Котлар повика Договорите со Грција и Бугарија да се раскинат
Објавено во: Македонија 08 Јуни, 2021
Професорката Наташа Котлар денеска на предупредувачкиот протест, односно блокада во Скопје, која ја организира ВМРО-ДПМНЕ изјави дека со Договорот со Бугарија, соседот го оспорува македонскиот народ и јазик. Вели дека ќе бидеме негирани и асимилирани како народ.
„Со Преспанската спогодба националниот идентитет е засегнат, а со овој договор целосно ќе бидеме по мерка на нашите европски соседи, односно Грција и Бугарија. Дали тоа значи дека ова е Трета Балканска војна и сметам дека треба овие договори да бидат раскинати“, рече таа.
Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ повика Владата да биде транспарентна и да каже што преговара со Бугарија, а премиерот Зоран Заев да не биде трговец поединец. Неговиот сопартиец Тимчо Муцунски рече дека и претходно власта тврдела дека не се преговара за идентитет. Вели дека граѓаните се осиромашени и понижени.
ВМРО-ДПМНЕ од денеска во знак на предупредувачки протест започнува со блокади во Скопје и 10 градови. Блокадите ќе се одржуваат од 15 до 17 часот, а во Скопје во овој период ќе бидат блокирани раскрсниците кај Нова Македонија, ТЦ Мавровка и Собрание.