КОЈА Е СРПСКАТА АЛТА БАНКА ШТО ЈА „ПИКИРА“ НАШАТА СТОПАНСКА БАНКА БИТОЛА - ова се податоците за нејзината сопственост и профити
Објавено во: Финансии 09 Мај, 2025 08:05
Српската Алта банка, некогашната ЈУБМЕС банка, е заинтересираниот и можен купувач на Стопанска банка Битола, дознава Фактор од извори во банкарскиот сектор.
Нашите истражувања за тоа кој е заинтересиран за Стопанска банка Битола почнаа кога се стартуваше со позначајни блок трансакции со купување на акционерски пакети на Стопанска банка Битола во претходните неколку недели, за кои беше несомнено дека ги продаваат некои од помалите акционери на банката кои располагаа токму со тие пакети, иако не може јасно да се видат бидејќи Централниот депозитар за хартии од бвредност не ги дава акционерските имиња со пакети од под 5 проценти.
Која е Алта банката. Според пребарувањата на интернет, може да се види дека станува збор за српска комерцијална и инвестициска банка со седиште во Нови Београд во главниот град на Србија. Основана е во 1979 година како ЈУБМЕС банка, а во 2020 година го смени името во Алта банка по промената на сопственичката структура.
Како што сега стои на веб страницата на Банката, вкупниот акционерски капитал на АЛТА банка а.д. Белград се состои од 417.042 обични акции, а сите акции се во сопственост на правното лице, акционер ALTA PAY GROUP doo.
Сопственик на Alta Pay Group е српскиот бизнисмен Давор Мацура. Тој е и претседател на Управниот одбор на Алта банка, а покрај тоа е и активен во финансискиот сектор во регионот. Под негово раководство, Alta Pay Group стана 100 отсто сопственик на Алта банка.
Мацура е исто така познат по своите инвестиции во други финансиски институции, вклучувајќи и купување на околу 30 отсто од акциите на Addiko Bank AG, што ја направи Alta Pay Group најголем поединечен акционер во таа банка. Сепак, оваа аквизиција привлече внимание од страна на Европската централна банка (ЕЦБ), која изрази загриженост во врска со можни недостатоци во внатрешните контроли и потеклото на средствата на Alta Pay Group. Како резултат, ЕЦБ ги суспендираше правата на глас за речиси 20 отсто од акциите на Addiko Bank, додека трае истрагата, според Financial times. И покрај овие предизвици, Alta Pay Group продолжува со своето регионално проширување и останува значаен играч во финансискиот сектор на Балканот.
Седиштето на Алта Банката е во Нови Београд. Извршна директорка на таа банка е Уна Сикимиќ. Бројот на филијали кои ги има Алта банката во Србија е девет, а нејзиниот приближен број вработени изнесува 235.
На својата веб страница од банката напишале дека Алта банка нуди широк спектар на банкарски услуги за физички и правни лица, вклучувајќи тековни и штедни сметки, платен промет (вклучувајќи и преку Apple Pay), кредити, и тоа потрошувачки, хипотекарни, за реновирање, за ликвидност и инвестиции, потоа електронско и мобилно банкарство, картички, односно Visa, DinaCard (дебитни, кредитни, бизнис), сефови, девизни трансакции, менувачки услуги, како и факторинг, тргување со хартии од вредност, правно и финансиско советување.
Во 2024 година нето добивката на Алта банка изнесуваше близу 13 милиони евра. Додека, пак, една година претходно, 2023 година, Алта банка оствари нето добивка од 9,4 милиони евра, што значи дека лани банката имала сериозен раст на добивката во однос на 2023 година. Во 2023 година, пак, во однос на 2022 година, добивката на банката е зголемена значително, бидејќи во 2022 година профитот на Алта банка изнесувал само 450 илјади евра.
Во 2020 година, банката имала вкупна актива од 201 милион евра и капитал од 34 милиони евра.
Од Алта банка уште и навеле дека активно работат на модернизација и дигитализација на своите услуги, вклучувајќи имплементација на Apple Pay и инсталација на соларни панели на својата централа во Нови Београд, со што 30 отсто од енергетските потреби се покриваат од обновливи извори.
Се зборува дека токму Алта банка стои зад берзанските трансакции со Стопанска банка Битола. Имено, на 29 април, поминаа четири блок трансакции со акциите на Стопанска Битола, и тоа еден поголем пакет од 4,97 проценти, и три поситни и тоа 0,35 отсто, 1,59 проценти и 0,24 отсто. Во првиот блок се платени вкупно 1,2 милиони евра, а пакетот од 1,59 отсто доживеа многу повисока цена по акција, највисока досега, односно 5.543 денари, така што платена е вкупна сума од 562 илјади евра. За третиот пакет од 0,35 отсто некој плати вкупен износ од 110 илјади евра, и за четвртиот пакет од 0,24 отсто, платена е вкупна сума од 83 илјади евра. Претходно се продаде пакет од 4,99 отсто од акциите на банката, за износ од 1,5 милиони евра. Ова следуваше откако пред десетина дена се продаде исто толкав пакет за 1,07 милиони евра.
На ЦДХВ се уште во Стопанска банка Битола единствен акционер со над 5 проценти е „Пелистерка“, која поседува 16,99 отсто, и која, пак, заедно со неа блиската фирма „Тимох“, непосредно контролира 21,85 отсто од акционерскиот капитал.
Н.Н.Ф.Фото: Принтскрин
Можеби ќе ве интересира
ПРЕВОСТ НЕ БИЛ БЕЗ ПАРИ: Заработувал помеѓу 5.000 и 6.400 евра како кардинал

КОЈ БЕШЕ НАЈБОГАТИОТ ЧОВЕК ВО ПОРАНЕША ЈУГОСЛАВИЈА? Живеел во замок, а потоа изгубил сè - запаметен по најголемата загуба во историјата

СИГУРЕН, НО ПРИСТАПЕН: Еве го списокот на најдобри половни автомобили до 10 години старост

ЛЕТЕЧКА ПАЛАТА ЗА ТРАМП: Кралското семејство на Катар го почести Трамп

СИТЕ ВРАБОТЕНИ ЌЕ ЗНААТ КОЛКУ ЗАРАБОТУВААТ НИВНИТЕ КОЛЕГИ: Се воведува нов закон, транспарентноста на платите ќе биде задолжителна

ПОЧЕТНА ПЛАТА 8.000 ЕВРА! Пратениците се со полни паричници, еве колку заработуваат во Германија

КРАЈ ЗА АИРБНБ? Градови низ целиот свет воведуваат забрани - Балканот е следниот на удар

ЦЕЛА НИЗА НОВИ ДАНОЦИ И ПРОПИСИ: Ако патувате во Грција, бидете внимателни - воведени се многу построги правила

БИЗНИС ОД СОНИШТАТА: Заработија 318.000 долари за еден месец благодарение на камерите
