19 Април, 2024
0.0263

КОИ СЕ, ШТО ЌЕ ГРАДАТ И КОЛКУ ЌЕ ВЛОЖАТ НОВИТЕ ТРОЈЦА СТРАТЕШКИ ИНВЕСТИТОРИ - одлуките објавени, ќе имаат ли среќа милионските најави

Објавено во: Економија 06 Декември, 2022

Добивај вести на Viber

Тројца нови стратешки инвеститори се прогласени деновиве во земјава од Владата, а одлуките за нив се веќе влезени во сила на крајот на минатиот месец.

Станува збор за Ски Центарот Тетово Попова Шапка, потоа ветерната електрана Ениас, како и за фотоволтаична централа Балдовенци, за кои владините одлуки се веќе и објавени во Службен весник.

Неодамна, пак, пред околу месец и половина, статус на стратешки инвеститор му беше даден и на Митилинеос Когенеративна постројка Скопје.

Со ова, бројот на стратешки инвеститори во земјава се искачи на 10, откако долг период наназад во државава беа прогласени само седум стратешки инвеститори, но на еден од нив неодамна му беше одземен тој статус, од засега непознати причини.

Инаку, за сите стратешки инвестиции треба да се донесе и посебен закон за секој проект поединечно, со цел народните избраници да можат да го кажат својот последен суд за така значајни капитални објекти, но и големи суми на пари што треба да бидат вложени.

На 25 ноември Владата донела одлука за утврдување на стратешки инвестициски проект за Ски центарот Тетово Попова Шапка, кој стапил на сила веќе наредниот ден, а е донесена врз основа на Законот за стратешки инвестиции.

„Со оваа одлука на проектот Ски Центар Тетово Попова Шапка, на Друштвото за трговија и услуги МТГМ ИНДУСТРИЈА ДООЕЛ Скопје, со седиште во Скопје - Центар, му се утврдува статус на стратешки инвестиционен проект“, се вели во одлуката, на која потпис ставил првиот заменик на премиерот, Артан Груби.

Како што веќе пишуваше Фактор, веќе е познато колку ќе тежи новата стгратешка инвестиција, односно станува збор за 186 милиони евра. За тоа се направени и подготовки, односно АД ЕСМ го одвои имотот на фирмата-ќерка ЕЛЕМ Турс со формирање на две нови претпријатија, од кои едното ќе го носи името Ски центар Попова Шапка Дооел Тетово, кое понатаму ќе треба да биде преземено од стратешкиот инвеститор ТехноАлпин. На Ски центар Попова Шапка за директор е назначен досегашниот прв човек на Елем Турс, Адем Авзиу, кој за Фактор изјави дека очекува новоформираното претпријатие да го предаде својот имот на стратешкиот инвеститор до летото следната година, но не преку продажба, туку преку договор за концесионирање.

„Постапката на издвојување од ЕЛЕМ Турс е завршена. Следната фаза е преговарање со стратешкиот инвеститор по сите предлози. На крај, ќе се потпише договор кој потоа ќе треба да биде одобрен од Собранието. Во меѓувреме ќе работи стручниот тим на Владата, а колку што знам, имотот ќе оди на користење кај инвеститорот како концесија“, ни изјави Авзиу.

„ТехноАлпин“ е најавен од Владата како лидер во производство и инсталирање на системи за вештачки снег, признат експерт за дизајн на скијачки терени и скијачки зони и со 30-годишно искуство, 16 зависни друштва низ светот и 600 вработени. Инвестицијата треба да се реализира од 2023 година и ќе се одвива во шест инвестициски фази, од кои првата е проценета на приближно 55 милиони евра.

Вториот прогласен стратешки инвеститор, на истиот датум и со истиот тајминг на влегување во сила, е Ениас ветерна електрана.

„Со оваа одлука на проектот Ениас ветерна електрана, на Друштвото за производство на електрична енергија Енимак ДООЕЛ Скопје, поднесен со Барање за добивање на статус на стратешки инвестиционен проект, му се утврдува статус на стратешки инвестиционен проект“, напишале од Владата.

За Енимак на пребарувачите на интернет не можат да се најдат податоци, а не се знае, ниту пак Владата објавила, колку пари планира да вложи оваа компанија.

