Јанева за Дојче Веле: Време е јавноста да ја дознае вистината!
Објавено во: Македонија 22 Февруари, 2017
Досега ги игнориравме, но веќе е време јавноста да знае дека судиите не може да се кријат зад нивните функции, повикувајќи се на имунитетот и на слободното и независно судиско искажување, бидејќи овде се работи за повреда на кривичната постапка, вели обвинителката Катица Јанева, потсетувајќи дека голем број одлуки на Европскиот суд за човекови права во Стразбур се однесуваат токму на повредата на таа процедурална рамка, пишува Дојче Веле.
Специјалното јавно обвинителство најави жалби до Советот за утврдување на факти, но и една кривична пријава.
„Веќе се изготвени жалби до Советот за утврдување на факти, за судии кои ја повредуваат кривичната постапка во делот на предистражната и истражната постапка, но и во делот на закажаните рочишта по предмети. Таква претставка ќе има и за судијката Татјана Михајлова, а против неа ќе поведеме и постапка по членот 361 од Кривичниот законик, за фалсификување на службена исправа“, изјави Јанева за Дојче веле.