Добивај вести на Viber
Претседателот на Комората на Северозападна Македонија Мендерес Кучи, во интервју за Радио Слободна Европа, посочува дека динамиката на враќање на долговите од државата кон стопанството не оди онака како што беше ветено.
- Нашите членки не се задоволни од динамиката, не е дека не се плаќа воопшто, туку според динамиката, ако се сеќавате, во излагањето на премиерот имаше и еден краен рок по кој државата воопшто нема да има долг кон стопанството, тој рок се приближува, се споменуваше февруари како датум, но за жал ние не гледаме дека има некои ефекти, затоа што би се чувствувале тие ефекти и во она што денеска важи како беспарица воопшто. Тоа е алка која што е скината и која што сè уште тера кон уште поголема економска криза во земјата, вели Кучи.
Тој ги критикува владините економски политики, дека се еднонасочни, без прифаќање на забелешките од стопанството. Во земјата и меѓу бизнисмените владее страв да ги кажат своите проблеми вели Кучи. Тој го посочи и проблемот на создавање ултимативни барања од власта, било локална или цебтрална.
- И сега ако некој прејудицира дека ти си припадник на една или на друга политичка опција, тогаш него ќе го третираат поинаку или ќе го „рекетираат“. Ние имаме еден соодветен збор за тоа „рекет“, нешто што морам да ти го дадам јас на тебе ако сакам да придобијам некоја работа за која сум способен и која навистина само јас можам најквалитетно да ја работам. Не се доволни само тендерските постапки, туку тука игра и клучна улога и тоа кој каде припаѓа политички. Ние не се соочуваме само со притисоци од централната власт, туку и од локалната власт, на некој начин си го јадеме стапот од сите страни. Затоа велам дека тоа треба прво да се регулира на централно ниво, таквите работи да се елиминираат во целост и на стопанството навистина да се гледа како на партнер, а не како на некој што цело време ќе биде под лупа како непослушен или неспособен или непотребен, изјавува Кучи за Слободна Европа.