Добивај вести на Viber
Зоран Заев и Киро Камчев се одговорни за стечајот на керамичката индустрија Киро Ќучук од Велес, обвинија денеска од општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ.
„Во повеќе наврати досега прашуваваме дали Киро Ќучук е купена од Заеви токму за да не работи. За да не биде конкуренција на фабриката Еленица, која е во целосна сопственост на Заеви“, посочи советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во општина Велес Петре Саздов кој изрази загриженост за неколкуте стотици вработени од фабриката кои останаа без работа.
Струмичкиот градоначалник ваквите обвинувања ги отфрли како ноторни лаги.
„За име на вистината која што ја знаат Велешани, ја знае цела Македонија, уште еднаш ќе повториме. Фирмата „Еленица“ од Струмица е сопственост на Трајче Заев, прв братучед на Зоран Заев, таа е сопственик на 24,8 проценти од акциите во „Киро Ќучук“. Таа сопственост ја има стекнато по пат на берза во 2008 година. Кога ги купи акциите „Еленица“ од Струмица во истиот момент беше попишан целиот имот на „Киро Ќучук“ од страна на Управата за приходи, беше ставено разлачно право и од тој момент Заеви не можат да размислуваат ни на управување, ни на мнозински пакет, ние не можевме да влеземе во дворот на „Киро Ќучук“, 24,8 проценти е малцински пакет“, одговори Заев на обвинувањата од БМРО-ДПМНЕ.
За стечајот на велашката тулана Заев ги обвини Владата и УЈП.
„Фабриката бескрупулозно ја носат во стечај. Подносители на стечајот се Владата и УЈП. И целта е една, да пропаднат парите на Заев. На уште еден социјалдемократ да му се нанесе ненадоместива штета - изјави Заев.