Добивај вести на Viber
Лутите ривали на меѓународната политичка сцена - Вашингтон и Техеран, за првпат покажуваат слични ставови за едно прашање - кризата во Ирак.
Пентагон демантира дека веќе е во тек координација со иранската војска, но американскиот државен секретар Џон Кери во интервју за Јаху Њус потврдува оти САД би можеле да соработуваат со Иран за да се спречи натамошниот продор на исламските терористи во Ирак.
„Да видиме што Иран би бил подготвен, а што не би бил подготвен да стори пред да правиме некои објави“, сепак воздржано рече Кери, но додаде и дека „не би исклучил ниту една варијанта која би била конструктивна во обезбедувањето реална безбедност“.
„Мислам дека сме отворени за секој конструктивен процес што би го минимизирал насилството, би ја одржал целовитоста на Ирак - интегритетот на земјата - и би го елиминирал присуството на терористичките сили кои се обидуваат да ја растргнат“, рече Кери.
Ова е прв официјален коментар на висок американски функционер за можноста за соработка со Иран, откако исламските радикали презедоа офанзива и зазедоа голем дел од ирачката територија.
Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама дома е соочена со многу критики заради случувањата во Ирак. Од една страна, републиканците сметаат дека за новото насилство е одговорно пребрзото повлекување на мировната мисија од оваа земја и недоволната поддршка на новата ирачка власт. Од друга страна, серија аналитичари го повикуваат Обама да не биде вовлечен во решавањето на Трета ирачка криза, во која повторно би биле доведени во опасност животите на американски граѓани.