05 Декември, 2025
0.0391

ИСТОРИСКИ ДЕН ЗА МБИ10, ГО НАДМИНА ПЛАФОНОТ ОД 10.000 ПОЕНИ - промена и во составот, „Реплек“ влегува во Клубот на моќните

Објавено во: Финансии 19 Декември, 2024 08:20

Добивај вести на Viber

Вчера беше своевиден историски ден за Македонската берза, имено македонскиот берзански индекс МБИ10 ја помина психолошката граница од 10.000 поени.

Или конкретно, на крајот на вчерашниот берзански ден индексот затвори со вредност од 10.012,34 поени, а таква вредност немал во изминативе 17 години. Поточно, МБИ10 имал вредност над 10.000 последен пат на 3 септември 2007 година.

Како што веќе објави Фактор, во последниов период индексот има одличен раст, кој е предводен од најликвидните акции, а тој тренд продолжува и во овој период.

Уште една новина беше објавена вчера околу МБИ10, а таа е дека ќе има мала промена во составот на акциите кои го сочинуваат овој индикатор. Имено, пред неколку дена Комисијата за берзански индекс извршила редовна ревизија на индексите МБИ10 и ОМБ.

Она што е новина во индексот е дека во МБИ10 влегува едно ново акционерско друштво, а едно излегува, согласно методологијата на Берзата за утврдување на индексот.

Или поконкретно, „Реплек“ е компанијата која досега не беше дел од МБИ10, а сега влегува во Македонскиот берзански индекс, додека, пак, излегува УНИБанка, која досега беше дел од овој берзански индикатор.

Од Берзата на својата веб страница известија дека согласно Методологијата за пресметување, Комисијата за берзански индекс определила дека елементи на индексот МБИ10 ќе бидат обичните акции издадени од Комерцијална банка, Гранит, Алкалоид, Макпетрол, Македонијатурист, Македонски Телеком, НЛБ Банка, Стопанска банка, ТТК Банка и Реплек.

А колку за споредба, претходно сите овие компании, освен Реплек, исто така беа во составот на МБИ10.

Новиот состав на берзанскиот индекс МБИ10 ќе се воспостави од 30 декември оваа година, што значи дека практично новата година ќе стартува и со условно речено новиот индекс.

На веб страницата на берзата може да се најде методологијата за тоа како се пресметува МБИ10. Тој, како што стои во методологијата, е составен од обичните акции на најмногу 10 котирани друштва, избрани согласно нејзините критериуми.

Станува збор за ценовен индекс, пондериран со пазарната капитализација која се наоѓа во слободниот промет (free float) неприлагоден за дивидендните исплати, со ограничување дека на денот на ревизијата уделот на ниту една акција во состав на индексот не смее да надминува 20 отсто.

На берзата е дадена и точна формула како се пресметува индексот.

Free float факторот, пак, претставува процент на распространетост на родот на акциите во јавноста, и се добива кога од вкупниот број на издадени акции се одземаат стекнатите сопствени акции издадени од друштвото, акциите во посед на позначителни акционери со 5 отсто или над 5 отсто сопственост на родот на акции, освен акциите во посед на отворен или затворен инвестициски фонд, вклучувајќи ги и приватните пензиски фондови, i акциите во сопственост на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување доколку поседува 5 или над 5 отсто од родот на акциите.

Free float факторот се пресметува врз база на податоците добиени од Централниот депозитар за хартии од вредност, како и врз основа на јавно достапните податоци кои се објавени од издавачите. Тој се пресметува на денот на ревизија на индексот, а се применува од моментот на имплементација и важи до следната ревизија на индексот.

За обезбедување на континуитет на индексот секогаш пред индексот да почне да се пресметува со нов состав, се пресметува корективен фактор. Тој обезбедува временска споредливост на индексот и покрај евентуалните промени во составот, и со негова помош се обезбедува индексот да ги одразува промените на цените до кои дошло во времето од денот на ревизијата до денот на пресметувањето според новиот состав.

Изборот на акциите кои ќе бидат вклучени во индексот се врши од сите акции кои биле котирани на Официјалниот пазар на Македонската Берза најмалку 30 денови на тргување пред ревизијата. Во индексот се вклучуваат најмногу 10 акции, според мислењето на Комисијата за берзански индекс, кои ги исполнуваат следните критериуми: износ на ФФ пазарната капитализација на акциите на денот на ревизија на индексот, просечен дневен промет на определена акција во последните 6 месеци пред ревизијата (во денари), како и однос на бројот на денови на тргување со одредена акција и вкупниот број на денови на тргување на Официјалниот пазар.

При вршењето на ревизија на индексот, Комисијата за берзански индекс може да употреби „зона на рангирање“ на акциите со цел да се осигура стабилност на индексот. Зоната на рангирање на акциите подразбира дека првите седум акции влегуваат во новиот состав на индексот МБИ10. Преостанатите три акции се бираат помеѓу акциите рангирани од 8-то до 13-то место, при што предност се дава на акциите кои биле елементи на претходниот состав на индексот МБИ10. Составот на индексот се утврува врз основа на квантитативните критериуми за селекција на акциите, кои се елементи на индексот. 

