17 Декември, 2025
0.0573

Марко Костовски – Потребни се итни мерки за подобрување на статусот на младите лекари

Објавено во: Македонија 12 Мај, 2018 08:26

Добивај вести на Viber

Вработувањето на младите доктори потребно е да биде еден континуиран процес кој ќе биде урамнотежен и врз основа на  реалните потреби. Покачувањето на надоместокот за дежурствата, исплаќањето на причен надоместок за приватните специјализанти, нешто што досега никогаш не беше забележано како реален проблем на македонското здравство, се само дел од работите кои ќе го подигнат задоволството на докторите, а со тоа и нивото на медицината во Македонија. Итното вработување на млади доктори на различни места во здравствениот систем е од огромна важност во моментов. Се разбира, кога еден доктор по завршувањето на студиите веднаш би се вработил согласно компетенциите и постигањата, би имал достоинствен статус во општеството, би имал материјален статус кој му доликува и би живеел во сигурна држава како во политички така и во економски смисол, не би имал причина да ја напушти својата татковина, вели за Фактор,  Марко Костовски, доктор-приватен специјализант по медицинска микробиологија со паразитологија и докторанд на базична медицина. Заедно со неговите колеги побараа еднаков третман и регулиран статус кој ќе обезбеди квалитет, знаење и стручност.

Фактор:Побаравте дефиниран работен статус и еднаков третман за сите приватни специјализанти. Од друга страна ресорниот министер рече дека во јуни ќе ја добиете мајската плата. Дали верувате на ветеното?

Д-р Костовски:Побаравме еднаков третман на приватните специјализанти од јануарскиот конкурс во 2018 со колегите кои се запишале на приватна специјализација пред 2018 година се до изнаоѓање на конечно долгорочно решение за решавање на статусот на приватните специјализанти. Ова подразбира паричен надоместок за остварената работа на институтите и клиниките во висина од 26.000 денари. Секако дека ова не е конечното решение, а во тоа сме сложни сите, вклучително и Министерството за здравство. Веќе во следниот период планираме да изнајдеме заедничко конструктивно решение кое трајно ќе ги реши проблемите на приватните специјализанти. Тоа подразбира изнаоѓање на прецизно решение за трајно вработување на овие доктори во институциите каде има дефицит од таков кадар на територијата на целата наша држава. Ова се чини како добро идејно решение со кое засекогаш би се решило ова прашање. Благодарни сме на Министерот за тоа што вети дека ќе обезбеди средства за исплата на сите приватни специјализанти во овој момент. Секако дека веруваме на ветеното, бидејќи Министерот е човек од нашата фела, човек кој навремено го согледа проблемот и за тоа денеска најде ефикасно и правично решение. Веруваме во ова ветување поради професионалниот однос кој тој го има кон нас, како и поради постоењето на позитивна клима за разрешување на проблемот со приватните специјализанти воопшто. Досега, ова е првиот министер кој се ангажираше да обезбеди паричен надоместок за сите приватни специјализанти, и согласно неговата последна изјава, тој тоа навистина планира да го направи. Така што, веруваме во тоа дека во јуни ќе започенеме ја добиеме нашата прва плата како приватни специјализанти.

Фактор:Кои се разликите кои ја прават подвоеноста во фелата?

Д-р Костовски:Жално е што помеѓу докторите постои партиска поделеност. Тоа е она што дефинитивно не треба да постои во фелата на докторите. Сметам дека влијанието на партиите треба трајно да се искорени од македонското здравство. Треба да се разбере дека политиката во здравството не води кон позитивни промени.

Фактор:Во какви услови работат младите лекари, за колкави плати?

