Добивај вести на Viber
На 18 и 19 април истекува рокот до кога заинтересираните компании треба да достават понуди за купување на некогашните гиганти Охис и Еурокомпозит. Тогаш ќе биде и јавното наддавање на кое се очекува конечно да се најде спас за популарно наречаната загубарска двојка, чии загуби се уште се покриваат од државната каса.
За ОХИС ова е десетти обид да се најде инвеститор што ќе ги купи акциите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кои се вкупно 1.4767.172. Фабриката се продава заедно со 790 вработени, но и со обврски од околу 21,6 милиони евра. Според условите на јавниот повик, инвеститорот ќе има обврска во период од пет години да ја задржи индустриската дејност, но и вкупниот број вработени. Во истиот период треба да реализира и нови инвестиции, а за три години да овозможи нови вработувања.
Владата ги продава и своите акции во загубарот Еурокомпозит од Прилеп. Се продаваат вкупно 3.708.038 акции, или треба да следи целосна продажба на компанијата во која државата е доминантен сопственик . Доколку се најде инвеститор, тој има обврска да ја задржи дејноста во рок од три години, период во кон не смее да ги отпушти 385-те вработени.
Компанијата се продава со долг од 2,77 милиони евра, евидентирани во 2011 година. Отворањето на понудите за Еурокомпозит е на 18 април.
Министерот за економија Сараќини, неодамна изјави дека е оптимист оти овој пат ќе се најде стратешки инвеститор за загубарите.
„Интерес генерално постои за сите овие фирми, барем поаѓајќи од интересот за добивање на податоци, како и директни посети од страна на заинтересирани инвеститори. За ОХИС официјално е заинтересирана компанијата Алкот Груп, со седиште во Швајцарија. За Еурокомпозит АД Прилеп, пак, досега интерес пројавија компании од Велика Британија, САД, Турција и Литванија“ изјави
министерот за економија Ваљон Сараќини.
Неизевесно е кога ќе има тендер за продажба на Емо и Тутунски комбимат од Прилеп
Според Сараќини интерес постоело и за купување на ЕМО од Охрид од компании од Италија, Србија и Турција, и тоа за купување на поодделни фабрики кои работат во состав на ЕМО, а имало интерес и од страна на една домашна компанија за закуп на една од фабриките во состав на друштвото, иако досега ниту еден посериозен чекор од овие компании не е направен.
Во меѓувреме Владата донесе пакет мерки за спас на некогашниот најголем електроиндустриски капацитет во земјава, според кој, компанијата требаше да се реорганизира, со оптимален број вработени, подмирување на долговите на најголемите доверители и потенцијални странски инвеститори.. Државата има 42 отсто учество во капиталот на охридски ЕМО, кој досега помина пет неуспешни обиди за продажба.
Неизвесна е судбината и на Тутунскиот комбинат од Прилеп, компанија која има сериозни финансики проблеми и која лани регистрира загуба од неверојатни 11,5 милиони евра.
Но, за овие два загубари, Владата се уште нема објавено тендер за продажба. Последниот кој заврши неуспешно беше во 2010 година..
Врие кај работниците на загубарите
Со години наназад социјални немири ги тресат загубарите. Вработените постојано протестираат поради неисплатени плати. Во прилепски Еурокомпозит, деновиве работниците не се на работа бидејќи немаат земено три плати а не им се платени ни придонеси. Тие веќе побараа средба со владини министри и решавање на нивната голгота.
Лани пак, протестот на работниците од Охис стигна и пред Владата поради 14 неисплатени плати, од кои дури осум им се заостанати уште од 2008 година. Протестот заврши неуспешно, а додека да се најдат странски газди, работниците од четирите загубари ќе останат само бројка која заводот за статистика секој месец ја регистрира како статистички податок на работници кои не примиле плата.
С.Н.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.