КОЛКАВ РЕГРЕС ЗА ГОДИШЕН ОДМОР ДОБИВТЕ ЛАНИ, ДАЛИ ГАЗДИТЕ БЕА ЧКРТИ ИЛИ ДАРЕЖЛИВИ - бројките ги има УЈП, а еве го и просекот за минатата година
Објавено во: Економија 23 Јануари, 2025
Колкав регрес за годишен одмор добивте минатата година? Ова прашање си го поставуваат многу од пријателите кои работат во различни компании, а висината на популарно наречениот К15 често се смета и како прашање на престиж и своевиден показател за моќта на компанијата, па колку повисок ваков надоместок ќе подели газдата, толку тој мисли подобро за благосостојбата на своите вработени.
Но, да видиме колку навистина работодавачите биле великодушни со исплатата на регресот за годишен одмор за минатата година, а ако е познато дека тој надоместок не смееше да биде помал од 16.800 денари, согласно пресметките кои ги наложуваат законските прописи.
Управата за јавни приходи ги објави податоците за минатата година, а тие јасно говорат колкав е просечно исплатениот регрес за годишен одмор за минатата година, колку компании го исплатиле, колку работници го добиле, колкава е вкупната сума што ја одвоил бизнисот за да може да оди на одмор македонската работничка класа, но и колкав износ данок е на тоа платено.
Според бројките на УЈП, минатата година регрес за годишен одмор исплатиле 43.954 работодавачи, и тоа е втора по големина бројка досега, после 2019 година. А, само за илустрација, за 2023 година бројот на фирми што поделиле К15 бил 43.262, додека, пак, една година претходно, тоа биле 42.568 компании. Треба да се знае дека во 2018 година бројката на работодавачи што исплатиле регрес била 41.182 денари, за во 2019 година тој број нагло да скокне на рекордни 44.839 компании. Но за жал, во 2020, која беше година на корона криза, бројката нагло падна на 40.179 работодавачи, а за среќа, пак, во наредните години и се до ланската, продолжува да оди по нагорна линија.
Она што е одличен податок е дека континуирано расте бројот на работници што добиваат регрес за годишен одмор.
Лани на пример со К15 се офајдиле 459.451 работник, рекорден број досега, според показателите на даночната администртација. Пред седум години, во 2018, тој број бил 333.773 работници, и потоа низ годините континуирано се зголемува, за да дојде во 2022 година до 398.395 работници, а во 2023 година нагло да се зголеми на 458.519, а за ланската година да има послаб растовен скок и доаѓа на 459.451 работник кој го добива овој надоместок.
Вкупно исплатениот К15 во бруто износ лани изнесувал нешто над 153 милиони евра, и тој покажува исто така постојано зголемување со текот на годините. Во оваа сума влегуваат и 15 милиони евра како данок на личен доход на исплатениот К15.
Колку, пак, вкупно добиле на своите сметки во нето износ овие 459.451 работници. Имено, на нивните конта се слеале близу 138 милиони евра.
Ова е таа придобивка која ја доби работниот народ во земјава пред одреден период, но благодарение на законска регулатива која се воведе и им ја наметна таа обврска на македонските работодавачи.
И конечно, прашање што сите не интересира, колку просечно на име на К15 доби македонскиот работник во минатата година.
Станува збор за сума од 18.452 денари, во година во која законскиот минимум беше 16.800 денари. Значи, газдите генерално решиле да бидат малку подарежливи кон вработените, па им дале просечно по околу 1.650 денари повеќе од законскиот минимум.
Притоа треба да се истакне дека ова е само просек, што значи дека имаше и некои газди кои гледаа да ги искосристат сите законски „дупки“ за да исплатат што помалку, но и такви кои беа исклучително дарежливи кон работниците, па исплатија и до 30.000 денари, па и повеќе, на име на регрес на годишен одмор.
Инаку, во Општиот колективен договор за стопанството стои дека кај работодавците кај кои настанале тешкотии во работењето, може да се утврди регрес за годишен одмор помал од износот утврден со Колективниот договор. Многу работовачи ја користат оваа недореченост во Општиот колективен договор и исплаќаат К-15 само по неколку илјади денари, алармираа своевремено и од Сојузот на синдикатите на Македонија. Од ССМ тогаш за медиумите објаснија дека секој газда мора да исплати К-15, но доколку има финансиски проблеми, како што се загуби или блокирани сметки, може да исплати помал износ од законски пропишаниот, кој изнесува 16.800 денари. Тоа се прави во спогодба со Синдикатот, значи во тој договор се одредува минимумот, но нема долен лимит за колку може да се намали К-15.
Но, доколку се утврди дека фирмата прави манупулациои само за да им даде помалку на работниците, и ако тоа го фатат државните трудови инспектори, тогаш газдата ќе си плати и казна, и ќе си го исплати и регресот за годишен одмор.
Н.Н.Ф.