Д-р Костовски:Условите во кои работат младите лекари во моментот зависат од институцијата каде што специјализантот специјализира. Постојат болници и институции кои се од неодамна реновирани, а условите за работење во нив се навистина пристојни. Сепак, се уште постојат болници на кои им треба сериозна реконструкција. Се надеваме дека со проектот за новиот клинички центар многу од овие работи ќе се променат. Често се случува пациентите да бидат незадоволни од условите во болниците, па затоа и не ретко знаат да се пожалат од докторите, а всушност се жалат од условите. Понекогаш е тешко да се објасни дека докторите не се виновни за тоа, туку тоа е така поради таквото функционирање на здравствениот систем. Овие услови за пациентите се неприфатливи, и покрај тоа што поминуваат многу малку време во болниците во споредба со докторите кои секојдневно работат тие услови. Работењето во недостоинствени услови во некои од здравствените установи, како и недостигот на материјали и апаратура секако дека ги ограничува и можностите кои докторот може навремено да ги превземе за целосен и сеопфатен преглед на пациентите. Ваквата состојба истовремено ги ограничува докторите во научноистражувачката работа која е значајна за кариерниот развој на докторите, но и за развојот на медицината воопшто.

Прашањето за платите за сите доктори, воопшто, е секогаш дискутабилно, но, треба да бидеме свесни за целокупната состојба во која се наоѓа државата. Сепак, благодарни сме што во последно време од Министерството се прават огромни напори за подигнување на општественото ниво на докторите во нашата земја.  Покачувањето на надоместокот за дежурствата, исплаќањето на причен надоместок за приватните специјализанти, нешто што досега никогаш не беше забележано како реален проблем на македонското здравство, се само дел од работите кои ќе го подигнат задоволството на докторите, а со тоа и нивото на медицината во Македонија.

Фактор:Медицината е комплексна наука,бара многу посветеност и време. Дополнителен проблем секако се и трошоците. Од друга страна, добриот глас за еден доктор не доаѓа лесно, бара долгогодишно посветено работење со задоволни и здрави пациенти.Што е потребно за да се постигне тоа?

