактор: Вие самиот доаѓате од образованието. Често за општина Аеродром се коментира дека има недостиг на градинки и училишта. Вакви проекти најавуваше и ВМРО-ДПМНЕ па како вие иститите би ги реализирале и што би донеле повеќе за граѓаните на општина Аеродром?

Марин: Речиси цела деценија во Аеродром владее урбаната мафија, која градежната експанзија ја фокусираше во веќе урбанизираниот дел од општината. Резултатот на ова неодговорно раководство е пренаселеност во одредени региони, а запоставеност на други. Ова значи дека доколку градинките и училиштата се наоѓаат во пренаселените делови, немаат доволно капацитет за да ги примат сите дечиња. Во О.У. Лазо Ангеловски, на пример, учениците посетуваат настава во три смени. Од друга страна пак, децата од О.У. Гоце Делчев во Долно Лисиче се уште немаат фискултурна сала и се комплетно заборавени од сегашната локална самоуправа.

Програмата на СДСМ за престојните локални избори е внимателно осмислена и се основа на реалните потреби на родителите и учениците. Имено, со внимателна анализа ќе утврдиме каде е потребно зголемување на капацитети на градинките и основните училишта и каде се неопходни реконструкции или доградби. Исто така планираме и изградба на средно училиште во Аеродром. Наша цел е да овозможиме пријатно и непречено функционирање во општината, а не да правиме фотографии за фалење во отчети и скапо снимени видео спотови.

Дополнително, парите од општинската каса ќе ги насочиме за директна помош и олеснување на граѓаните. Ќе ги покриеме трошоците за обезбедување на училиштата и градинките, и за дневен престој на учениците до петто одделение. Ќе обезбедиме средства за награди за најуспешните работници во основните училишта и за таленираните ученици, како и стипендии за оние на кои им се потребни. Исто така, ќе овозможиме соодветни услови и пристап до училиштата и градинките за лицата со попреченост.

Фактор: Токму убавината на Аеродром и близината до центарот на Скопје е причина многу граѓани да бараат станови во оваа општина. Тоа ја поттикнува и градежната експанзија. Постои ли можност истата да се сопре за подобро искористување на ограничените природни ресурси и задржување на квалитетот на живот?

Марин: Секако дека постои можност, но градежните активности не треба да сопрат, туку да се гради соодветно во неурбанизираните делови. Главниот проблем досега беше што се градеше во урбанизираните делови без притоа да се внимава дали градинките, училиштата, канализација или паркинзите имаат доволен капацитет за новите градби. Од друга страна, онаму каде беше реално потребно да се урбанизира, тоа се направи со лоши ДУП-ови, кои предвидуваа многу згради, малку зеленило и лоши паркинг решенија.

Тоа значи дека мора да се направи ревизија на постоечките ДУП-ови, за да се утврди дали регионот има капацитет за нови жители. Под капацитет мислам, инфраструктура, пристапни патишта, паркинзи, водоводна и канализациона мрежа, паркинизи, градинки, училишта, како и соодветна рамнотежа меѓу урбаното и зеленото. Досегашната локална власт и Ивица Коневски имаа други приоритети.

Во однос на нови градби, во општина Аеродром има помалку урбанизирани делови во Населба Лисиче, Горно Лисиче и Долно Лисиче, коишто треба да се опфатат. Тука можат да се изградат нови населби, кои имаат просторен капацитет да овозможат квалитетен живот за граѓаните. Со внимателна и транспрентна изработка на ДУП-овите високиот квалитет на живот, отсега па натаму, ќе биде гаранција за сите жители на општина Аеродром.

Фактор: Политичките и партиските поделби постојат и во самите општини, локалната власт се одалечува од своите граѓани и ги исклучува од процесот на носење на одлуки. Како ќе гарантирате дека доколку победите нема да дојде до партиски вработувања, реваншизам и самоволие со игнорирање на барањата на граѓаните?

Марин: Мене не ме интересираат ниту партиски поделби, ниту реваншизам. Предолго бевме сите заложници на една таква власт и видовме какви штети тоа ни донесе. Раскарани и поделени граѓани. Јас локалната самоуправа ја разбирам како сервис на граѓаните и исклучиво така планирам да работам. Институциите треба и мора да бидат во служба на граѓаните. Само така може да се оди напред.

Ако ги следите моите досегашни активности, ќе забележите дека имам конкретен и континуиран начин на работа. Прво, се обраќам до локалните граѓани, кои најдобро знаат што им е потребно за подобар живот. Второ, се консултирам со мојот тим, експерти, здруженија и соодветните засегнати страни. И трето, воспоставувам контакт со централната власт и останатите надлежни институции околу можностите за соработка и реализација на идеите кои потекнуваат од граѓаните. Токму вака планирам да работам до крај, доколку ја добијам довербата на жителите на општина Аеродром.

Фактор: Како распишувањето на референдум против стратегијата за мигранти и паниката која се создава дека истите ќе се населат во општина Аеродром ќе влијае врз локалните избори на 15 октомври?