Единствен детален документ кој може да се најде на интернет, е барањето кое таа компанија во јуни годинава го доставила до Министерството за животна средина, за оценка како ветерната електрана што тие планираат да ја изградат во прилепско, би влијаела на животната средина. Компанијата е од Турција, Анкара, и се вика Ени Енерџи.

„Ве известуваме дека инвеститорот ENI ENERJI INS TAAH TIC ve SAN од Анкара Турција, преку регистрирање на компанијата Енимак ДООЕЛ Скопје, планира да изгради ветерен парк ЕНИАС со капацитет од 50 MW, лоциран во Дреновци и Небрегово во близина на градот Прилеп. Инвеститорот ќе придонесе за зголемување на производството на енергија од обновливи извори, односно зелена енергија“, се вели во барањето што било поднесено од турската компанија.

Во своето детално барање инвеститорот навел дека е специјализиран за овие проекти, дал елаборат за ветерот на тоа подрачје, и навел дека ќе гради 8 ветерни турбини, но и ќе направи конструкција на нови и адаптација на постојните пристапни патишта, а ќе се изгради и целокупната инфраструктура и дополнителна опрема за мрежно поврзување на планираниот ветерен парк со постојната инфраструктура на МЕПСО.

Инвеститорот навел дека пределот каде што планира да се гради нема загрозени видови на флора и фауна, ниту ендемични видови што се заштитени со закон.

Затоа, пак, во тој предел има бројни археолошки наоѓалишта, цркви, манастири и споменици.

„На југозападната страна од проектот, на 8 километри од локацијата се наоѓа манастирот Трескавец, над кој е планинскиот врв Златоврв, како и археолошкиот локалитет на југ Маркови кули, кој е на растојание на повеќе од 10 километри“, се вели во барањето.

Уште во тоа барање од придружните документи може да се види дека основната главнина на друштвото што се основа за Македонија, Енимак, изнесува 100 илјади евра, пари кои се уплатени како паричен влог. За управител бил именуван Оркун Одземил.

Во овој документ кој е многу детален и прецизен, сепак нема информации колку ќе тежи вкупната инвестиција во овој ветерен парк од осум турбини.

И, третиот стратешки инвеститор ќе биде Фотоволтаичната централа Балдовенци, на Друштвото за производство, трговија и услуги Балкан Реневабле Инвестментс ДОО Скопје, поднесен со Барање за добивање на статус на стратешки инвестиционен проект на 31.1.2021 година.

И за овој инвеститор не можат да се најдат податоци по пребарувачите, па за очекување е дека Владата потранспарентно ќе ги објави податоците, за кои веќе информирала на својата веб стграница.

На средината на октоммври, пак, статус на стратешки инвеститор му беше доделен на проектот "Митилинеос Когенеративна постројка Скопје" на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија Митилинеос ДООЕЛ Скопје.

За оваа инвестиција Владата објави дека нејзината вредност се предвидува да биде 211 милиони евра и според предвиденото, а се состои од постројка за електрична енергија со моќност 90 до 105 мегавати и топлинска енергија со моќност од 135 со 150 мегавати. 

А, како што веќе пишуваше Фактор, „Промарк Енерџи Дооел“ Скопје е првиот инвеститор кој беше прогласен за стратешки, а на кој во меѓувреме таквиот статус му е избришан од Владата. Таа „Промарк Енерџи“ го прогласи за стратешки инвеститор во последните денови од минатата година. Станува збор за проектот "Фотоволтаични електрани во КО Јамуларци и КО Скандалци", а не беа дадени детални информации зошто се откажува тој проект. За него било планирано да донесе инвестиција од 184 милиони евра.

