Левица бара заеднички непартиски изборни листи
Објавено во: Македонија 21 Септември, 2016
Од Левица бараат истакнување на заеднички непартиски изборни листи, кои би биле составени од истакнати борци против режимот кои не се членови на партии, а антирежимските партии да застанат позади нив, не истакнувајќи сопствени партиски листи.
Според нив, она што останатите антирежимски партии не сакаат или одбиваат да го видат е дека нудењето на гласачите само на една, заедничка листа на сите антирежимски партии, на чело со политичари од СДСМ, ќе демотивира одреден број граѓани да излезат на гласање.
„Токму нивната апстиненција може да го оневозможи поразувањето на режимот. Не смееме да го игнорираме тоа! За надминување на оваа ситуација, Левица ја нуди иницијативата, наместо сите антирежимски партии да излезат со една партиска листа на изборите, тие да поддржат истакнување на заеднички непартиски изборни листи. Тие листи би биле составени од истакнати борци против режимот кои не се членови на партии, а антирежимските партии би застанале обединети позади нив, не истакнувајќи сопствени партиски листи“ - велат од Левица.
Од Левица предлагаат по евентуалната победа на тие листи, да се формира преодна експертска влада која би имала мандат во релативно краток временски период да преземе чекори за демократизација на земјата и да подготви одржување на фер и демократски избори.