Во случај горенаведените критериуми и правила да не се доволни за селекција на акциите од кои би се пресметувал индексот во наредниот период, Комисијата за берзански индекс одлучува за конечниот број на акции кои би влегле во индексот, како и за акциите кои би се вклучиле или исклучиле од пресметката на индексот. Комисијата за берзански индекс има дискреционо право врз основа на оваа Методологија да врши селекција на акциите кои ќе влегуваат во пресметката на индексот, имајќи ги предвид пазарната капитализација, ликвидноста, бројот на денови на тргување со односите хартии од вредност, пазарните услови и континуитетот на индексот.

За база на индексот, со вредност 1.000, се зема 30.12.2004 година.

Инаку, МБИ10 подлежи на редовни и вонредни ревизии. За вршење на ревизии на индексот Извршниот директор на Македонската Берза формира Комисија за берзански индекс. Датуми на редовна ревизија на индексот се 15 јуни и 15 декември. Датумите, пак, од кои почнува да се пресметува индексот по новиот состав се јуни и 30 декември, како што ќе почне да се применува сега на 30 декември.

Во случај на вонредни околности, Комисијата за берзански индекс може да изврши вонредна ревизија на индексот. 

Н.Н.Ф.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

„КОЛКУ ПАПАЈА МОЖЕ ДА КУПИ ВЛАДАТА ОД НОВА ГОДИНА ДО БОЖИЌ КОРИСТЕЈЌИ ГИ САМО ТИЕ ПРИХОДИ?“ Анализа на потрошувачката на гориво по пробниот старт на „Сејф сити“

„КОЛКУ ПАПАЈА МОЖЕ ДА КУПИ ВЛАДАТА ОД НОВА ГОДИНА ДО БОЖИЌ КОРИСТЕЈЌИ ГИ САМО ТИЕ ПРИХОДИ?“ Анализа на потрошувачката на гориво по пробниот старт на „Сејф сити“

„ЧЕКАМ ОДЛУКА И МОЛАМ БОГА ДА ПОМИНАМ СО КАЗНА, ДА НЕ МЕ ВРАТАТ НАЗАД“: Балканец во Германија за 50 евра - косење трева на црно, бил пријавен од човекот каде што работел, сам го викнал па го пријавил!

„ЧЕКАМ ОДЛУКА И МОЛАМ БОГА ДА ПОМИНАМ СО КАЗНА, ДА НЕ МЕ ВРАТАТ НАЗАД“: Балканец во Германија за 50 евра - косење трева на црно, бил пријавен од човекот каде што работел, сам го викнал па го пријавил!

ИМА ЛИ КАНДИДАТ КОЈ БИ ПРАВЕЛ ЕКОНОМСКИ ПРЕСМЕТКИ ЗА ФИСКАЛНИОТ СОВЕТ – платата е вртоглава, а работното време вообичаено

ИМА ЛИ КАНДИДАТ КОЈ БИ ПРАВЕЛ ЕКОНОМСКИ ПРЕСМЕТКИ ЗА ФИСКАЛНИОТ СОВЕТ – платата е вртоглава, а работното време вообичаено

„Од почетокот на годинава наплативме приходи од 1,95 милијарди евра“: Николовски објави дека бележат раст во сите сектори

„Од почетокот на годинава наплативме приходи од 1,95 милијарди евра“: Николовски објави дека бележат раст во сите сектори

РОДИМЕ МАЈКО СО КСМЕТ И ВРАБОТИМЕ ВО АГЕНЦИЈА – „регулираат“ железнички сектор и имаат вртоглави плати

РОДИМЕ МАЈКО СО КСМЕТ И ВРАБОТИМЕ ВО АГЕНЦИЈА – „регулираат“ железнички сектор и имаат вртоглави плати

СТАН ВО НЕА ПОТИДЕЈА - ХАЛКИДИКИ ЗА 49 ИЛЈАДИ ЕВРА! Има поглед на море и големина од 60 метри квадратни

СТАН ВО НЕА ПОТИДЕЈА - ХАЛКИДИКИ ЗА 49 ИЛЈАДИ ЕВРА! Има поглед на море и големина од 60 метри квадратни

Експерт од Microsoft се сели во Apple – Ова е новиот раководител на вештачката интелигенција

Експерт од Microsoft се сели во Apple – Ова е новиот раководител на вештачката интелигенција

Фриленсери, издавачи на станови преку платформи, добивка од криптовалути - секој прилив од странство мора да се пријави

Фриленсери, издавачи на станови преку платформи, добивка од криптовалути - секој прилив од странство мора да се пријави

АКО СИТЕ ДЕНЕС НАПРАВАТ ПРЕКРШОК ОД 45 ЕВРА, ЗА 65 ИЛЈАДИ ВОЗИЛА, МВР ЌЕ ИНКАСИРА БЛИЗУ 3 МИЛИОНИ ЕВРА: Еве што вели пресметката

АКО СИТЕ ДЕНЕС НАПРАВАТ ПРЕКРШОК ОД 45 ЕВРА, ЗА 65 ИЛЈАДИ ВОЗИЛА, МВР ЌЕ ИНКАСИРА БЛИЗУ 3 МИЛИОНИ ЕВРА: Еве што вели пресметката