МИЦКОСКИ: Ако има желба од ЕУ да сме дел од европското семејство, тогаш има и начин, повеќе ултиматуми не прифаќам
Објавено во: Македонија 20 Септември, 2024
Мислам дека имавме корисна посета во Брисел, многу од работите, нашите соговорници за првпат ги слушнаа, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Жалам што изминативе седум години освен свитката кичма, коленичење, друго не биле во можност да слушнат ниту да видат од претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ, но ние таму отидовме подготвени со сериозни аргументи и факти. Имавме добар корисен и содржаен ручек којшто го приреди старо-новата претседателка на Европската комисија Урсула дон дер Лајен заедно со останатите лидери на регионот на Западен Балкан. Потоа имавме состанок со претседателот на Европскиот совет господинот Шарл Мишел, потоа имавме состанок и со сѐ уште актуелниот еврокомесар за проширување и соседска политика исто така со генералниот директор на Директоратот за преговори и соседство господинот Герт Јан Компан. Можам да кажам дека со соговорниците се согласивме дека иднината на Македонија како држава е во рамките на европското семејство. Се согласивме дека и како држава и како граѓани направивме многу т.е. да бидам попрецизен како ниту еден народ и како ниту една држава што тоа го направила во процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија. Повеќе од две и половина децении бевме во некакви групи и секогаш од нас се бараше нешто коешто е резултат на билатерални спорови, а не копенхагенски критериуми и нешто што се темели на исполнување на цели и политики, туку тоа повеќе беа национални отстапки. Еден од соговорниците на ручекот кажа, а тоа беше еден од лидерите од земјите од Западен Балкан дека е потребно да се жртвуваме. Јас би рекол дека тоа што го направија македонските граѓани и Македонија не е жртва, ние направивме многу жртви, туку е понижување, тоа што ни се случуваше изминативе две и пол децении. За жал, некој под жртва подразбираат ако сменат закон или два. За нас жртва претставуваше промена на национални симболи, идентитетски обележја, нешто коешто за жал корумпираните политички елити во минатото, не можејќи да се носат со фактите и аргументите го правеа додека го ограбуваа сопствениот народ и не им беше срам да го понижуваат. Од голтари влегуваа во политиката, милионери излегуваа и тоа е нешто коешто оваа генерација во оваа македонска Влада има за задача да го исправи“, вели премиерот.
Потсетува дека на почетокот на овој милениум бевме во група со Романија и Бугарија, за да излеземе од таа група, па потоа бевме во група со Хрватска, за да излеземе од таа група, па потоа со Србите и Црна Гора, за да и таа група е пред нас, па со Албанија, па сега и Албанија ќе биде пред нас.
Премиерот истакна, додека тој е на чело на македонската Влада нема да прифати ултиматуми за нашата држава да стане дел од европското семејство.
Рече дека не смееме повеќе со двојни стандарди да водиме политика.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.