Добивај вести на Viber
Драматичниот пад на странските инвестиции кои ги регистрираше Народната банка на Македонија (салдо од 45,7 милиони евра) според Владата не треба да загрижува, затоа што има одлив на странски капитал, а и сеуште не се започнати вложувањата во фабриките кои се отвораат. Во моментов не е многу подобра ситуацијата ниту во регионот, иако дел од фабриките што се присутно овде, сега отвораат фабрики во Србија. Во Македонија од 1993 та наваму, значи за речиси 20 години влегле вкупно нешто повеќе од 3,3 милијарди евра странски инвестиции. Во Србија, пак, земјата со која не врзуваат многу нешта, а во поново време и најавата на една заедничка инвестиција (Дунав-Морава- Вардар) за 12 години влегле околу 15 милијарди евра.
Идната недела во Украина и Британија
Украина и Лондон се следните дестинации каде Македонија ќе ги претстави своите инвестициски потенцијали. Делегацијата ќе ја предводи министерот за финансии,
Зоран Ставрески, а ќе го придружува и директорот на ТИРЗ
Виктор Мизо. Ова е дел од патувачките шоу-а на кои Владата преку презентации за инвестициската клима во земјава се обидува да привлече странски инвеститори. Во обид да привлече инвестиции лани економските владини тимови не запреа со инвестициските роуд шоуа - Канада, Америка, Индија, Кина, Турција, Скандинавија, беа само дел од земјите кои ги посетија владини претставници.
Виктор Мизо: Инвестиции има, но и одлив на капитал
Директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо за
Фактор вели инвестиции во земјава има, но во право е и гувернерот на НБРМ, Богов кога вели дека е регистриран и одлив на странски капитал, кога компаниите ќерки кои егзистираат овде, ги изнесуваат парите кон матичните фирми.
„Минатата година почнаа со работа фабриките
Кемет, Технохозе, Протек фармација. Џонсон контролс во Штип, надвор од индустрсиките зони овде се компаниите
Кромберг и Шуберт и
Дрексел Маер. Така што од гледна точка на нови гринфилд инвестииц, минатата година беше успешна“, вели Мизо и додава дека сепак кај некои од отворените фабрики вложувањата допрва доаѓаат особено кога ќе се внесат машини во некоја фабрика, тогаш и сумата која ќе се евидентира ќе биде поголема, констатира Мизо.
НБРМ: За 11 месеци во 2012 година салдото на странски инвестиции - 45,7 милиони евра
45,7 милиони евра, толку изнесува салдото на директни странски инвестиции во Македонија за првите 11 месеци од 2012 година, покажуваат податоците од Народната банка на Македонија. Во споредба со истиот период, салдото на директни странски инвестиции е намалено за скоро за седум пати. Во ноември лани НБРМ регистрира одлив на странски капитал од 9,2 милиони евра. За 2012 та владата планираше прилив на странски директни инвестиции во вредност од 350 милиони евра. За оваа 2013 година проекциите се уште пооптимистички, со очекување за влез на 400 милиони евра странски капитал.
Богов: Да не беше одливот на странски капитал, салдото на инвестиции ќе беше поголемо
Гувернерот на НБРМ,
Димитар Богов е сепак задоволен од приливот на странските директни инвестиции, но според него проблем е одливот на странски капитал односно префрлањето на пари од компании кои работат овде кон своите матични компании кои се наоѓаат во странство. Да не беше тоа, како што објасни Богов странските директни инвестиции би биле над 200 милиони евра, односно колку во рекордната 2011 година. Така во ноември минатата година само една компанија имала одлив од 34 милиони евра.
Џонсон Контролс почна со работа и во Србија
И додека Американскиот производител на автоделови „Џонсон Контролс“ отвори две фабрики за производство на седишта и делови за ентериер за патнички автомобили во Крагуевац. Двете фабрики ќе произведуваат делови за новиот фиатов модел „Фиат 500л“ кој се произведуваа во фабриката во Крагуевац. Американскиот гигант кој покрива 30 проценти од светското производство на автомобилски ентериер, е еден од четирите главни соработници на италијанската фабрика во Крагуевац.
„Џонсон контролс отвора две фабрики во Србија на барање на Фиат, а не на Србија. Кога се изработуваат седишта и делови за ентериерот, фабриката треба да биде на оддалеченост не поголема од 5км“, тврдат доброупатени во проблематиката за фактор.
Инаку, Србија годинава очекува повеќе од 1,6 милијарди евра приход од извозот на компанијата „Фиат автомобили Србија“, која лани произведе околу 30.000 автомобили.
Во Србија за 12 години 15,95 милијарди евра од инвестиции
Најзначајните 150 странски инвестиции во изминатите 12 години на Србија и донеле 15,96 милијарди евра, а најмногу инвеститори има од Германија, соопшти Националната алијанса за локален економски развој.
Најмногу инвестии се регистрирани во автомобилската индустрија 21, прехранбената 18, банкарството и осигурувањето 15 и градежната индустрија 10, покажуваат податоците на првата интегрирана база на податоци за странски инвестиции, изработена од НАЛЕД.
Најголема инвестиција останува
Теленор со 1,6 милијарди евра, а следи
Газпромњефт со 947 милиони евра,
Фиат со 940 милиони евра,
Делез со 933 милиони ерва,
Агрокор со 614 милиони евра,
Филип Морис со 611 милиони евра,
Мобилком Австрија со 570 милиони евра,
Салфорд, Еуробанка, Меркатор и Рајфајзен со по 500 милиони евра.
Во Македонија пак од 1993 та наваму, значи за речиси 20 години влегле вкупно нешто повеќе од 3,3 милијарди евра странски инвестиции, при што како најголеми се вбројуваат
Т-мобиле, ЕВН, Хеленик Петролеум, НБГ, Титан, ВИП, ОНЕ.
Мишко Иванов