Добивај вести на Viber
Една од загриженостите кои ги предизвикува претстојниот референдум за независност на Шкотска, закажан за 18 септември, е неговото влијание врз Балканот, предупредува експертот зџа балкански прашања Џејмс Кер-Линдзи, во изјава за Танјуг.
Британскиот надворешно-политички аналитичар додава дека сигурно постои стравување оти овој референдум би можел да води кон обнова на тензиите во регионот.
„Една од најголемите загрижености е поврзана за тоа како целиот овој процес би можел да влијае врз Балканот. Нема сомнение дека тоа би можело да има влијание врз Босна, Македонија, Србија и Косово. Сигурно дека постои страв дека би можеле да се обноват регионалните тензии“, нагласува Кер-Линдиз, додавајќи дека шкотскиот референдум би можел да има и „многу пошироко влијание“.
„Веќе гледаме дека Каталонија се подготвува за свој референдум за независност, иако во овој случај не постои согласност на шпанската Влада за негово одржување. Затоа на референдумот во Шкотска треба да му се пристапи многу внимателно, бидејќи луѓето ќе сакаат да знаат зошто Шкотите имаат право да гласаат за независност, а тие не“, појаснува советникот на Лондонската школа за економија и политички науки.
Тој нагласува дека ова ќе биде вистински тест за националните влади, бидејќи ако на Шкотска и е дозволено да стане независна земја и други заедници и региони ќе сакаат да го следат нејзиниот пример.
Кристоф Бендер, потпретседател на Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ), сепак смета дека случајот на Шкотска е различен од останатите.
„Таму немаше репресија врз населението како на Косово, не интервенираше некоја соседна држава како на Крим, немаше војна како во Абхазија и Јужна Осетија“, коментира тој.
Во Шкотска никој не стравува од воена акција ниту од странско вмешување, а Лондон веќе стави до знаење дека ќе ги почитува референдумските резултати.
„Се ова ја прави Шкотска доста поинаква од сите останати неодамнешни случаи на отцепување“, вели Бендер, оценувајќи дека се работи за „зрел“ начин да се реши едно прашање.
Резултатите од анкетите на јавното мислење во Шкотска, на неколку дена пред референдумот се толку тесни, што е исклучително тешко да се предвиди исходот од гласањето.