На трговците им се исплати да поскапуваат и да повлекуваат производи - добиле казни од само 300.000 евра
Објавено во: Економија 14 Септември, 2023
Државниот пазарен инспекторат напишал казни од околу 300.000 евра за трговците кои не го почитувале воведувањето на замрзнатите цени во првото полугодие од оваа година. Од целокупното работење на инспекторатот, во овој период доминираат казните од Законот за трговија, а според она што е напишано во полугодишниот извештај за 2023, од јануари до крајот на јуни доминираат глобите за маркетите кои не ги намалиле цените според Законот за трговија.
Од 17.450.710 одредена збирна казна, трговците веднаш платиле 539 издадени налози во висина од 5.827.413 денари. Висината на глобите од 300.000 евра за малопродажниот сектор во овој период е поголем во однос на првото полугодие лани, кога Владата исто така пропишуваше највисоки цени за одредени производи, а ДПИ тогаш напишал казни од 210.000 евра. Покрај тоа, инфлацијата започна да галопира оваа година, така што се очекуваше санкциите да бидат во многу поголем размери.
Најмногу контрола во првите шест месеци од годината се вршело на цените на лебот, доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперки, грав,
леќа, банани, портокали, мандарини, лимони, тоалетна хартија, влажни марамчиња, пелени и
хигиенски влошки, како и на тоа дали имало калкулирање со повлекување на овие производи. Ова е евидентирано во полугодишниот извештај.
Главен акцент во работењето на пазарниот инспекторат бил ставен на проверката на замрзнатите цени, но и на тоа дали се точи алкохол на јуниор забави, дали се почитуваат новите правила со сезонските попусти, дали се пуши во обложувалници и со каков квалитет се точи гориво, каде што сепак изречените парични казни биле помали збирно.
Директорот на ДПИ, Горан Трајковски, вчера најави дека во наредниот период ќе следи измена на дел од законите кои се во надлежност на инспекторатот, со цел да се зголеми ефикасноста и ефективноста на надзорите, а од Владата најавија дека од следната недела ќе има ново замрзнување на цените и забрана за продажба со акции и промоции.
„Следејќи ги цените, порастот на инфлацијата, и реакциите на граѓаните за високите цени на производите, потенцираме дека како институција немаме надлежност ниту пак можеме да влијаеме врз формирањето на цените на производите. Цените ги формираат трговците по своја волја и утврдени практики. Од утврденото, може да се заклучи дека цените на прехранбените производи се високи и ако Владата по предлог на Министерството за економија, донесе Одлуки во врска со намалување на цените, пазарниот инспекторат ќе постапува кај сите субјекти, без селекција и без компромис како и до сега“, изјави Трајковски.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.