МЕРКЕЛ СЕ ПРОСТУВА СО БАЛКАНСКИТЕ ЛИДЕРИ: Прошталната средба денес во Тирана
Објавено во: Македонија 14 Септември, 2021
Германската канцеларка Ангела Меркел е во посета на Балканот, а по посетата на Србија, денеска ќе престојува во Албанија, каде што ќе одржи состанок со лидерите на земјите од регионот.
Меркел ќе ја продолжи посетата на Западен Балкан во Тирана, каде што во текот на денот ќе има билатерална средба со албанскиот премиер Еди Рама, со кого ќе разговара и за билатерални и економски прашања, како и за пристапот на земјата кон Европската унија.
Меркел ќе се сретне со лидерите од Западен Балкан како дел од Берлинскиот процес, кој започна со цели како што е олеснување на регионалната соработка помеѓу шесте земји од Западен Балкан со визија да помогне во исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ.
После тоа, канцеларката ќе присуствува на ручек со премиерите на сите земји од Западен Балкан, на кој главна тема ќе биде регионалната соработка, по што ќе следи прес -конференција.
Пред да се врати во Берлин, Меркел ќе оствари билатерални средби со шефовите на владите на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Косово.
Од Македонија премиерот Зоран Заев ќе учествува на состанокот и работниот ручек на лидерите на Западен Балкан со канцеларката Меркел во Тирана.
Ангела Меркел ќе ја напушти политиката по 16 години канцелар, подоцна овој месец.
Тројцата водечки кандидати за наследник на германската канцеларка се Армин Лашет, кандидатот на конзервативниот блок ЦДУ / ЦСУ на кој припаѓа и актуелниот канцелар, Олаф Шолц, кандидатот на социјалдемократите (СПД, лево-центар) и Аналена Баербок од Зелените.
Ангела Меркел во проштална посета на Западен Балкан: