МНР ЗА МАСАКРОТ ВО ЦЕТИЊЕ: Длабоко сме шокирани и тажни од трагичните настани, нашите мисли се во вас
Објавено во: Македонија 02 Јануари, 2025
Македонските власти изразија сочувство за трагедијата која вчера ја потресе Црна Гора. Министерството за надворешни работи(МНР) упати сочувство по масакрот во Цетиње.
„Длабоко сме шокирани и тажни од трагичните настани во Цетиње, Црна Гора. Солидарни сме со семејствата на жртвите и со народот на Црна Гора во ова тешко време. Нашите мисли се со вас“, велат од МНР.
Во масакрот се убиени 12 луѓе, а меѓу жртвите има и две деца на возраст од 10 и 13 години. Четири лица се во болница, од кои едно е во многу критична состојба. Во Црна Гора е прогласена тридневна жалост, а откажани се голем број настани.
На утрешната вонредна седница на Советот за национална безбедност ќе бидат предложени низа мерки за заштита на граѓаните, соопшти Владата на Црна Гора.
„Ќе се разгледа и сегашното ниво на имплементација на законските одредби, со посебен акцент на неопходноста од донесување нов Закон за оружје. Со оваа регулатива се планираат поригорозни контроли и построги услови за издавање дозволи за чување и носење кратко огнено оружје. Советот ќе се фокусира на клучните предизвици во откривањето и заплената на нелегалното оружје и ќе предложи низа мерки насочени кон борба против криминалот и заштита на граѓаните. На дневен ред ќе биде и иницијатива за спроведување итни активности во сите градови на Црна Гора заради откривање и заплена на нелегално оружје, како и распишување јавен конкурс за регрутирање на нови полициски службеници со цел зајакнување на капацитетите на безбедносните институции“, соопштија од Владата.
Од Владата најавија дека ќе се разгледа и досегашното ниво на имплементација на законските одредби, со посебен акцент на неопходноста од донесување нов Закон за оружје. Со таа регулатива, појаснија, се планираат поригорозни контроли и построги услови за издавање дозволи за чување и носење кратко огнено оружје.