Инаку, за претходните шест проекти, освен овој откажаниов, се планира да донесат инвестиции од околу една милијарди евра, што важи за оние за кои беа објавени податоци. ХЕК Солар МК ДООЕЛ Скопје, како што беше соопштено, ќе инвестира во изградба на фотонапонска електрана со јачина од 70 мегавати, и со вредност од 53 милиони евра. За „Соларен парк Стипион“, пак, беше најавено дека инвестицијата се очекува да биде 270 милиони евра, со капацитет за производство на електрична енергија од 350 до 400 мегавати. За проектот „Сончева електрична централа - Ерџелија“ на фирмата „ЕФТ Солар ДООЕЛ“, исто од Скопје, немаше податоци колку ќе тежи. За „Ветерна електрана-Вирови“, пак, на компанијата „Ветерен парк Вирови ДООЕЛ“, се најави дека овој парк ќе го гради германската компанија „Впд“,а вредноста на оваа инвестиција се проценува на 500 милиони евра. И за „Фабрика за производство на зелена енергија“, на фирмата „Зока Енерџи Солушн увоз - извоз ДООЕЛ“, со седиште во Неготино, нема информации колкју ќе тежи инвестицијата.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ГЕРМАНСКА ЕКОНОМИЈА: Дали избегнаа рецесија?

ГЕРМАНСКА ЕКОНОМИЈА: Дали избегнаа рецесија?

НИШТО ОД НАМАЛУВАЊЕТО НА КАМАТИТЕ? Еве кои се причините

НИШТО ОД НАМАЛУВАЊЕТО НА КАМАТИТЕ? Еве кои се причините

ГОЛЕМ СКАНДАЛ ГО ТРЕСЕ ПОЗНАТИОТ ГИГАНТ! Истражувањата откриле повеќе шеќер и млеко во храната за бебиња испратена во сиромашните земји

ГОЛЕМ СКАНДАЛ ГО ТРЕСЕ ПОЗНАТИОТ ГИГАНТ! Истражувањата откриле повеќе шеќер и млеко во храната за бебиња испратена во сиромашните земји

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НАДЗОРНИОТ ОДБОР НА „МАКПЕТРОЛ“ КУПИЛ 14 АКЦИИ - еве колку е платен акционерскиот пакет

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НАДЗОРНИОТ ОДБОР НА „МАКПЕТРОЛ“ КУПИЛ 14 АКЦИИ - еве колку е платен акционерскиот пакет

ДИРЕКТОР НА СКОПСКА ФИРМА ПОДНЕСЕ НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА ПО ГОДИНА И ПОЛОВИНА МЕНАЏИРАЊЕ - промени во раководството на „РЖ Интертрансшпед“

ДИРЕКТОР НА СКОПСКА ФИРМА ПОДНЕСЕ НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА ПО ГОДИНА И ПОЛОВИНА МЕНАЏИРАЊЕ - промени во раководството на „РЖ Интертрансшпед“

ИМ ЗДОСАДИЛЕ ВИСОКИТЕ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА, ПА РЕШИЛЕ САМИ ДА ПРОИЗВЕДУВААТ: Еве како изгледа енергетска заедница на група Грци

ИМ ЗДОСАДИЛЕ ВИСОКИТЕ СМЕТКИ ЗА СТРУЈА, ПА РЕШИЛЕ САМИ ДА ПРОИЗВЕДУВААТ: Еве како изгледа енергетска заедница на група Грци

КРАЈ НА „ПРАВИЛАТА НА САМО ЕДЕН ЧОВЕК“ - тајвански гигант го воведе системот на ротирачки директори

КРАЈ НА „ПРАВИЛАТА НА САМО ЕДЕН ЧОВЕК“ - тајвански гигант го воведе системот на ротирачки директори

ЗА ОВАА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА, ПЛАТА ОД 2.500 ЕВРА - обезбедени сместување и храна, а ЕУ пасош не ви е потребен

ЗА ОВАА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА, ПЛАТА ОД 2.500 ЕВРА - обезбедени сместување и храна, а ЕУ пасош не ви е потребен

ЛАНИ „ИЗМЕСИЈА“ ФАНТАСТИЧЕН ПРОФИТ, АМА СО НЕГО ЌЕ ПОКРИВААТ СТАРИ МИНУСИ - кои се акционерите што нема да добијат дивиденда од најголемиот производител на леб

ЛАНИ „ИЗМЕСИЈА“ ФАНТАСТИЧЕН ПРОФИТ, АМА СО НЕГО ЌЕ ПОКРИВААТ СТАРИ МИНУСИ - кои се акционерите што нема да добијат дивиденда од најголемиот производител на леб