Добивај вести на Viber
Во ексклузивно интервју за Фактор управителот на производствениот погон на Џонсон Контролс во Скопје, Макрем Гриби, за прв пат, зборува за поволностите за инвестирање во Македонија, за досегашното искуство на македонскиот пазар, како и за најголемите пречки со кои што се соочуваат странските инвеститори во Македонија. Најстариот кираџија во индустриската зона Бунарџик во декември наполни пет години откако почна со производство во фабриката во Македонија.
Александра Спасевска
ФАКТОР: Џонсон контролс е првата странска компанија која отвори фабрика во технолошки индустриската зона Бунарџик. Какво е вашето досегашно искуство во Македонија?
ГРИБИ: Првата наша инвестиција во технолошки индустриската зона Бунарџик беше во 2007 година во електрична централа каде што се склопуваат печатени табли со електрични кола, кои се интегрираат во инструмент-табли. Тоа што сме лоцирани во Македонија ни овозможува добра синергија со Одделот за електроника лоциран само 200 километри подалеку, во Софија, Бугарија. Задоволни сме од искуството во Скопје.
ФАКТОР: Како еден од најголемите извозници во Македонија, колку произведувате и колку извезувате од фабриката во Бунарџик?
ГРИБИ: Поради комерцијалната природа на нашиот бизнис, не дискутираме за таквите податоци.
ФАКТОР: На кои странски пазари ги извезувате производите на Џонсон контролс?
ГРИБИ: Ги транспортираме склопените печатени табли со електрични кола од нашиот погон за електроника во Скопје до погоните во Германија и во Словачка. Таму тие се интегрираат во инструмент-табли за различни автомобили.
ЗАДОВОЛНИ СМЕ ОД КВАЛИТЕТОТ НА РАБОТНАТА СИЛА
ФАКТОР: Како би ја опишале бизнис-климата во Македонија, споредено со другите држави во Европа? Кои се најголемите пречки и предизвици?
ГРИБИ: Во Македонија има поволна бизнис-клима за компании однадвор. Даночниот пакет којшто го нуди Владата на Република Македонија е поволен. Нашето искуство покажува огромен напредок на полето на даночната регулација. Сепак, ќе ја споменам јавната патна инфраструктура како пречка. Во тој поглед, препорачуваме подобрување на патната инфраструктура и поголема меѓународна поврзаност со летови на Македонија со Европа.
ФАКТОР: Еден од клучните проблеми коишто ги потенцираат странските инвеститори во Македонија се бирократските процедури и недостигот од квалитетна работна сила. Дали вие, како инвеститор, имате такви проблеми?
ГРИБИ: Агенцијата за странски инвестиции и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони се добро поставени во рамките на Владата и имаат задоволително оперативно искуство за да не поддржат со активности кои повлекуваат учество на администрацијата и на други институции.
Со исклучок на специфични области како логистиката, каде што се соочуваме со тешкотии во наоѓањето обучени луѓе, задоволни сме со ситуацијата на пазарот во однос на бројот на високообучени и образовани работници.
ФАКТОР: Дали и како влијае кризата на фабриките на Џонсон контролс во Македонија и дали има намалување на нарачките?
ГРИБИ: Во текот на последните пет години ефектите на економската криза во Македонија се помали во споредба со повеќето држави од регионот и од Европската унија. Во однос на ситуацијата во нашата фабрика во Бунарџик, во моментов нема намалување на нарачките.
ФАКТОР: Што очекувате од 2013 година? Кои се Вашите прогнози за вашето производство и за извозот за наредната година, ако се земе предвид дека се очекува кризата да продолжи и во 2013 година?
ГРИБИ: Сакам да напоменам дека не објавуваме никакви детали или прогнози за производството и извозот поради конкурентноста и затоа што имаме потпишано договори за доверливост со нашите клиенти.
ЗОШТО „ЏОНСОН КОНТРОЛС“ СЕ ОДЛУЧИ ВТОРАТА ФАБРИКА ДА ЈА ГРАДИ ВО ШТИП
ФАКТОР: Годинава почнавте со производство во втората фабрика на Џонсон контролс, во индустриската зона Македонка, а во меѓувреме градите нова фабрика во технолошки индустриската зона во Штип. До каде сте со конструкцијата на вториот производствен погон и колкаво е производството во втората фабрика во моментов?
ГРИБИ: Завршена е основната структура на зградата, следниот чекор е покривната структура и инсталациите. Во моментов траат обуките и пробното производство.
ФАКТОР: Колкаво ќе биде производството на фабриката во индустриската зона во Штип кога ќе профункционира?
ГРИБИ: Ве молам да разберете дека наша практика е да не споделуваме информации за количината на производството.
ФАКТОР: Која е најважната причина поради која ја одбравте Македонија за инвестирање и отворање фабрики?
ГРИБИ: Повеќе фактори влијаеја за да ја одбереме Македонија како место каде што Џонсон контролс ќе инвестира на две локации: технолошки индустриската зона во Скопје и технолошки индустриската зона во Штип. Тука се трошоците за работна рака, владината поддршка, стратешката локација на земјата и предноста што има обучени работници и искусни инженери во регионот.
ФАКТОР: Кои се основните причини поради кои би им ја препорачале Македонија како добра бизнис-дестинација на други странски инвеститори?
ГРИБИ: Можеме да заклучиме дека македонската Влада, Агенцијата за странски инвестиции, Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони се силно посветени и би сакал да им се заблагодарам на нивните вработени за вложените напори. Не се сомневам дека нашето партнерство ќе резултира со извонредни резултати за сите засегнати страни – Џонсон контролс и општините Скопје и Штип.