Д-р Костовски:За да се стане дипломиран доктор на медицина најпрво потребно е да се завршат студиите по медицина кои траат долги шест години. Ова е навистина голем период за време на кој, студентот ја учи медицината од различни перспективи и се здобива со многу клинички вештини. Тоа е високо стресен период од животот на еден доктор, исполнет со огромен фонд на теоретски и практични часови, како и огромен број на колоквиуми. На студиите на медицина има вкупно 70 предмети, и најмалку тројно повеќе колоквиуми (повеќе од 200 полагања). Мислам дека бројките кажуваат за тоа колку стресни и напорни се студиите по медицина. Социјалниот живот на еден просечен студент по медицина, особено во првите години од студирањето, е навистина сведен на минимум. Веќе во подоцнежните години од студирањето, студентот се навикнува и полесно се справува со тековните работи. Потоа следува државниот испит кој чини околу 30.000 денари, испит кој е неопходен за стекнувањето на лиценца. Со оваа лиценца докторот добива дозвола за работа со пациенти. По добивањето на лиценца, докторот може да одлучи да работи како доктор на општа медицина или да отпочне специјализација. Засега постојат два типа на специјализација, едната државна (институцијата исплака плата на докторот специјализант и таа ги плака трошоците за специјализација)  и другата приватна специјализација (докторот сам ги плака трошоците за специјализација и најчесто е невработен- отсега спред изјавата на министерот ќе добива плата).  Доколку докторот успее да се вработи во одредена  државна здравствена установа, тој потоа може да продолжи како државен специјализант. Во таа насока, докоторот би ја добил онаа специјализација за која институцијата во тој момент има потреба. Државен специјализант подразбира дека докторот за време на специјализацијата е ослободен од работните обврски во институцијата во која е вработен поради тоа што за целото свое време тој работи во друга установа која е акредитирана за обавување на специјализација. За овој период специјализантот зема плата и има платени придонеси и на специјализантот му се калкулира работниот стаж. Досега, согласно законот, по завршувањето на специјализацијата, докторот е должен да одработи одреден период за таа институција и тоа во просек од околу 5 или 10 години. Моменталните договори за државна специјализација се многу ограничувачки и уценувачко-строги и неприфатливи, па затоа се работи на подобрување на условите со промена на законот на здравствена заштита, каде ке се регулираат овие договори. Нашата цел, но и цел на Министерството за здравство е брза промена на ваквите обврзувачки договори. Од друга страна, доколку специјализантот не успее да се вработи во некоја државна здравствена институција, тој може да одлучи приватно да специјализира. Областа на специјализација не е во зависност на потребите на ниту една институција, туку е во зависност од неговите желби и афинитети, но секако и од конкуренцијата во тој момент за посакуваната специјализација. Со новото планирано долгорочно решение, предложено од Министерството за здравство, се планира разрешување на ова прашање со приватните специјализанти преку нивно вработување во институции кои имаат дефицит на доктори од одредена специјалност потребна за таа институција. По отпочнувањето на специјализантскиот стаж, приватниот специјализант продолжува да ги остврува сите обврски како и државните специјализанти, но притоа, за тоа не добива никаков паричен надоместок, нема платени придонеси односно здравствено, пензиско и инвалидско осигурување, ниту пак се евидентираат годините поминати на приватна специјализација во активен работен стаж. Тоа претставува навистина голем проблем за една личност. Во овој период голем дел од колегите основаат семејства, започнуваат одвоен живот, а за тоа немаат никакви финансиски средства. Дополнително оптеретување е чинењето на една приватна специјализација. Една специјализација трае помеѓу 4 и 6 години, а во зависнот од тоа дали се работи за не-хируршка или хируршка гранка на специјализација, трошоците за истата се некаде помеѓу 8.000 и 13.600 евра. Со вакво едно финансиско и психичко оптеретување, докторите-приватни специјализанти секојдневно се соочуваат.  Дополнително, во овој период приватниот специјализант е потребно да поминува и обуки во странство, да посетува најразлични семинари и конференции од областа, за што сноси дополнителни трошоци кои не се мали и за целиот период чинат повеке илјади евра (превоз сместување, исхрана, стручна литература), се со цел успешна едукација во доменот на одбраната специјализација. Затоа, од огромна важност за секој доктор беше и е надминување на овој навистина голем и значаен проблем. Затоа, сметаме дека ваквото моментално решение на Министерството за здравство претставува круцијален потег и значаен исчекор во дефинитивното решавање на финансиската ситуација на стотици доктори. Ваквата одлука претставува мерка преку која се покажува волјата на државата да ги задржи младите доктори во својата татковина, и за тоа сме навистина многу благодарни. По завршувањето на приватната специјализација, специјалистот кој има помеѓу 30 или 32 години, може да почне да бара работа во некоја државна или приватна здравствена институција. Дури по вработувањето, ќе почне да добива плата со платени придонеси, и ќе му се евидентира работниот стаж. Следствено на ова, согласно критериумот за пензионирање, а тоа е околу 40 години работен стаж за, специјалистот кој приватно специјализирал нема да може во целост да го одработи бидејки според тоа ке треба да работи и да се пензионира најмалку на 70 години. Понатаму, специјалистот е должен континуирано да се едуцира и да биде во тек со современите медицински сознанија и вештини, кои ќе му овомзожат квалитетно знаење и надоградување на способностите од специјалноста, со цел давање високостручна здравствена услуга и препознатливост помеѓу пациентите. Посветеноста, упорноста, хуманоста, континуираното усовршување во областа како и посветеноста кон секој пациент се императивот кој го води докторот до сигурна успешност.

Фактор:Какви се споредбените искуства со Вашите колеги надвор?

Д-р Костовски:Од нашите досегашни сознанија, принципот на специјализирање и во развиените западни земји е многу сличен како и нашиот. Всушност, нашите програми се правени врз основа на програмите за специјализација во западниот свет. Секако дека има простор за подобрување на условите во кои специјализираме, но и потреба за дополнително мотивирање на кадарот задолжен за обука и едукација на специјализантите. Единствена разлика е тоа што таму не постојат приватни специјализации. Секој вложен труд на докторите е соодветно вреднуван. Вреднуван е дури и трудот на студентите во последната година од медицинските студии. Според она што засега можеме да го видиме, на добар пат сме да ги следиме овие концепти и правилно да ги имплементираме во нашата земја.

Фактор:Последниве десетина години се случува масовен егзодус на високо образовани кадри,а особено изразено кај лекарите и медицинскиот персонал. На што се должи оваа пракса и како да се надминат ваквите состојби?

