Добивај вести на Viber
Последниот извештај на ООН, каде Македонија од сите земји од регионот е посочена како најнеатрактивна за инвестирање само ги потврди констатициите на домашната експертска јавност дека Македонија е ризична земја за инвестирање.
Во Македонија од 1993-та година наваму, значи за речиси 20 години влегле вкупно нешто повеќе од 3,3 милијарди евра странски капитал. Оваа бројка е повеќе од поразителна. Загрижува фактот што ниту една Влада досега не успеа да го пронајде рецептот за привлекување на директни странски инвестиции.
Владата предводена од премиерот Никола Груевски во обид да привлече што повеќе странски инвеститори презеде серија мерки од патувачки шоу-а до економски промотори, се потрошија милиони евра, но инвестициите издишаа како балонот „Инвестирајте во Македонија“.
Правната несигурност и нетранспарентни тендери се пречка за влез на инвеститорите
За домашната експертска јавност има многу причини зошто Македонија не успева да привлече директни странски инвестиции. Последниот извештај на ООН кој рангиаше земјата на последното место од сите земји во регионот како најнеатрактивна дестинација за странски инвеститори за експертите само ги потрвдил нивните констатации.
„ Политичката стабилност е нарушена. Меѓуетничните односи не се на ниво на кое што треба да бидат, само до пред извесно време имавме сериозни инциденти. Социјалната стабилност е исто така нарушена, ако се има в предвид дека третина од граѓаните живеат во сиромаштија, а голема е бројката и на невработени. Ваквите збиднувања битно влијаат врз обемот на инвестиции и на домашни и на странски инвестиции кои пак се клучниот двигател на економскиот раст“, вели професорот на економскиот факултет при УКИМ, Предраг Трпески.
Македонија треба да работи на обезбедување на политичка и економска сигурност за странските инвеститори, додаваат експертите.
„Ефикасноста на судскиот систем, Корупцијата, квалитетот на институциите тоа се одредени фактори кои ги прават самите инвеститори да се чуствваат сигурни. Доколку истите се на многу ниско ниво, сметам дека и покрај роад шоута нема да вродат со плод. Доколку ги подобриме овие парамети тогаш и самите инвеститори ќе се чуствуваат посигурни за да својот капитал го вложат во нашата земја“, вели Шенај Хаџимустафа, професоркта на универзитетот на ЈИЕ.
Инвеститори: Законите да не стојат само на хартија, туку да се применуваат
Странските инвеститори кои веќе се присутни во Македонија постојано инсистираат законите кои ги имаме да не стојат само на хартија, туку и практично да се применат. Дека нешто не е како што треба најдобро говорат резултатите од анкетата која неодамна ја спроведе Македонско - германското здружение меѓу нивните 170 нивни членки.
„Со други зборови што ќе ни придонесат најниските даноци ако државата не го враќа ДДВ-то, што ќе ни донесе и тоа некој да добие регистрација во Централниот регистар или во Судот за четири часа или да добие струја за еден час, ако чека една година за некоја регулатива поврзана со имотите“, изјави неодамна Михаел Шмит, член на УО на Македонско-германското здружение.
Македонија можеби е добро место за инвестирање бидејќи има ниски даноци, но тешката наплата на долговите, бавната администрација, лошата инфраструктура и несоодветното применување на законската регулатива се работи што им пречат на странските инвеститори.
Македонија последна, Хрватска прва по странски инвестиции во 2012 година
Според податоците од годишниот извештај на Конференцијата за развој на Обединети нации (УНЦТАД) Македонија е на последно место по странските инвестиции за 2012 година од земјите во регионот. Кампањите на владата да привлече странски инвестиции не и помогнаа да се одлепи од дното на списокот на земјите во регионот по бројката на странските инвестиции. Извештајот на Конференцијата на ООН за развој (UNCTAD) покажува дека на прво место во регионот според странски инвестиции е Хрватска во која во 2012 се вложени 1,25 милијарди долари а на последно е Македонија во која истата година дошле 135 милиони долари или речиси десет пати помалку од странските директни инвестиции во Хрватска. По Хрватска како успешна фигурира и Албанија која во 2012 година успеала да привлече 957 милиони долари а во споредба со Македонија не е лоша ниту Босна и Херцеговина со 633 милиона. Како успешна во рамките на регионот се вброи и Црна Гора со 609 милиона долара во 2012. Србија која до скоро и беше најак конкурент на Хрватска падна на листата со само 352 милиона долара директни странски инвестиции. Косово со 298 милиона долара е на 134 место на листата на UNCTAD на која Македонија може да се види дури на 153 позиција.
Странски инвестиции по месеци во 2013 година
I 35,4 милиони евра
II 24,2 милиони евра
III 20,1 милиони евра
IV -2,7 милиони евра
V 28,5 милиони евра
Извор: НБРМ
И.М