Миќиќ Божиновска: Повратот на ДДВ е повеќе популистичка отколку мерка за враќање на парите
Објавено во: Економија 20 Јуни, 2019
Најавената мерка за поврат на данокот на додадена вредност е повеќе популистичка отколку мерка со која евентуално ќе се постигне целта - намалување на сивата економија и враќање на парите на граѓаните, вели за Фактор Весна Миќиќ Божиновска, главен и одговорен уредник на весникот Вечер. Тврди оти трговците секогаш, па и во овој случај ќе најдат дупка во законот; и ќе продолжат да работат за свој профит, а од новата мерка најголем ќар сепак ќе имаат најбогатите. Миќиќ Божиновска затоа, вели, „Кој има, тој ќе троши, кој троши тој и ќе добива.
Според неа, од најавената мерка, која стапува во сила од 1 јули годинава треба да добиваат и граѓаните и државата, а вршителите на дејност се очекува да го намалат обидот за неиздавање фискални и со тоа одбегнување на плаќањето на данокот на државата. Сепак го поставува прашањето колку овие очекувања може да се реални.
„Намалување на сивата економија и даночната евазија како една од целите на оваа мерка може многу лесно да остане само на хартија, доколку државата нe преземе мерки за поголема контрола на фискализацијата со посебен акцент на делови од Македонија и Скопје каде што важат „други закони" . Прашањето што се наметнува е колку граѓаните навистина, ќе се занимаваат со тоа да ја скенираат секоја фискална сметка? Можеби подобро ќе беше државата да го намалеше данокот на производите за широка потрошувачка и со тоа повеќе пари би останувале кај тие за кои оваа мерка е наменета, вели Миќиќ Божиновска.
Остава простор секако времето во наредните месеци да покаже колку предвидената мерка ја „спасила" државата од сивата економија, и колку граѓаните навистина се побогати откако на нивните сметки на крајот на годинава ќе легнат 15 проценти на име на поврат на ДДВ.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.