17 Декември, 2025
0.2687

Министерството за економија под ревизиска лупа – малите хидроцентрали добија големи критики!

Објавено во: Економија 30 Август, 2013 09:01

Добивај вести на Viber

Досегашните 70 концесии за вода за производство на струја од мали хидроцентрали чинат 108 милиони евра. Од Министерството за економија за Фактор велат дека се во постојана координација и комуникација со концесионерите за да се забрза изградбата на малите хидроцентрали, но не објаснуваат зошто до сега дозволиле да се случат пропустите кои ги наведува ревизијата. Државните ревизори критикуваат дека дел од малите хидроцентрали се пуштени во употреба без концесионерите да извршат технички преглед на опремата пред пуштање во употреба, врз основа на добиено решение од Државниот инспекторатот за техничка инспекција. Досегашните 70 концесии за вода за изградба на мали хидроцентрали за производство на струја се  реализирале без изработена Студија за концесиски проект и без проценета максимална вредност на концесијата од страна на Министерството за економија, тврдат државните ревизори во својот последен извештај за работата на Министерството за економија. Ревизорите констатираат и низа други слабости во работата на ова Министерството во делот на давањето на концесии за вода за производство на електрична енергија. 70 мали хидроцентрали = 108 милиони евра! Зошто се заобиколуваат процедурите?! За ревизорите ова е дотолку пострашно ако се земе предвид дека овие 70 доделени концесии за вода за производство на струја од мали хидроцентрали чинат 108 милиони евра.
“Постои поголем застој во отпочнувањето со изградба на објектите во рок од една година од датумот на потпишување на договорите. Концесионерите најчесто не успеваат да ги обезбедат сите потребни согласности и дозволи за добивање на одобрение за градба, а со тоа  и да отпочнат со градежни работи на локацијата во предвидениот рок и на исполнувањето на обврската од договорите изградбата на објектите да заврши во рок од 3 години. Концесионерите при решавање на имотно правните односи се соочуваат со големи проблеми посебно во делот на располагањето со податоци за сопственоста на земјиштето или со нерешени имотно правни односи што доведуваат до поголем застој во нивното решавање. Сето ова се рефлектира на рокот на добивање на одобрението за градба, започнување на градбата како и рокот на изградба на малите хидроелектрични централи“, констатираат од Државниот завод за ревизија и апелираат на поголема одговорност за спроведување на нивните препораки.
Вперениот ревизорски прст кон Министерството за економија не ги вознемири надлежните. Од Министерството за економија за Фактор велат дека Министерството е во постојана координација и комуникација со концесионерите за да се забрза изградбата на малите хидроцентрали, но не објаснуваат зошто до сега дозволиле да се случат овие пропусти и како ќе ги спречат во иднина.
“Министерството за економија врз основа на спроведени пет постапки за доделување на концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи, по претходно овластување од Владата потпиша вкупно 70 Договори за концесија за вода. Од тие, четири договори се раскинати поради неисполнување на обврските од Договорите и за истите наплатени се Гаранциите за изведба. Концесијата за вода е доделена врз основа на Студијата за можни мали хидроцентрали во Република Македонија. Како дел од тендерската документација во постапките на компаниите им беа расположиви податоците за сопственоста на земјиштето, хидролошки податоци, како и сите останати податоци кои се релевантни за изработка на понудите. Согласно Договорите за концесија, доколку се појави застој во издавањето на потребните документи кој не е по вина на Концесионерот, Концедентот одобрува пролонгирање на роковите кој се обврска од Договорот за концесија“, велат за Фактор од Министерството.
Додаваат и дека заклучно со август годинава изградени се вкупно 16 мали хидроцентрали, додека 14 се во фаза на градба и ќе бидат готови или кон крајот на годинава или во прва половина од 2014 година. Мали хидроцентрали - големи проблеми! Бизнисот со мали хидроелектрани во Македонија воопшто не е лесен. Инвеститорите се оптоварени со бројни и сложени административни процедури. Дека изградбата на мала хидроелектрана не е воопшто лесна и едноставна работа покажува и фактот што секоја мала хидроелектрана е проект сам за себе, за разлика од другите обновливи извори. Не постојат две идентични мали хидроелектрани. Сите се разликуваат по местото каде што се градат, по количеството вода што го зафаќаат, по видот на турбината, по падот на водата...
“Кога се зборува за малите хидроелектрани, едно треба да биде јасно - кај нив само зборот “мали“ е мал. Сè друго е големо. Од големата процедура додека да протече струјата, до големите средства кои треба да се вложат во еден ваков проект. Пред околу пет години во државава се создаде еуфорија дека мала хидроелектрана е нешто што се прави брзо и лесно, како да се купува од продавница и се монтира на река и веднаш почнува да произведува струја. Тоа вопшто не е така и сложената процедура е една од главните причини зошто до денеска малите хидроелектрани не се масовно изградени. Ниту инвестицијата за мала хидроелектрана е мала - инвестицијата во еден мегават чини околу два милиони евра. Познавачите на оваа област велат дека за целиот проект да заврши добро и навреме мора сите коцки да се наместат, а за тоа не треба среќа, туку знаење, долги подготовки, напорна работа, трпение и многу пари“, смета еден од малкуте инвеститори во мали хидроцентрали во Македонија.
Искуството на дел од инвеститорите во оваа област е доказ дека инвеститорите можат сами да си го искомплицираат целиот проект, затоа што почнуваат со обезбедување дозволи и документи уште пред да направат проект. Експропријацијата на земјиштето, аплицирањето за градежното земјиште, изградбата на пристапните патишта следуваат дури откако инвеститорот, технички, ќе го има нацрт-проектот како треба да изгледа електраната - од тоа каде ќе се наоѓа електраната до тоа каде ќе поминува цевководот, машинската зграда... K.П

Можеби ќе ве интересира

„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега

„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега

КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години

КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години

Кончар потпиша договор со позната американска компанија

Кончар потпиша договор со позната американска компанија

Откриено што ја чека германската економија

Откриено што ја чека германската економија

ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар

ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар

Најскапиот град во светот за излегување е во Азија

Најскапиот град во светот за излегување е во Азија

Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас

Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас

Каде во Србија пензионерите најчесто купуваат недвижнини?

Каде во Србија пензионерите најчесто купуваат недвижнини?

Објавен e план за решавање на кризата со домувањето во Европа: Ќе бидат потребни два милиони станови годишно

Објавен e план за решавање на кризата со домувањето во Европа: Ќе бидат потребни два милиони станови годишно