Добивај вести на Viber
МВР поднесе кривична пријава за несовесно работење во службата за полицајка на која и недостасувала автоматска пушка во магацинот за оружје во полициската станица Карпош.
„На 31.12.2024, комисија формирана за вршење годишен попис во ЕВР Карпош извршила попис и броење на оружјето во магацините за оружје, за кои била задолжена полициската службеничка А.Д.. По извршениот попис, било констатирано дека недостасува една автоматска пушка од главниот магацин за оружје во Полициската станица Карпош, сопственост на Министерството за внатрешни работи. Исто така, на 11.01.2025 повторно била извршена контрола во магацинските простории во Полициската станица Карпош во присуство на раководните полициски службеници во станицата и од Одделот за внатрешна контрола, при што повторно било констатирано дека недостасувала една автоматска пушка и дека пристап до клучот за магацинот имала само ракувачот со материјално -технички средства на Полициската станица Карпош, пријавената А.Д.. Со овие дејствија пријавената го сторила делото за кое е поднесена пријавата“, објави МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и полициската службеничка ќе биде суспендирана од своето работно место до завршување на дисциплинската постапка.