Добивај вести на Viber
Министерството за економија реагираше со дополнителни појаснувања во однос на текстот кој денеска го објави Фактор „Министерството за економија под ревизиска лупа – малите хидроцентрали добија големи критики“.
Реакцијата на Министерството Ви ја пренесуваме во целост:
„Во текстот објавен на вашиот ценет портал „Фактор“ под наслов „Министерството за економија под ревизиска лупа – малите хидроцентрали добија големи критики“, изнесувате лични констатации и не до крај ја изнесувате фактичката ситуација за која се однесува извештајот.
Имено, во интерес на правилно и точно информирање на јавноста сакаме да појасниме дека станува збор за нацрт извештај на Државниот завод за ревизија врз основа на извршена ревизија на успешност на ефикасност во вршење на работите и услугите од доделените концесии за вода за изградба на мали хидролектрични централи за производство на електрична енергија во Република Македонија, во кој е опфатен периодот од 2007 до 2012 година.
Овие договори се прв тип на договори за концесија за доделување на вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи во Република Македонија.
Постапките се спроведени врз основа на постоечка Студија за можни мини и мали хидроелектрични централи во Република Македонија и врз основа на дополнителни хидролошки мерења изведени од страна на УХМР, како и обезбедени податоци од Катастар за сопственоста на земјиштето и податоци за приклучокот на малите хидроелектрични централи добиени од ЕВН Македонија.
Оттука делумно констатациите што се состојат во Ревизорскиот извештај се веќе надминати. Така, веќе во тендер коj е реализиран во 2012 година е тргната одредбата која постоеше во претходните тендери спроведени во периодот од 2009-2011 година, а со која се предвидува инвеститорите да обезбедат дозвола за градба во рок од една година, со што е направено законско усогласување и олеснување за инвеститорите во однос на процедурата.
Исто така, во интерес на правилното информирање сакаме да потенцираме дека препораките што се дел од овој извештај се веќе имплементирани и новиот тендер кои што беше реализиран во текот на 2012 година веќе е реализиран со прочистена процедура согласно препораките на Државниот завод за ревизија. Истите се јавно достапни. Така на пример, препораката за формирање на Јавен регистар за договори од Јавно приватно партнерство е веќе имплементирана од страна на Министерството за економија и тој е јавно достапен на нашата интернет страница. Истовремено, препораките за процедурите што се под ингеренции на повеќе државни институции ги спроведува Владата на Р. Македонија и тоа го констатира и извештајот. Повеќето од нив се веќе имплементирани
. Во прилог на тоа е и аргументот дека во тек е физибилити студија за новиот тендер за доделување на концесии за 85 локации со која дополнително треба да ги усогласат процедурите и да ги отстрани можностите за недоследности.
Од Извештајот за ревизија на успешност на ефикасност во вршење на работите и услугите од доделените концесии за вода за изградба на мали хидролектрични централи за производство на електрична енергија во Република Македонија, во кој е опфатен периодот од 2007 до 2012 година, произлегува дека Комисијата за надзор ја следела реализацијата на проектите и врз основа на аналитички приод предлагала решенија за надминување на отворените прашања и забрзување на постапките за изградба на овие проекти.
Министерството за економија, иако согласно постојната законска регулатива не е надлежно за издавање на документи во постапката за добивање на одобрение за градба, како и решавање на дел од отворените прашања, активно соработуваше со надлежните институции и континуирано предлагаше соодветни решенија за надминување на отворените прашања што е наведено и во нацрт ревизорскиот извештај, и како резултат на тоа најголемиот дел од тие прашања се разрешија и во досегашниот период изградени се вкупно 16 мали хидроелектрични централи со инвестиција од околу 20 милиони евра.
Во моментот во фаза на изградба се уште 14 мали хидроелектрични централи од кои дел ќе бидат готови до крајот на годината, додека останатиот дел на почеток на наредната година.
Сумарно во текот на 2014 година во Република Македонија ќе има изградено околу 30 мали хидроелектрични централи, додека согласно динамиката во Договорите за концесија до 2015 година треба да се изградат и останатите мали хидроелектрични централи за кои се потпишани Договори за концесија.
Согласно препораките, Министерството за економија продолжува со вршење на надзор на процесот на реализација и изградба на малите хидроцентрали и во делот на надлежностите што се под ингеренции на други институции, за да може навремено да алармира за евентуални недоследности.
Имајќи предвид дека станува збор за инвестиции кои за првпат се реализираат во Република Македонија, а кои се комплексни и опфаќаат повеќе регулативи од различни области, Министерството за економија во континуитет е во дијалог си сите релевантни институции и засегнати страни со една единствена цел да ја олесни реализацијата на проекти во оваа област и да поттикне брзо менување на одредени процедури доколку има реална потреба од тоа“, се вели во реакцијата на Министерството за економија.