Добивај вести на Viber
Силите на радикалната Исламска држава на Ирак и Левент (ИСИЛ) за само неколку дена успеаја под своја контрола да стават големи територии од Ирак. Дури иако ирачката Влада успее повторно да ја врати контролата во земјата, сепак аналитичарите проценуваат оти добар дел од оваа територија од двете страни на границата меѓу Ирак и Сирија и понатаму ќе остане под контрола на џихадистите.
ИСИЛ со својата репутација успеа да ја надмине централата на Ал Каеда, терористичкото движење на кое и оваа организација и припаѓа. За разлика од Ал Каеда на Ајман ал-Завахири со седиште во Пакистан, ИСИЛ успеа да дојде само на чекор до воспоставување на нова квази-држава, да добие де факто суверенитет на одредена територија, и покрај тоа што не е признаена од меѓународната заедница.
Територијата под контрола на оваа екстремистичка организација веќе е поголема од Израел и не е некоја пустина - таа вклучува нафтени полиња, електрична мрежа, затвори, мали производствени погони, па дури и магацини со оружје напуштени од ирачката војска, во кои има и оружје што било обезбедено од САД. Кога борците на ИСИЛ го освоија Мосул тие ја зазеле централната банка и заплениле 425 милиони американски долари. За споредба, целиот буџет на Ал Каеда пред 11 септември беше околу 30 милиони долари и се сметаше за исклучително висок.
Вообичаено, на терористички организации како Ал Каеда и ИСИЛ се гледа како недржавни елементи, но што се случува кога еден недржавен елемент ќе си приграби држава односно територија?
МАСАКР ВО ИРАК: Ал Каеда егзекутираше речиси 2.000 ирачки војници!
Промената веројатно ќе биде најголема за оние што ќе се најдат под владеење на ИСИЛ. Екстремната идеологија на оваа џихадистичка група повикува на убивање не само на евреи и христијани, туку и на многу муслимани, особено на шиитите кои се мнозинство во Ирак, но се омразени од ИСИЛ заради наводното застранување од шеријатскиот ислам. Екстремистите ги имаат за своја цел дури и сунитските муслимани, доколку откријат дека во изминатиот период тие соработувале со САД или нивните сојузници, вклучувајќи ја и актуелната ирачка Влада.
Во Сирија, членовите на ИСИЛ ги убиваат и ги распнуваат своите муслимански непријатели, оставајќи ги нивните тела да служат како предупредување. „Покај се или умри“ е нивното мото. Оваа групација е толку насилна и радикална што во февруари, лидерот на Ал Каеда Завахири ја осуди за нејзината бруталност и нападите против други џихадисти. Токму затоа половина милион Ирачани го напуштија Мосул кога силите на ИСИЛ го зазедоа градот.
Ако ја консолидира својата моќ на територијата што ја држи под контрола сега, ИСИЛ може да ги користи сите придобивки што ги има една влада. Ќе ја продава нафтата од полињата под своја контрола, ќе шверцува она што не може легално да го продаде. Така терористичката организација може да инкасира милиони долари, со што дополнително ќе го зголеми својот углед меѓу исламските радикали во целиот свет. ИСИЛ може дури да му наметнува даноци на бизнисот и населението што ќе остане на територијата под нејзина контрола.
Се ова може да им донесе богатство далеку над можностите на една терористичка група. ИСИЛ може да си регрутира и нови сили, барајќи од младите муслимани да служат во терористичката организација како доказ за својата лојалност.
Главна цел на ИСИЛ секао е формирање на една исламска држава - цел која очигледно има намера да ја оствари преку бруталност, а не дипломатија. Но со молњевитата операција во Ирак оваа организација секако успеа да ја дискредитира Владата на премиерот Нури ал-Малики, особено откако многу ирачки војници избраа да побегнат наместо да се борат против екстремистите. ИСИЛ не ги почитува државните граници и верува дека тие се вештачка творба на колонијалните сили, чија цел е да го поделат муслиманскиот свет.
Оваа радикална организација веќе е магнет за привлекување на илјадници странски борци кои заминаа во Сирија за да се борат против режимот на Асад. Се проценува дека во редовите на ИСИЛ во моментов се борат околу 3.000 странски борци, а се очекува тој број да се зголеми, како што организацијата нижи борбени успеси. Многу од регрутираните борци од целиот свет, од кои повеќето се необучени па дури и не зборуваат арапски, ИСИЛ ги користи како бомбаши-самоубијци.
Како што странците се интегрираат во ИСИЛ, нивните лични мрежи е користат за да се привлечат уште повеќе борци за каузата. Експертите за борба против тероризам предупредуваат дека овие борци можат да се вратат во нивните матични држави и таму да ги продолжат терористичките операции. Дел од европските муслимани, пак, заминуваат во ИСИЛ затоа што навистина сакаат да живеат во вистинска исламска држава, па со себе ги носат и своите семејства. Оваа тенденција ќе расте доколку ИСИЛ навистина приграби држава која тие можат да ја нарекуваат дом.
Меѓутоа, точно е и тоа дека ИСИЛ ќе има одредени проблеми кога ќе добие „адреса“. Доколку САД или некоја друга држава одлужат подиректно да интервенираат, веќе знаат каде треба да биде насочена таа интервенција. Таинствена организација која се појавува ноќе да го тероризира населението е многу потешко да се нападне отколку „Влада“ и официјални претставници кои си имаат свое седиште.
Тоа секако ќе биде власт од која населението може да очекува владеење и обврски, но не и услуги какви што нуди една нормална држава. Освен ова, и самото движење е склоно на поделби - и тоа насилни и особено поттикнати од бескомпромисноста на радикалните исламски ставови. Присуството на голем број странци ја прави оваа ситуација полоша.
Б.А.