Македонците од Торонто помогнаа за повторно печатење на весникот „Илинден“
Македонците во Албанија и дијаспората повторно ќе го имаат во раце весникот „Илинден“.
Објавено во: Македонија 22 Септември, 2016
Eдинствениот печатен весник на македонски јазик во Албанија „Илинден“ почна повторно да излегува со финансиска поддршка од Македонците од Канада.
Повторното печатење на весникот го помогна Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) со седиште во Торонто.
„Новиот број деновиве ќе се најде во рацете на Македонците низ цела Албанија, но ќе се дистрибуира и во дијаспората, секаде каде што живеат Македонци. Свесни сме дека, доколку не беше нивната финансиска поддршка, весникот „Илинден“ веќе ќе беше замрен засекогаш. Сакаме да веруваме дека примерот на ММДЧП ќе биде следен од други македонски организации од целиот свет. Финансиската помош ни дава можност и сила и во иднина достоинствено да ја продолжиме праведната борба за македонската национална кауза“ - вели за МИА Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник на весникот.
Тој наведува дека меѓу Македонците во Торонто наишле на искрени соработници и борци за македонското дело.
Весникот „Илинден“, кој го издава истоименото македонско друштво, првпат беше испечатено како двоброј за март и април, на 8 февруари 2011 година, но поради финансиски проблеми извесен период не се печатеше.
За пет години весникот предизвика голем интерес кај читателската публика во Република Албанија и меѓу македонската дијаспора ширум светот.