Манчевски: Градскиот татко се луксузира а нема пари од буџетот за мерки за загадениот воздух
Објавено во: Македонија 29 Октомври, 2015
Од опозициската СДСМ на денешната прес конференција обвинуваат дека во Нацрт буџетот на град Скопје за 2016 и Планот на програми за развој за 2016 – 2018 година нема мерки за намалување на загаденоста на воздухот или за зголемување на безбедноста на сообраќајот.
Од оваа партија посочија дека луксузот и раскошот на градскиот татко му се на прво место наместо потребите на граѓаните.
Манчевски истакна дека во следната година од град Скопје планираат да потрошат 300.000 евра за новата зграда за неговите потреби и нови 7.800.000 евра за барокни фасади.
„Илјадници евра Трајановски планира да потроши и за пристапни улици околу партиското седиште на ДПМНЕ, за плоштади и фонтани и за проекти за барокни фасади, а нема пари за здравјето на граѓаните и мерки за чист воздух“, изјави потпретседател на СДСМ.
Од опозицијата велат дека парите кои надлежните на град Скопје ги издвоиле за енергетска ефикасност, изградба на комунална инфраструктура, расчистување на диви депонии и реконструкции на училишни згради, фискултурни сали и спортиски игралишта се срамни цифри кои покажуваат дека Коце се откажал од Скопје.
Манчевски истакна дека СДСМ не се откажува од главниот град Затоа што Скопје заслужува многу повеќе и многу подобро.