ЌЕ СОБИРААТ ПОМАЛКУ ПАРИ ОД ПЕНЗИСКИТЕ ДРУШТВА – МАПАС воведува новини, ќе има и поголем број вработени, еве ги деталите
Објавено во: Финансии 30 Октомври, 2024
Поголеми плати и повеќе вработени ќе има во Агенцијата за супервизија на капиталното финансирано пензиско осигурување - МАПАС следната 2025 година. Финансискиот план на Агенцијата доставен пред народните избраници открива оти ќе се намали надоместокот што го наплаќа од пензиските друштва. Сепак, и покрај намалувањето на овој надоместок, преку кој се обезбедуваат најголемите приливи во Агенцијата, тие планираат зголемување на бројот на вработени и раст на платите.
Податоците откриваат дека грубо сите вработени во Агенцијата, вклучувајќи ги и новите ќе добиваат бруто плати малку над 122 илјади денари, или околу две илјади евра. Имајќи предвид дека членовите на советот имаат повисоки примања, а и поради систематизацијата на работните места, некои ќе зимаат повисоки или пониски плати.
Како што е наведено во самиот Финансиски план, работењето на Агенцијата согласно Законот се финансира од надоместоците кои Агенцијата ги наплатува од пензиските друштва (месечен надоместок од секое пензиско друштво и административни надоместоци). Согласност за висината на надоместоците дава Собранието на предлог на Советот на експерти на Агенцијата.
- Месечниот надоместок што го наплаќа Агенцијата од пензиските друштва се определува врз анализата на потребите на Агенцијата за извршување на пропишаните надлежности. Забележан е тренд на намалување на висината на надоместокот од 1,5 проценти во 2006 и 2007 година на 1 процент во 2008 и 2009 година. Потоа на 0,8 отсто во 2010 до 2022 година и 0,7 проценти во 2023 и 2024 година. Висината на месечниот надоместок што го предлага Советот на експерти на Агенцијата со финансискиот план за 2025 година е повторно намалување на 0,6 опроценти од вкупните придонеси, уплатени во претходниот месец во секој пензиски фонд со кој управува пензиското друштво – се нагласува во планот доставен пред пратениците.
Во него се посочени сите планирани приходи и расходи на Агенцијата. Па така може да се види дека во текот на 2025 година се планира Агенцијата да оствари приходи во износ од 103 милиони денари, а само од надомест од придонеси од пензиските друштва очекува прилив од 95 милиони денари. Од административни надоместоци и приходи од камати по четири милиони денари.
- Планираниот износ на приходи од придонеси од пензиските друштва од 95.000.000 денари се очекува да се реализра со наплата на месечен надомест од пензиските друштва од 0,6 отсто од вкупните придонеси. При планирање на приходите од месечен надомест од придонеси, Агенцијата првично ги имаше во предвид актуарксите проекции од Фондот на ПИОСМ за 2024 година добиени во 2015 година и со оглед дека во 2024 година сме известени дека Фондот на ПИОСМ нема ажурирање на проекциите, Агенцијата направи проценки врз минатите податоци и врз основа на информација за буџетските проекции во класата транзициони трошоци од Фондот на ПИОСМ – е посочено во планот.
Од Агенцијата укажуваат дека износот од четири милиони денари приходи од административен надоместок од четирите пензиски друштва е намален поради укинување на одредени надоместоци. Додека приходите од камати се приходи од депозити од резервниот фонд на Агенцијата кои се ставени во одделни деловни банки. И кај овие приходи очекуваат намалување поради намалената референтна каматна стапка на Народна банка.
Што се однесува до расходите, од Агенцијата посочуваат дека има раст на трошокот за плати, но и намалување на трошокот за струја.
- Вкупните расходи за 2025 година се планираат да изнесуваат 102.785.000 денари и се планира да бида искористени за следните потреби: За материјали за непречено функционирање се планираат 770.000 денари и тоа за гориво, канцелариски материјали и ситен инветар. За електрична енергија и комунални услуги во 2025 година се планирани расходи од два милиони денари, од кои за струја 1.100.000 денари. Од Агенцијата напоменуваат дека овие средства се намалени за 18 проценти благодарение на инвестиции во соларни панели – стои во Финансискиот план.
Од друга страна е посочено дека за инвестиционо одржување на средствата Агенцијата ќе потрошат 40 илјади денари, кои нагласуваат дека се повисоки поради потребата од проверка на систеот за заштита од пожар. Во извештајот е напоменато дека имаат предвидено трошоци и за други расходи во износ од 15.910.000 денари, кои вклучуваат одржување софтвер за втор и трет столб на пензискиот систем, одржување на ИБМ хардверски опрема, на софтвер за архива, за сметководство...
За превозни услуги планираат да потрошат 100 илјади денари, за реклама и репрезентација 1.500.000 денари, за закупнини 1.680.000 денари, а планирани се расходи и за други материјални услуги, за провизии за платен промети, како и премии за осигурување...
- За ставката плати и надоместоци се планирани расходи во износ од 50 милиони денари за бруто плати согласно пополнети позици во Правилникот за систематизација на работни места во Агенцијата. Во 2025 година освен бруто платите на вработените и членовите на Советот на експерти на Агенцијата, планирани се дополнителни средства поради превземање на двајца вработени од нераспределените административни службеници преку Програмата к-5 од Министерството за односи меѓу заедниците – стои во Финансискиот план.
Воедно е посочено дека планираните расходи за плати и надоместоци во 2025 година се повисоки за околу 13 проценти во однос на планираните расходи по истиот основ за 2024 година.
Бојките во извештајот на Агенцијата доставен во Собранието откриваат дека во текот на оваа година за плати и надоместоци биле планирани 44 милиони денари, од кои 4 милиони за надоместоци и останати трошоци согласно со закон и колективен договор. Додека за следната година вкупниот трошок ќе достигне 50 милиони денари, од кои 46 милиони за плати, а останатите четири како и оваа година за разни надоместоци.
Фактор веќе објави дека платите во МАПАС воопшто не се за потфрлање. Детали за минатата година покажаа дека просечната плата во оваа државна компанија би била 54 илјади денари, додека членовите на советот земаат малку повеќе или скоро 60 илјади денари месечен надоместок, во кој не се вклучени давачките кон државата.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.