Заминувањето на докторите во моментов се должи на повеќе работи. Најпрво, нема доволно вработувања во државните институции ширум државата. Од една страна има недостиг на доктори, а од друга страна нема вработувања. Платите се далеку од пристојни особено во областа на примарната здравствена заштита. Познавам колеги кои во минатото работеа за 12.000 денари кај матични доктори со крајно нефер обврзувачки договори и некоректно однесување од страна на сопствениците и  претставуваше класична девалвација на вложениот труд. Исто така, во последниве години на студиите по медицина се запишуваат повеќе од 350 студенти само на Медицинскиот факултет во Скопје на годишно ниво, а тоа доведува до хиперпродукција на кадар кој потоа тешко да има каде да се вработи. Важно е и одржувањето на критериумот на факултетот на високо ниво, за да не се дозволи хиперпродукција на неквалитетни доктори и девалвација на фелата. Високата стапка на продукција на доктори води до зголемување на бројот на невработени доктори, но води и до намалувањето на квалитетот на здравствената услуга која тие доктори можат да ја пружаат. Ваквото зголемување на бројот на докотри треба да биде во согласност со потребите, а и со условите во кои се одржува наставата и едукацијата. Многу важен момент е и можноста што оваа држава ја дава за прогрес на медицинската наука. Затоа осовременувањето на лабораториите, особено оние на факултетот, како највисока високообразовна установа, би ги зголемило можностите за научноистражувачка дејност на младите доктори во државата, но и за нивно етаблирање надвор од државата. Исто така, државата треба да се погрижи да обезбеди сигурност, и да води доволно грижа за дигнитетот на докторите. Постојаното менување на законите и носењето на недоволно квалитетни закони, и усогласувањето со нив е измачувачки и макотрпен процес. Во овие закони критериумите за напредок во работењето постојано се менуваат и создаваат континуирана фрустрација кај докторите. Поради тоа, важно е изготвување на добро осмислени  и квалитетни закони кои ќе гарантираат сеопфатност, сигурност и стабилност и со тоа  докторите  нема да зависат од влијанието на политиката во моментот. Постојаното нивно менување, доведува до правна несигурност и неизвесност, како и до дополнително оптоварување и стрес, надвор од рутинската дејноста на докторите која по правило е стресна. Вработувањето на младите доктори потребно е да биде еден континуиран процес кој ќе биде урамнотежен и врз основа на  реалните потреби. Би било одлично, доколку за секое испразнето место би се барал најсоодветен кандидат кој би можел во најскоро време да го замени. Институтите и клиниките, но и другите здравствени институции се доведуваат во состојба од дефицит од вработени доктори, иако постојат голем број на невработени кои чекаат работа. Овој дисбаланс, каде на невработените не им се нудат очигледните слободни места во здравствениот систем, и се чекаат некакви нови закони за подобро регулирање на професијата и дејноста, доведува до агонија кај докторите и ги принудува да заминат во земји каде ќе бидат вистински ценети и каде ваков проблем реално не може да се дозволи да се случи. Постојат институции во државата каде средната возраст на вработените е повеќе од 60 години старост. Итното вработување на млади доктори на различни места во здравствениот систем е од огромна важност во моментов. Се разбира, кога еден доктор по завршувањето на студиите веднаш би се вработил согласно компетенциите и постигањата, би имал достоинствен статус во општеството, би имал материјален статус кој му доликува и би живеел во сигурна држава како во политички така и во економски смисол, не би имал причина да ја напушти својата татковина.


Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Љупчо Коцевски поднесе неотповиклива оставка

СДСМ избра нови потпретседатели

СДСМ избра нови потпретседатели

Агелер: Без разлика дали има пристапни преговори патоказот постои, сакаме да видиме повеќе напредок на тој план

Агелер: Без разлика дали има пристапни преговори патоказот постои, сакаме да видиме повеќе напредок на тој план

МВР отвора шалтер за „Безбеден град“ - граѓаните ќе можат да ги ажурираат контакт-податоците

МВР отвора шалтер за „Безбеден град“ - граѓаните ќе можат да ги ажурираат контакт-податоците

Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет

Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет

ФОТО: Надградба наѕира на кровот на МНР

ФОТО: Надградба наѕира на кровот на МНР

Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето

Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето

Нема да има огномет од Град Скопје за Нова година?

Нема да има огномет од Град Скопје за Нова година?

Собранието го констатираше престанокот на функцијата на обвинителот Коцевски

Собранието го констатираше престанокот на функцијата на обвинителот Коцевски