Кои странски јазици ги изучуваат Македонците за да се иселат од земјава?
Објавено во: Македонија 27 Мај, 2018 06:50
Освен германскиот јазик кој е популaрен последните неколку години, Македонците сега се концентрирани и на изучување на скандинавските јазици со цел во иднина да најдат вработување во овие земји или да го продолжат образованието.
Атрактивни стануваат шведскиот, норвешкиот, данскиот јазик. Луѓето кои работат во здравството сметаат дека Норвешка е добар избор за работа со одлични услови.
„Освен германски и скандинавските јазици, има и луѓе кои учат јапонски јазик затоа што таму се нудат добри услови за студирање. Бизнис англиски им треба на луѓето заради работа. Има и поединци кои учат албански јазик. Од задоволство луѓето го учат италијанскиот, францускиот, рускиот, турскиот јазик“- вели Марина Богатиновска Арсовска од Алфабетико јазичен центар.
Изучувањето на јазиците е врзано во последно време со економскиот интерес, и можноста за дообразување.
„Во моментот најголем интерес има за деловен англиски, шведски и албански јазик. За овие јазици е зголемен интересот последните 2 години, претходно само за англиски јазик имаше интерес“- велат од Лингвафан.
41 годишна кумановка која моментално е невработена со години го изучува шведскиот јазик, и објаснува дека секој ден мора да се биде посветен, да се чита, зборува на тој јазик или да се слуша музика за да не се заборави и да се одржува познавањето на јазикот во една добра кондиција.
„Го сакам тоа поднебје и сакам да постигнам нешто повеќе во животот. Кога добро знаете некој јазик ви се отвораат многу врати, и тоа не е мала работа. Се надевам дека ќе добијам шанса каква што заслужувам со моите квалитети. Имам познавање веќе на англискиот јазик, и ако ми се пружи шанса да заминам, секако дека таа можност ќе ја искористам. Овде немам работа, овде ништо не се цени. Штета е за државата што губи многу млади луѓе, таленти, но што ако ние вложиме во Македонија, кога Македонија не вложува во нас?“- вели оваа жена.
Средношколка од истиот град зема приватни часови по словенечки јазик, со цел да се запише на студии во Љубљана. Таа јазикот го учи веќе четири месеци, за да има основа доколку биде примена на факултет во Словенија.
„Би сакала таму да се вработам по завршување на факултетот, таму да останам, затоа што сметам дека за живот е поубаво, имаат подобар стандард и работата е поплатена. Граматиката не е тешка, потешко е комуницирањето, но тоа не би било проблем да го совладам таму меѓу луѓе“- додава девојката.
Мотивот да се исели е тоа што многу економисти овде се без работа или мораат да работат нешто друго, надвор од струката.
Надвор од Македонија живеат и работат повеќе од 29 отсто високобразовани поединци, а вкупниот број на иселеници изнесува 21 отсто, покажуваат последните податоци од Светска банка.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка
Агелер: Без разлика дали има пристапни преговори патоказот постои, сакаме да видиме повеќе напредок на тој план
МВР отвора шалтер за „Безбеден град“ - граѓаните ќе можат да ги ажурираат контакт-податоците
Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето
Нема да има огномет од Град Скопје за Нова година?
Собранието го констатираше престанокот на функцијата на обвинителот Коцевски




