02 Мај, 2024
0.0260

Македонската економија си ги јаде своите деца

Објавено во: Економија, Колумни 22 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Веќе неколку години наназад, Македонија е во  топ 10 или топ 15 земји според индексот за мизерија. Се работи за индекс кој ги одразува состојбите со невработеноста, ниските плати и социјални надоместоци, високите каматни стапки, растот на БДП,  стапката на инфлацијата.  Едноставно се мери мизеријата на народот кој живее во дадената  држава. Овој индекс не мери колку е задоволна власта и колку таа смета дека народот треба да биде задоволен. Тоа што е индикативно и што по последното рангирање кое се случи пред десетина дена, а на кое Македонија беше сместена на 13- тото место,  никој од владиниот ешалон, не се осврна со свое видување или коментар. Не дека посебно се изненадив на вакиот молк, но само уште еднаш се потврди тезата дека власта како „ѓавол од темјан“ бега кога треба да се дискутира за рејтинзи  кои ги прикажуваат резултатите од нејзиното работење на макро економски план. И тоа не се случајно, тие веќе одамна не сакаат да дискутираат во сегменот каде за да остварите позитивни резултати ви е потребна вистинска работа, знаење и пожртвуваност, а не само PR решенија кои  се базирани на популистички влечени потези. До утре ќе раскажуваат за тениските игралишта, бесплатните бањски услуги за пензионерите, парковите, и жичарите, но за животниот стандард на населението никаде ги нема. Ги нема затоа што тука нема што да кажат, а и ако кажат нешто, само ќе ги откријат сопствените слабостите во работењето, особено во нерационалното и непродуктивно трошење на буџетските средства. Демек се убивме од економски растови , лидери сме во Европа, а никако не можеме да го намалиме јазот во животниот стандард кој постои меѓу просечниот Македонец и просечниот Европеец. Овие „експерти“ за економски растови никако да обезбедат македонскиот граѓанин  да успее да ја премине   границата од 35-36% од просечниот стандард на Европјаните. Проблемот е што прикаските имаат век до кога може да се раскажуваат односно до кога тие што ве слушаат ќе ви веруваат. Знам дека на власта и‘ е помило   да зборува за проекти кои можат да се бројат и опишуваат, а за економските ефекти од трошењето за такви намени да нема никаде ни збор. Тоа е можно, но не и на долг рок. Еднаш, кога –тогаш, доаѓа денот кога мора да се објасни  зошто земјата е редовно во топ листите на земјите според индексот на мизерија. Неслучајно, дури и најдобронамерните кон власта, се‘ почесто го поставуваат прашањето како е можно  власта да се фали со највисоки стапки на раст во Европа, а платите и другите примања на голем дел од населението не им обезбедуваат подобрување на стандардот. Што станува со ефектите од растот на БДП? Особено, ако притоа се има предвид  и брзиот пораст на долговите на власта, со што се загрозува идната динамика на растот. Одговорот на поставеното прашање е едноставен. Чисто сметање. Економскиот раст без подобрување на стандардот има свое објаснување. Податоците се неумоливи. Порастот на платите заостанува зад порастот на БДП. Од 2010 година наваму , реалниот пораст на БДП секоја година е повисок од порастот на реалната просечна нето плата по вработен. Тоа значи дека вработените создаваат повеќе, а заработуваат помалку, со што се  нарушува пропорцијата на учесниците во распределбата на БДП (работници, држава, капитал). Во време на најпопулистичката влада се одвива процес на сиромашење на вработените. Во периодот 2009-2013 (за кој има податоци) БДП, во тековни цени, растел со  3,9% просечно годишно, а делот за вработените само за 1,4%. Делот за обнова на потрошениот капитал (издвоената амортизација) растел со стапка од  1,7%, а делот на капиталистите со просечна стапка од 8,2%.  Во истовреме државата секоја година својот дел го зголемувала за 3%. Ваквата прераспределба несомнено се одразува врз стандардот на вработените, особено и поради тоа што на намалениот удел на средствата за вработените во БДП (од 36% во 2009 на 32% во 2013) се приклучуваат и нововработените во тој период. Тоа е само додаток за влошување на сиромаштијата.  А нејзе не може да ја прикрие ниту популизмот, ниту спинуваната пропаганда за успесите на власта. Индексот на мизерија покажува дека   популизмот е само лижавче  за да се залажи народот,   дека владата се грижи за него, а всушност, таа остварува  доследна политика на развој на „див“ капитализам, игнорирајќи ги определбите за изградба на социјална држава. Владините првенци веројатно го знаат тоа, но не им оди во прилог на „изборната стратегија“ да се задржуваат на тоа, кога набројувањето на проектите и плановите што ќе ги прават во иднина  им ја обезбедува целта. Затоа не се впуштаат во дебати. Дискусијата за макроекономските теми и проблеми е „ахилова петица“ на власта. Во неа не само што ќе се открие неодржливоста на политиките што ги водат (со кои се удираат во гради како успешни), туку дека тие се и контрапродуктивни на целите  за „грижата кон народот“, бидејќи му се сервисираат трошки на празните трпези и ветувања за „светла“ иднина. Во меѓувреме засилено продолжува пропагандата, дека лидерот со целото битие му е посветен на народот во остварувањето на интересите и дека тоа никој друг не може да го прави подобро од него. Независно од фактите кои се спротивни на таквите тврдења.  Почнувајќи од синоќа со прогласувањето на Ванхауте за турист во Македонија, лидерот го преезеде ризикот дополнително да ги залади односите со меѓународниот фактор.  И покрај укажувањето на меѓународниот фактор и на опозицијата дека не се исполнети условите за предвремени избори тој „добронамерно“ ги отфрла ваквите укажувања и најавува организирање на избори на 24-ти април, и тоа нели , само да му удоволи на народот, затоа што „не сака“ народот да му живее во неизвесност. Тоа што изборите нема да бидат легитимни не го засега лидерот. Како и при влечењето на макроекономските, така и при политичките потези тој трга од концептот, целта ги оправдува средствата, што би значело, по секоја цена мора да се остане на власт и повторно во името на народот да се продолжи со неговото соголување. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

При кумулативен пораст на цените од 61.5 отсто, само премиите за авто осигурување се замрзнати 15 години

Дваесет години не го воведоа еврото и се спасија од рецесија

Дваесет години не го воведоа еврото и се спасија од рецесија

Радикално покачената минимална плата ги зголеми цените на услугите

Радикално покачената минимална плата ги зголеми цените на услугите

Трендафилов: Црвен картон за судот за конфискацијата на работничката зграда

Трендафилов: Црвен картон за судот за конфискацијата на работничката зграда

Роботите го имаат приматот во индустријата, човекот останува неприкосновен во другите дејности

Роботите го имаат приматот во индустријата, човекот останува неприкосновен во другите дејности

Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Еквадор стапи на сила на 1 мај

Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Еквадор стапи на сила на 1 мај

ПЕНЗИИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ: Чешка ја зголемува старосната граница за пензионирање

ПЕНЗИИТЕ СЕ НАМАЛУВААТ: Чешка ја зголемува старосната граница за пензионирање

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ОБЈАВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува јавниот долг?

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ОБЈАВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува јавниот долг?

НЕВРАБОТЕНОСТ: Колку Германци се без работа?

НЕВРАБОТЕНОСТ: Колку Германци се без работа?