Марин: Лажните конструкции на ВМРО ДПМНЕ не поминаа на парламентарните избори, и лично сметам дека и сега ќе пропаднат во вода. Граѓаните знаат да препознаат и веќе едноставно никој не им верува. Доказ за тоа е фактот што од околу 64.800 регистрирани гласачи во општина Аеродром,  иницијативата „Будење“ на ДПМНЕ, насилно и со притисоци, одвај собра 1000 потписи против наводното населување на мигранти. Ваквите приказни на ВМРО ДПМНЕ веќе не поминуваат ниту кај нивното членство. Прво беше федерализација, па кантонизација, па сега мигранти. ВМРО-ДПМНЕ нема веќе идеја како да се бори и тоа го прави исклучиво со заплашување на граѓаните. Но во декември тие ги казнија заради ова, на 15 октомври ќе ги казнат уште посилно.  

Фактор: Се појави Фејсбук страница „Аеродром во моето срце“ каде се објавуваат обвиненија против вас дека сте барале рекет од фирми пред изборите. Кој стои зад оваа страница и како ќе одговорите на обвинувањата?

Марин: Зад „Аеродром во моето срце“ повторно стојат партиските структури на Ивица Коневски и ВМРО ДПМНЕ. Во однос на обвинувањата, дури и ми е смешно да одговорам, секако дека е апсолутна лага. Фактот што тврдат дека имаат документи кои докажуваат рекет ми е уште позабавен. Се прашувам, какви документи се изработуваат и потпишуваат за земање рекет? Сега имаат нова лага, а тоа е дека сум ги присилувал учениците да гласаат за мене. Колку само очај и злоба има во методите на ВМРО-ДПМНЕ кои сигурно на крајот ќе им се удрат од главата. Очевидна е паниката на Коневски и ДПМНЕ во однос на престојните локални избори. Чувствуваат дека ја губат моќта и поддршката на граѓаните, и токму затоа се осврнуваат кон вакви провидни и очајни мерки.

Фактор: Дали локалната инфраструктура се подобрува само пред избори. Во тој контекст би прифатиле ли принцип каде градоначалниците вклучителни и тие од вашите редови да понесат одговорност пред граѓаните уште пред да им истече гарантираниот мандат?

Марин: Секако дека би прифатил. Функцијата градоначалник не би ја менувал за ништо, бидејќи ми овозможува да бидам меѓу граѓаните и директно да влијаам врз квалитетот на нивниот живот. Ние изготвуваме прецизен план на активности, и доколку ја добијам привилегијата да бидам градоначалник на општина Аеродром, строго ќе се држиме до него. Тој план ќе се однесува на целиот четиригодишен мандат. Моја цел не е да вложувам високи средства за лажна себе промоција, туку да дозволам делата да зборуваат сами за себе.

Фактор: Што очекувате од трката за град Скопје каде кандидат на СДСМ е Петре Шилегов кој ќе му се спротистави на Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ. Без оглед кој ќе победи може ли да се создаде позитивна атмосфера за работа меѓу градоначалникот на Скопје и останатите скопски градоначалници без оглед на која политичка партија и припаѓаат?

Марин: Прво, очекувам убедлива победа на мојот колега Петре Шилегов исто како што очекувам во Аеродром. Скопје ќе гласа за промени, бидејќи Скопје бара одговорна, граѓанска и домаќинска власт. Соработката помеѓу институциите и владеачките структури мора да биде ефикасна, за истите да можат да се претворат во колективна високо квалитетна служба на граѓаните. Улогата на опозицијата е, заедно со граѓанскиот сектор да биде контролор и коректор на власта. Но, целта и на владеачката партија и на опозицијата треба да биде една и заедничка – овозможување напредок на државата и подобри услови за нејзините граѓани. Во овој дух и за доброто на граѓаните, јас останувам отворен за соработка со сите, без разлика на партиската припадност. 

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА ЗА РУСКОТО ВЛИЈАНИЕ: Ако има политички актери некои, тие се маргинални

СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА ЗА РУСКОТО ВЛИЈАНИЕ: Ако има политички актери некои, тие се маргинални

КРАДЕЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА БРЗИ КРЕДИТИ: Koлку пријави има годинава во полиција?

КРАДЕЊЕ НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА БРЗИ КРЕДИТИ: Koлку пријави има годинава во полиција?

НАЈЧЕВСКА: Почнаа наддавањата на големите партии кој колку ќе им ги покачи пензиите на пензионерите

НАЈЧЕВСКА: Почнаа наддавањата на големите партии кој колку ќе им ги покачи пензиите на пензионерите

СТУДЕНО УТРО ВО МАКЕДОНИЈА: Каде се измерени температури под нулата?

СТУДЕНО УТРО ВО МАКЕДОНИЈА: Каде се измерени температури под нулата?

НАПРАВИЛЕ ШТЕТА НА БУЏЕТОТ НА БОГДАНЦИ: Поднесена е кривична пријава против градоначалникот и вработена во урбанизам

НАПРАВИЛЕ ШТЕТА НА БУЏЕТОТ НА БОГДАНЦИ: Поднесена е кривична пријава против градоначалникот и вработена во урбанизам

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Мицкоски повика на обединување, Апасиев е контра

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан